Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема » Некои состојби, можности и перспективи на земјоделството во Р. Македонија

Некои состојби, можности и перспективи на земјоделството во Р. Македонија

7.12.2012

Земјоделството низ историјата се јавува како основа на цивилизацијата и напредокот на човештвото. Земјоделството, вршејќи ја основната функција за човекот и неговото преживување, низ самите општествени и историо – географски етапи, аналогно се преобразувало и моделирало, создавајќи комплементарна функционалност во општествените врски. Во поновата историја, земјоделството ја губи примарната вредност, во полза на индустријата и сообраќајот, меѓутоа неговата функција во корелација со примарните потреби на човештвото останале.

Низ етапите на раст и развој на човештвото, и аналогното зголемување на бројот на население (кое се поклопува со губењето на примарната стопанска вредност на аграрот), се јавуваат основните теории за можностите за населување на Земјата (оптимумот, во корелација со аграрните потенцијали за прехрана, од кои, најпозната е теоријата на Роберт Малтус). И во актуелното, модерно време, на база на поранешните искуства и сите проценки и проекции, повторно се создаваат пресметки за можноста за аграрна зафатеност, просторно – популациските капацитети и можноста за создавање на баланс меѓу основните потреби и можностите, на вкупно, светско ниво. Општо кажано, проблемите со храната, кои потекнуваат од познатите демографски трендови, со значајни културно – општествени афинитети, претставуваат значаен егзистенцијален предизвик на кој треба да се обрати внимание.

Претставувајќи светски проблем, од клучно значење е потребата и можноста за анализа на аграрните потенцијали на регионално и локално ниво. Од наши аспекти, од клучен интерес е состојбата и можностите за аграрна функционалност на Република Македонија.

Кога станува збор за земјоделството една од карактеристиките која е неминовно сврзана за истото и воедно претставува негова основа е земјишниот фонд, односно земјоделското земјиште.  Примарната или првенствената негова намена и функција се состои во тоа што истото преставува природна средина која пак,  преку своите можности и потенцијали и во зависност од потребата на човекот се користи за земјоделско производство.

Исто така, ако земеме предвид повеќе работи и фактори може слободно да се констатира  дека земјоделското земјиште претставува ограничен ресурс во светски рамки и поради тоа може истото се означува како мошне значајно природно богатство. Понатаму, земјоделското земјиште се означува како категоријата со трајни природни вредности и затоа потребна е заложба истите да бидат максимално оценети и оптимално искористени.

Мошне значајно е да се прави разлика помеѓу поимот земјиште како целина и земјоделско земјиште. Имено, земјоделско земјиште претставуваат, односно се означуваат сите ораници, бавчи, овошни градини, лозја, ливади, пасишта и сл. Поради сето ова, од исклучително значење е правилната намена и искористување на земјоделското земјиште.

Во прилог на тоа оди и фактот што населението во светски рамки се зголемува, а од друга страна просторот на земјата е ограничен, така што логично се доаѓа до заклучок дека неопходно е рационално искористување на земјоделското земјиште.

Оттука, во минатото па и денес се прават напори преку низа на мерки да се прошири земјишниот фонд, во услови кога земјоделските производи стануваат се позначајни и понеопходни. Исто така, голем дел на земјоделски површини, односно земјоделско земјиште се пренаменува за други цели и со тоа истото ја губи својата првенствена и најзначајна намена. Како причина за ова се наведуваат индустријализацијата и сè понагласената урбанизација.

Кога е во прашање сликата за Република Македонија, потребно и неопходно е да се напоменат неколку значајни работи. Имено, нашата држава бележи намалување на земјоделското земјиште во последните неколку децении. Тоа се должи, како што напоменавме погоре, на непланската индустријализација и сè понагласената урбанизација, а општо е познато дека градењето на ваквите површини чини помалку средства.

Понатаму, може слободно да се истакне дека државата располага со прифатлива бројка на земјоделско земјиште кое пак, би можело да ги задоволи потребите кои се јавуваат. Меѓутоа, како што е напоменато погоре, земјоделското земјиште бележи пад во услови кога земјоделските производи се сè позначајни. Тука колку за споредба би спомнале  во 1960-та земјоделското земјиште изнесувало 1 540 000 ха, од кои на обработливата површина и припаѓале 715 000 ха, додека, пак, во 2004 година, земјоделските површини зафаќале 1 265 000 ха, од кои на обработливата површина и припаѓале 560 000 ха.

Поради сето ова, сметаме дека потребно е да се интензивира земјоделското производство, односно обработливоста на земјоделските површини во оптимални граници. Оваа мислење, пред се, се потпира на потенцијалите и можностите со кои располага земјата, а секако дека тука се вбројуваат потребата, значењето и неопходноста од земјоделски производи, односно храна. Но за да се оствари сево ова, исто така, потребно е да се создадат соодветни услови и да се превземат соодвети мерки.

Исто така, тука значајно е да се напомене и населението, односно демографскиот фактор. Населението како фактор за земјоделството игра мошне значајна улога. Тука би спомнале неколку карактеристики кои се важни за самото земјоделство. Имено, една од нив е бројното движење на населението кое пак, е мошне важно и истото треба да се следи и да се има предвид од повеќе аспекти. Понатаму, старосната структура на населението освен што е значајна за развојот на земјоделството, таа воедно е значајна и за државата, односно тука се мисли, пред се, на застапеноста на младото население.

Густината на населеност е претставува значаен фактор, заедно со миграционите движења. Имено, во зависност од густината на население зависи планската организација на просторот, пред се, во селските средини. Тука предвид се земаат бројот на населението и големината на селскиот атар, односно обработливата површина. Миграционите движења претставуваат еден од најважните фактори.  Тие имаат големо влијание врз преобразбата на даден простор, и во позитивна и во негативна смисла, а исто така тие се јавуваат како главна причина за деаграризација. Кога ќе се земе ова предвид, може да се истакне дека кај нас овој процес е мошне интензивен, а како фактори за негово одвивање се означуваат индутријализацијата и урбанизацијата. Оттука, познато е дека сè поголем број на села имаат сè помал број на население, а исто така се зголемува бројот на необработени земјоделски површини, во услови кога земјоделските производи, односно храната добиваат голема значајност и неопходност не само кај нас туку и во светски рамки. Токму поради тоа, потребно е преземање на конкретни чекори во делот на популациско-аграрната политика, бидејќи општо познато е дека развиените села имаат мошне голема улога во економскиот развој на која било земја.

Образовната структура како фактор исто така има свое значење. Овој фактор има значајна улога бидејќи придонесува земјоделското население да ги осознае некои важни карактеристики на обработката на земјоделските површини, а воедно преку примена на иновации и современи методи овозможува унапредување и равој на земјоделството.

Факторите кои влијаат на можноста за земјоделска функционалност, како и некои останати детерминанти (демографската распределба на просторот) го сочинуваат преусловот за создавање на можности за аграрна зафатеност. Во прилики на државна координација, односно раководење на земјоделските структури и земјоделските принципи од страна на државата (земјоделство од државен интерес), потребно е креирање на специфична аграрна политика, која максимално ќе ги исполни аграрните потенцијали. Во зависност од некои општествени специфики, државите имаат засебни стратегии и зацртани аграрни политики, со кои ја координираат земјоделската формација.

Конкретно, за Република Македонија, може да се констатира дека, за разлика од минатото (во својство на придружна република во Југословенскиот систем) кога наместо искористување на аграрните потенцијали и креирање на специфична аграрна политика за Република Македонија на федеративно ниво (заедно со покраината Војводина), се индустријализирала (во три значајни етапи) и во голема мера се промениле аграрно – демографските односи и можностите за аграрна зафатеност, повторно се гради специфична аграрна политика, која потекнува од основните принципи на државно субвенционирање, односно финансирање на поединци (физички лица), за обработување на одреден земјоделски простор и производство на конкретна култура, која се наоѓа во редот аграрни производи кои се од интерес да бидат одгледувани. Таквата политика, односно таквите принципи се во оптег во последните неколку години, кои всушност се потребни како основа за зајакнување на аграрно – општествената структурираност, и за понатамошно развивање на национална стратегија, конкретно на ниво на аграрните ресурси и производството на храна.

Од голема важност е синхронизацијата на аграрната политика на Република Македонија со аграрната политика и пристап на Европската Унија, од неколку причини, од кои како најбитни треба да се издвојат: тежнеењето на Република Македонија кон интеграцијата во Европска Унија; учеството во слободните економски врски со земјите членки на Европската Унија и останатите земји од регионот, конкретно на база на трговија со аграрни производи. Таквата поврзаност со Европската Унија гарантира понатамошна соработка и можност за финансиска поткрепа, преку фондовите за рурален развој на Република Македонија и тн.

Покрај останатото, потребно е да се констатира дека, сепак, во аграрната политика на Република Македонија во пракса, постојат извесни пристапни аномалии, кои пред сè произлегуваат од нерамномерноста и застапеноста на субвенционирањата, недоволниот рурална развиеност (пред сè во поглед на инфраструктурата), и друго.

За крај, да се нагласи дека Република Македонија го има аграрниот потенцијал да претставува значаен земјоделски „ентитет“ во иднина, за што е потребно време и доследно следење на зацртаната аграрна политика, во корелација со аграрните систематски ставки од надворешен карактер (регион и Европска Унија) и државната заинтересираност за искористување на аграрниот потенцијал, токму преку форсирањето на аграрот, како главна стопанска гранка за земји како што е нашата, Република Македонија.

 

Извори:

  1. Мијалов, Р. (2008): Аграрна Географија, Селектор, Скопје.
  2. Мијалов Р., Панов Н. (2006): „Селскиот туризам како фактор за развој на руралниот простор во горниот дел од сливното подрачје на реката Бабуна”,  Зборник на трудови – Руралниот простор во новите развојни услови, книга 1, стр. 111-123 , Природно-математички факултет, Охрид
  3. Мијалов, Р. (2000): Промени на аграрната структура во Република Македонија, Зборник од вториот конгрес на географите на Република Македонија, Македонско географско друштво, стр 220-227, Скопје
  4. Мијалов Р. (2005): „Популациски и аграрни проблеми на малите села во Република Македонија и некои мерки за нивна ревитализација”,  Зборник од третиот конгрес на географите во Република Македонија, стр. 255-260 , Македонско географско друштво, Скопје
  5. Мијалов, Р. (1995): Развој и унапредување на земјоделското производство во Република Македонија, Гео. Разг., кн.30, стр.: 41-48, Скопје;
  6. Malthusian and Neo-Malthusian Theories http://www.stanford.edu/~ranabr/Malthusian%20and%20Neo%20Malthusian1%20for%20webpage%20040731.pdf

 

 Автори:

м-р Горан Китевски и Трајче Лазороски

Објавено од:

Од категорија: На тема · Tags: ,

Leave a Reply

*