Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Наставни » Бројни новитети во 11-та верзија на ГИС-софтверот Surfer

Бројни новитети во 11-та верзија на ГИС-софтверот Surfer

18.12.2012

ГИС технологијата станува основна алатка за анализа, прикажување и моделирање на просторните податоци. За таа цел, во последно време се појавија бројни нови софтверски пакети или пак унапредени верзии на веќе постоечките. Меѓу нив, ГИС-софтверот Surfer на американската компанија Golden Software чија прва верзија се појави уште во 1980-тите години, зазема посебно место на пазарот на ГИС производи.
Новиот Surfer v.11 кој излезе неодамна е потполно функционален програмски пакет за тродимензионално моделирање на релјефот. Софистицираниот интерполациски алгоритам ги претвора раштрканите висински точки во релјефен модел со одличен квалитет. Особено е погоден за креирање на контурни, векторски, сенчени, сликовни и 3Д моделни карти на релјефот, како и комбинација (преклопување) на сите наведени прикази. Моќниот работен прозорец и големите можности за вчитување на разни податоци и формати се особено корисни. Дополнителните функции вклучуваат пресметки на волуменот и зготвување на мозаик, филтрирање, вршење на математички пресметки на или помеѓу површините и уште многу други. Најновата верзија на Surfer е изразито погодна за моделирање на теренот, пејсажна визуализација, анализа на релјефот, волуметрија, генерирање на дводимензионални карти и слично. Програмата лесно и брзо врши конверзија на податоците во извонредни контролни модели, 3Д релјефи, 3Д мрежести модели, вектори, слики и засенчани релјефни модели и карти. Практично сите аспекти на картата можат да се прилагодат за да се направи презентација каква што се сака. На тој начин изработката на карти кои имаат квалитет сосема доволен за издавање (печатење) никогаш не била побрза и полесна. Картите на речниот слив автоматски ги пресметуваат и прикажуваат сливовите и речните текови само на основа на дигиталниот модел на релјефот или карта со координати. Можат да се изготвуваат карти на сливови во боја со што ќе се прикажат региони кои припаѓаат на сливот на некоја река, езеро или море. Можен е приказ на сливови на басенот, речните текови или двете содржини заедно. Најновата верзија на Surfer подржува атрубутни податоци за сите објекти. Така може при вчитан shp file вредностите од dbf – от да бидат вчитани за сите атрибути. Можат да се додаваат вредности на атрибутите, да се корегираат и менуваат или да се запишат во нов фајл. Постои и алатка за автоматска изработка на профили на теренот што е нова и многу корисна функција. Како што се менуваат линиите на профилот на картата така тие автоматски се ажурираат. Во новата верзија е и функцијата за напредно менување на границите, кои можат да се креираат и менуваат за да се прикажат податоците на најефикасен начин. Истите можат да се претвораат во површини и обратно. Самите површини можат да се комбинираат во сложена површина каде се заедно групирани и исто обоени или пак може да се подели сложената површина во повеќе раздвоени полигони заради нивно поединечно менување. Со помош на новата алатка за мерење на должени површини истите автоматски се пресметуваат и прикажуваат. Добиените податоци можат едноставно да се префрлат во Excel или во некој сличен програм. Можно е автоматско бришење на површините вон зададени граници. Резолуцијата на картите е зголемена од 1024 пиксели на неверојатни 4096 пиксели! Со тоа е зголемена јасноста и прегледноста на деталите во картата.
Новиот Surfer помага во организирање на податоците во даден слој или леер, што е посебно корисно ако има повеќе слоеви од ист тип. Едитирањето на слоевите на картата е многу полесно кога тие се поединечно именувани. Можно е вклучување на сите категории на картата во класификувани карти со ознаки, а бројот на дозволените класи е зголемен од 30 на 200. Вградена е подршка за меѓународни фонтови и карактери, со што картите можат да се прилагодат на сопствениот јазик. Исто така, станува едноставно дефинирањето на координатниот систем на картата и тоа во било која фаза од нејзината изработка. Додадена е и можноста за прецизно одредување на бојата на симболите, заклучување на објектите, потоа претворање на текстуални податоци во бројки и др. Новиот Surfer 11 има зголемена компатибилност со разни ГИС фајлови (над 10 нови формати).
Сето претходно покажува дека новата верзија на програмскиот пакет Surfer претставува голем исчекор, од софтвер за едноставно моделирање до сестрана ГИС апликација со разновидни примени. Користењето на Surfer не претставува новитет кај нас, бидејќи е користен за бројни апликации и моделирања на теренот на Република Македонија. Меѓутоа, со новиот Surfer v.11 се поедноставува работата на корисникот бидејќи менијата се доста поорганизирани, со лесен пристап до алатките и функциите за нив. Добиените резултати пак, се далеку попрецизни, визуелно повпечатливи, репрезентативни и привлечни.
Инаку употребата на овој програмски пакет се изучува уште од 1990-тите години на Институтот за географија, а во последно време особено детално на насоката ГИС при институтот, на првиот и вториот циклус студии.

Линк до Golden Software и демо верзијата на Surfer 11:
http://www.goldensoftware.com/products/surfer/surfer.shtml

Автори: Милена Маневска & Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4723 пати!

Објавено од:

Од категорија: Наставни

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger