10-те можеби најубави високи врвови во Република Македонија

18.11.2011. Автор на текстот: д-р Ивица Милевски

Поглед од Голем Кораб кон Албанија

Слободно може да се каже дека Република Македонија е планинска земја со околу 40 планини од кои 12 повисоки од 2000 метри. Ниту една држава во Европа, нема толкав број на самостојни планински целини и планински масиви во однос на својата површина. На сите овие планини има околу 260 интересни и впечатливи планински врвови, од кои 85 над 2000 метри. Меѓу нив, посебно се истакнуваат 10-те врвови наведени во текстот, од кои некои се и меѓу највисоките во нашата држава.

Голем Кораб (2753 m) е највисок врв на планината Кораб, а воедно и највисок врв во Република Македонија. Врвот се наоѓа во северниот дел на планината, на границата со Република Албанија. Врвот е доста стрмен, особено кон албанската страна и изграден од тријаски варовници. Поради големата височина, во близина и во подножјето се

Северната страна на Турчин и долината на Пена

јавуваат траги од плеистоцена глацијација: циркови, валови, морени и др. Под врвот извира Длабока Река (десна притока на Радика), на која се наоѓа водопадот Пројфел висок 133 m.

Титов Врв (2747 m), уште е познат како Турчин или Шар и е меѓу најубавите, а воедно и највисок врв на Шар Планина и втор по височина во Република Македонија. Изграден е од мезозојски варовници, доста распукани и оголени. Инаку има пирамидална форма. Околу самиот врв, поради силното мразно разорување се јавуваат камени реки и сипари. Северозападно од врвот е изворот на реката Пена кон која се протега преубав видик, а јужно се наоѓаат неколку глацијални езера меѓу кои најинтересни се Белото и Боговинското.

Врвот Пелистер (десно)

Пелистер (2601 m) е највисокиот врв на планината Баба, а се наоѓа во нејзиниот северен дел. Месното население целата планина ја нарекува Пелистер. Врвот е најдоминантен во овој дел на Република Македонија. Инаку изграден е од гранитни карпи и палеозојски шкрилци. Оголен е, а поради мразното разорување е интензивен процесот на распаѓање на карпите. Интересни се појавите на мориња од карпи кои се јавуваат под самиот врв. Поради специфичната положба нуди широк и прекрасен панорамски видик, а од јужната страна, под Пелистер е убавото глацијално Мало Езеро.

Солунска Глава (2540 m) е највисокиот врв на планината Јакупица. Тој е остар (со конусен изглед), карпест и карстифициран. Од врвот може да се гледа поголемиот дел од територијата на Република Македонија, а за многу ведро време, според кажувањата се гледа дури до Солунскиот Залив. Поради својата положба и доминантност, Солунска Глава има стратешко значење за нашата држава. На самиот врв и во неговото подножје има неколку огромни пропасти – најдлабоки во Македонија. На југоисточната страна, се јавува амфитеатрален отсек длабок скоро 1000 м, во чие подножје е изворот на реката Бабуна.

Кајмакчалан (2520 m) е највисок врв на планината Ниџе. Просторно се наоѓа во средишниот дел на планината, на самата граница со Република Грција. Врвот е оголен, стрмен посебно кон долината на Коњарка на север и релативно пристапен, бидејќи до него води макадамски пат кој започнува кај с. Скочивир. На самиот врв има црква, гробница и неколку други помали објекти како обележја од Првата Светска војна. Во близина има интересни денудациски форми, а северно се воочливи траги од еден поголем цирк.

Голем Крчин (2341 m) е највисок врв на планината Крчин. Се наоѓа во северниот дел на планината, над селото Ростуше, на границата со Република Албанија. Врвот е стрмен, оголен и карпест, бидејќи е подложен на силно температурно и мразно разорување. Под врвот е извориштето на Ростушка Река на која има повеќе импресивни водопади.

Црни Врв (2257 m) е највисок врв на планината Јабланица. Се наоѓа во средишниот дел на планината, над селото Вевчани. Врвот е остар, многу интересен и со широк панорамски видик, особено кон Охридското Езеро. Во подножјето на врвот е убавото Вевчанско глацијално Езеро. Поради мразното разорување, по страните на врвот се јавува распаднат карпест материјал-камени реки и сипари.

Магаро (2254 m) е трет по височина врв на планината Галичица (највисок е Плаја е Пусит, 2288 m) и втор на територијата на Република Македонија, по врвот Кота (2265 m). Врвот е доста убав, релативно стрмен, посебно кон западната страна и изграден од тријаски варовници. Од него има прекрасен видик кон Охридското Езеро на запад и Преспанското Езеро на исток. Околу врвот има интересни форми на карстна ерозија, периглацијални појави и фосилни глацијални форми: 2 цирка, валов и морени.

На врвот Зелен Брег

Зелен Брег (2166 m) е највисок врв на планината Кожуф. Се наоѓа во средишниот дел на планината, југоисточно од с. Конопиште (Кавадаречко). Врвот е заоблен, лесно пристапен и покриен со високопланински пасишта. Северно од него е изворот на реката Дошница – лева притока на Бошава. Кон југ се протега одличен и восхитувачки панорамски видик кон острите ограноци на Кожуф и кон Солунско Поле.

Меденица (2163 m), е највисокиот врв на планината Бистра. Се наоѓа во нејзиниот западен дел, над селото Галичник. Изграден е од тријаски варовници, како и целиот највисок дел од планината. Врвот е остар, а од неговата источна страна се протегаат неколку мали цирка и карстни полиња. До врвот најлесно се доаѓа преку преминот Церовец.

д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 106810 пати!

6 thoughts on “10-те можеби најубави високи врвови во Република Македонија

  1. Go zaboravate najubaviot,istoriskiot za planinarenjeto,ne samo za Makedonija,vozbuden i ocaran od gletkata sto muse pruzila od vrvot,prviot planinar germanskiot naucnik Grizebah vo dalecnata 1838 godina,a toa e LJ U B O T E N

  2. Planinskiot vrv Ljuboten na Shar Planina e daleku polichen i pointeresen za planinarite i ljubitelite na prirodata od mnogute goreposocheni vrvovi.
    Nejse, verojatno avtorot na statijata ce najde prostor da go vmetne vo nekoe sledno pisanie. ;)

  3. Конечно и Македонија да може да се пофали со нешто современо што вреди. Навистина, пофалби и за порталот и за конкретнава статија. Не само што содржината е интересна и е така лесна за читање, туку и јазикот е стандарден македонски, без (фала му на Бога) оние ужасни грешки што секојдневно се среќаваат на интернет а поради кои веднаш и самиот текст станува одбивен за читање, без разлика колку е интересна содржината. Ви благодарам д-р Милевски.

    И да, секако, најубавото е што станува збор за Македонија, а не за Америка, и за копирани текстови од англиски, а сепак, ретко кој од нас навистина ја познава земјава.

  4. Никогаш, никаде не се споменува врвот на Илинска планина, од каде постои единствена можност за поглед на двете најголеми природни езера во Македонија…

  5. За Празников тргнуваме кон Меденица од х. НЕДА во Галичник. Пред неа има еден фантастичен врв 2061м Говедарник. Инаку, траекторијата е Царевец Царева чешма), а не Церовец. Мала прецизност

  6. Prijatele… Ne si smell da go propustis Ljuboten.
    Ubedlivo najubav planinski vrv vo Makedonija

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *