Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема » Што е ветер, како се мери и прикажува

Што е ветер, како се мери и прикажува

9.11.2012

Ветерот може да се опише како стурење или циркулација на воздушните маси. Ветровите често се класифицираат според просторната скала, нивната брзина, причините кои ги предизвикуваат, географските региони во кои тие дуваат и според нивниот ефект. Иако ветерот сам по себе е самостоен временски феномен, но може да се појави и како дел од некоја бура. Ветерот има големо значење за многу процеси и појави во природата, но влијае и врз човековите активности. Во човековата цивилизација, ветерот ја инспирирал митологијата, го променли текот на историјата, го проширил ланецот на транспорт и овозможил извор на струја за механичка работа, електрична енергија и за рекреација. Според времетраењето ветровите ги делиме на постојани, периодични и локални. Ветровите во Република Македонија се честа појава, особено во зимскиот пе­ри­од. Сепак, тие не се толку силни како во другите делови на Европа и Светот. Врз појавата, правецот и силата на ветровите најмногу влијае релјефот. Најпознати ветрови се вардарецот и југот. Вардарецот е сув и студен ветер кој дува од север кон југ, нај­често во зимскиот период.

Ветерот е одреден кога му се одредени правецот и брзината, односно јачината. Правецот на ветерот се одредува спрема страните на светот, а брзината се изразува во метри/секунда или километри/час. Мерка за јачина на ветерот е силината со која тој дејствува на разни предмети во природа (таква мерка е и Бофоровата скала). Инструментите за мерење на ветерот, со општо име се нарекуваат ветрометри или анемометри и можат да се поделат на две групи:

– Инструменти кои го покажуваат правецот, брзината на ветерот или и двете компоненти;
– Инструменти кои непрекинато ги бележат вредностите за правецот и (или) брзината.

Од првата група мерни инструменти, најчесто се употребуваат: крила за правец на ветерот; ветрокази и анемометри. Ветроказите се користат за одредување на правецот и брзината на ветерот во близина на земјината површина. Иако по конструкција се доста едноставни, можат да бидат така изработени што ќе покажуваат и сосема мали движења на воздушните маси. Има повеќе видови ветрокази:

– Вилдовиот ветроказ
– Бродскиот ветроказ
– Рачниот ветроказ
– Третјаковиот ветроказ
– Максималниот ветроказ  и др.

Поради едноставната изведба, во нашите метеоролошки станици најзастапен е Вилдовиот ветроказ. Тој ги покажува правецот и брзината на ветерот, но исто така (индиректно) и слаповитоста, максималната брзина на ветерот во одреден период и др. Ветроказот се поставува на височина од 6-10 метри над земјината површина, на проветрен простор каде нема некои поголеми препреки кои значително би влијаеле врз движењето на воздушните маси на овој приземен слој. Крилото за правец го покажува моменталниот правец на ветерот, а издигнатоста на металната плочка кон лачната скала, брзината на ветерот (по Бофорова скала).
Други карактеристични инструменти од првата група се вртливите анемометри. Има повеќе видови анемометри:

– Рачен анемометар
– Електричен рачен и далечински аненометар
– Контактен анемометар и др.

Рачниот анемометар ја покажува средната или моменталната брзина (во зависност од изведбата) на ветерот на височина, најчесто до 2 метри над земјината површина. Инаку се состои од 3 (или 4) сверни шупливи лопатки симетрично поставени на металната осовина, и покажувачки дел со броило или стрелка. Под влијание на силата на ветерот, оската со лопатките ротира, а тоа нешто преку соодветен механизам се пренесува на покажувачкиот дел на анемометарот. Во втората група на мерни инструменти спаѓаат анемографите. Тие служат за графичко забележување на големината (јачината) на компонентите на ветерот. Постојат повеќе видови анемографи, меѓутоа, кај нас најчесто се користи Фусовиот анемограф. Тој ги бележи правецот на ветерот, како и средната и моменталната брзина на воздушните маси. Резултатите се бележат на анемограм, од каде понатаму соодветно се анализираат. При непостоење на инструменти за мерење на јачината на ветерот, може да се користи и описната Бофорова скала, конструирана од Ирскиот хидрограф Френсис Бофор, во 1805 год.

Податоците за честина на ветерот по одделни правци, како и неговата брзина, се внесуваат во извештаи. Понатаму, во зависност од потребите следи нивна обработка.  Годишните честини и средните брзини на ветерот, по различни правци, може да се изразат и графички, со помош на ружа на ветрови. На ружата на ветерот, најчесто се нанесени 8 правци иако може да се состои и од 16, 32 или 36 правци. Должината на кракот од ружата во одреден правец, зависи од честината на ветерот, или пак од неговата брзина. Всушност, таа се конструира така што односот на должината на краците по различни правци, е пропорционален со честината или брзината на ветерот (посебно се конструираат ружи за честина, а посебно ружи за брзина на ветерот). Ружата на ветерот се изработува за бројот на јавување на ветерот од дадена насока во промили, каде што 1000 промили е вкупниот број на сите насоки на ветерот и тишините, набљудувани во текот на целиот период, во 7, 14 и 21 часот. При тоа, за месеците со 31 ден, вкупниот збир на сите насоки наветерот и тишините изнесува 93, за месеците со 30 дена 90, за месец февруари 84, односно 87 за престапните години. Збирот на појавите на ветер по одредена насока, како и појавата на тишините се претвора во промили по простото тројно правило во кое збирот на набљудувањата на ветерот (насоките на ветерот и тишините) се зема како 1000 промили. Тишините или калмите се добиваат како разлика од збирот на насоките на сите ветрови (во %) до 1000. Вредноста се внесува во кругот на тишината чиј полупречник изнесува 1 см.

За климатолошката обработка на ветерот, од особено значење се:

Среднодневната јачина на ветерот – се одредува како збир на терминските јачини (независно од насоката) поделен со бројот на термините, а се изразува во Бофори.

Среднодневна брзина на ветерот – се добива се добива кога збирот на брзините во термините се дели со три и се изразува во м/с.

Насока на ветерот – се означува со меѓународни ознаки, при што се земени почетните букви од англиските имиња на страните на светот (според графичкиот приказ на ружите на ветер). Насоката на ветерот укажува за доминантното струење на ветерот во одреден правец.

Зачестеност на ветерот – претставува број на јавувања на ветерот од дадената насока во проценти, каде што за 100 % се зема вкупниот број на сите насоки на ветерот и тишините набљудувани во целиот период (7, 14 и 21 часот). За месеците со 31 ден, вкупниот збир на сите насоки на ветерот и тишини, треба да изнесува 93, за месеците со 30 дена 90, а за февруари 84 односно 87 за престапните години.

Средната брзина на ветерот – се добива кога ќе се подели сумата на брзини со сумата на честини на насоките за секоја поединечна насока.

Извор: Зиков М., Милевски И. (2001). Практикум по климатологија, Скопје

Подготвил: д-р Ивица Милевски

 

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*