Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема » Што се тоа урагани и како настануваат

Што се тоа урагани и како настануваат

3.11.2012

Каква е таа ураганска катастрофа која го разори и парализира целиот источен брег на САД? Што се тоа урагани и како настануваат?
Ураганот „Сенди“ погоди многу американски градови на Источниот брег. Најживиот град на светот, Њујорк, беше опустошен, а добар дел од Менхетен поплавен. Во несреќата која се претвори во огромна драма, загинаа десетици лица, додека градовите како Атлантик Сити претрпеа големи оштетувања, многу од нив станаа поплавени, а околу 6 милиони луѓе останаа без струја. Ураганот „Сенди“ дојде од југ и наеднаш се зголеми приближувајќи се кон Њујорк и претварајќи се во најголемата олуја во овој дел во последните 100 години. Но, што всушност се случило? За каква олуја станува збор? Што се тоа урагани и како настануваат?

Понекогаш се случува над морето да настанат огромни вртлози на воздухот, широки околу стотина километри. Тоа се таканаречени вртложни системи на ветрови кои многу влијаат на климата. Кога воздухот „се врти“ околу областите со низок притисок, системот на таквите вртложни ветрови се нарекува циклон, затоа што циклонот всушност претставува подрачје со низок притисок. Циклоните од морето преминуваат на копното патувајќи се додека не ја изгубат силата. Во нашите краеви нивниот пречник е меѓу 1000 и 4000 километри, но не се вртат премногу брзо, така што не нанесуваат огромна штета, освен што носат дождови.

Воздухот може да ротира и околу области со висок воздушен притисок, а тој систем на ветрови се нарекува антициклон. Но антициклоните се помали и побавни од циклоните. Распоредот на циклоните и антициклоните во атмосферата е многу сложен и зависи од температурата на воздухот. Топлиот воздух има понизок притисок од ладниот. Обичната промаја во станот се јавува затоа што прозорците од едната страна на зградата се секогаш повеќе загреани од другата страна. Ако прозорците се отворат, воздухот почнува да струи низ станот, од ладната кон топлата страна на зградата. Таквиот краткотраен ветер го нарекуваме промаја.

Урагани и тајфуни

Во топлите тропски области, циклоните се со прилично помал пречник (100-500 км), но се движат брзо (100-250 км/ч) . Тие уште се нарекуваат и тропски циклони и предизвикуваат драматични климатски ефекти. Обично настануваат над океанот и се движат кон брегот. Ветерот спирално ротира кон средината на тропскиот циклон, а поради својата брзина може да има разорни последици. Интересно е дека тропските циклони имааат различни имиња во различни делови на светот. На Пацификот, тропските циклони се нарекуваат тајфуни, додека на Карибите се нарекуваат урагани. Иако се мисли дека тоа се различни ветрови, ураганите и тајфуните не се разликуваат. Во секој случај движењето на сите тропски циклони се следат сателитски, со помош на радарите во метеоролошките станици. Од 1950 година се корисити интернационална класификација спрема разорната моќ по која ураганите се делат на пет категории. Некои од најсилните урагани од петтата категорија останале долго запаметени. Познат е ураганот „Камил“ во 1969 година, кој се движел околу областа на Мексиканскиот Залив, како и ураганот „Ендрју“ од 1992 година кој ја погодил Флорида.

Ветерот, било тој да е промаја или циклон, претставува само струење на воздухот. Тој настаува поради разликите во воздушниот притисок. Од некоја причина воздухот секогаш струи од области со висок кон области со низок притисок. Но тоа воопшто не е чудно. Во природата има многу појави кои се одвиваат на сличен начин: електричната струја се движи од висок кон низок електричен потенцијал, реките течат од повисоки надморски височини кон пониски, а воздухот струи од високиот кон понискиот притисок. Местата во атмосферата каде е висок притисокот метролозите го нарекуваат антициклон, додека областите со низок притисок ги нарекуваат циклони. Значи ветерот секогаш се движи од антициклони кон циклони.

Најразорните последици кои ги направил еден ветер, била тропската олуја „Катрина“ чија брзина била поголема од 260 километри на час и која за овие години го уништила градот Њу Орлеанс. Оваа олуја во 2005 година ја погодила областа на Мексиканскиот Залив во Америка, а покрај неа во тој период од Атлантикот стигнале и други урагани со голема сила. Овој ветер предизвикал катастрофални последици, смрт на многу луѓе, биле уништени голем број на куќи, а поради таквата несреќа околу илјада луѓе морале да се иселат од Њу Орлеанс. Градот дури ниту после 7 години не може да се опорави од оваа несреќа. Истиот град две недели подоцна го погодил нешто послаб ураган „Рита“, а и на далечниот исток се појавиле уште неколку разорни урагани. Се смета дека „Сенди“ е меѓу „најскапите“ олуи во досегашната историја.

Извор: http://www.b92.net/

Подготвиле: Емилија Митовска и Адријана Стоименовска

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*