Учебничиња и УЧЕБНИЦИ?

30.11.2012

Големо е моето почитување кон националната институција Министерство за образование и наука на Република Македонија и позицијата Министер за образование и наука. Токму затоа, почувствував потреба за ова мое медиумско обраќање. Имено, неодамна, во повеќе наврати низ разни медиуми, наголемо и во рекламна смисла се најави повлекување од употреба на актуелните учебници во основното и средното образование во Република Македонија и нивна замена со наводно соодветни учебници кои ќе бидат преземени од Велика Британија и преведени на Македонски јазик.
Се може да се прави и направи, но дали тоа ќе биде соодветно и целисходно. Прво што помислувам и толкувам како граѓанин, а потоа како автор на поголем број книги е дека со таков став и пристап се понижува сопствената, односно македонската интелигенција и македонските институции во кои е школувана истата. Ова од причини што станува збор за дела кои се наменети за чисто и исклучиво образовни и воспитни цели, така што самопонижувачки е да се смета дека во Република Македонија нема соодветен кадровски потенцијал да напише учебник и учебни помагала од фундаменталните науки (биологија, географија, математика, физика, хемија или било кој друг наставно образовен предмет (друго прашање се учебниците по странски јазици)) во услови кога на конкурсите за учебници за една образовна програма се појавува конкуренција од најмалку пет автори. Ракописите се подготвени според претходно утврдена и донесена програма за секој наставен предмет посебно, потоа анонимни рецензентски комисии со денови и недели разгледуваат, оценуваат и ги избираат најсоодветните ракописи.
Стои фактот дека некои незадоволни (неизбрани) автори или разни поединци и групи од разни побуди пуштаат одредени тези, како, во тој и тој учебник нешто е неточно, нешто е недоволно методски или дидактички прикажано, до шеми кои имаат политички и антинационален карактер.
Меѓутоа, во контекстот на ова, како универзитетски професор, автор на голем број изданија кои се користат во сите свери на образовниот процес во Република Македонија, неможам да премолчам а да не кажам дека Министерството за образование и наука на Република Македонија и институцијата министер како сериозни државни институции не треба да дозволат да бидат злоупотребени од критизерски насочени поединци и групи.
Македонската интелигенција, како и за други работи, можеби ќе ги крене рамениците и со реченицата при сила нема правина ќе премолчи, но тоа незначи дека интимно ќе биде задоволна, бидејќи меѓуколегијално наголемо се дискутира за дискриминација на сопствениот кадровски потенцијал кој наместо да се потпомага и поттикнува се повеќе се става во ќош.
Каква е доследноста? Минатата година со декрет имаше забрана за користење на квалитетни учебни помагала (работни тетратки, неми карти, разни инструменти и сл.) со мошне строг пристап на инспекциските служби, а оваа година со решение на Министерството за образование и наука на Република Македонија бр. 11-3095/5 од 27.07.2012 година се одобрува употреба на неми карти по предметот географија за седмо, осмо и деветто одделение, каде „поради големиот квалитет“ не постои автор, а во предговорот стои од авторите. Картите и дидактичкиот материјал се срам за географската и картографската наука и настава.
Случајов го спомнав многу недраго и убеден сум дека во истиот Министерството и министерот се злоупотребени и со давањето одобрување и со притисоците што скриените автори ги вршат врз наставниците од географија да ги тераат учениците да купуваат вакви никакви изданија при толку развиена картографска и печатарска техника.
Сето ова го напишав со една цел, да не ја нервираме и понижуваме сопствената интелигенција, да не иритираме поголем дел од народот и така да предизвикуваме повеќе противници отколку приврзаници.

Проф. д-р Благоја Маркоски

Оваа статија е прочитана 7114 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.