Мистеријата на лизгачките камења во Долината на смртта!

10.1.2013

Таканареченото „Тркалиште“, кое се наоѓа во Долината на смртта (пустиња во западниот дел на САД во државите Калифорнија и Невада) претставува природен феномен и сеуште нерешена мистерија. „Тркалиштето“ е широко 2 км, долго 5 км и се наоѓа на надморска височина од 1200 м. Опкружено е со стрмни ридови од кои посетителот јасно може да види стотици камени блокови расфрлани по зарамнетата пустинска површина. Сите кои го посетуваат овој простор се надеваат дека ќе успеат да го видат движењето на камењата по исушеното езерско дно настанато при последното ледено време на Земјата. Во почетокот на овој век, група студенти од универзитетот во Јеил кампуваше во областа со желба да ја реши тајната на камените блокови. За таа цел поставија бројни сензори во подлогата кои го регистрираа присуството и состојбата на водата. Иако не успеаа во целост, поставија теорија дека при силен ветер камењата се движат преку тенок слој на вода. Сепак се поставува прашањето како е можно на таков начин да се придвижи толкава камена маса. Стручњаците се сложуваат дека камењата не се тркалаат, туку зад сабе оставаат трага како некој да ги турка и тоа трага широка колку и самите камења. Во 1995 година геологот Џорџ Стенли објави дека ветерот и мразот се двете главни причини за тоа движење. Тој тврди дека мразот кој често се создава во вид на тенок покривач во текот на ноќта ја покрива целата рамнина. Ако во исто време дува силен ветер, камените блокови почнуваат да се движат. Меѓутоа, ни тој не даде одговор на прашањето како можат толку големи блокови да се придвижат. Покрај тоа, според некои научници мразот кој се образува преку ноќта е толку тенок што никако неможе да биде подлога за лизгање на чудните камења. Во 1969 година започнало ново проучување од страна на д-р Роберт Шарп од геолошкиот институт кое траело цели 7 години. За тоа  време ги следел промените на бројни фактори како што се: ветер, вода, мраз, воздух, големина на камењата, температура и составот на подлогата на дното на езерото. Избрал 25 камени блокови со различна тежина од оние полесни од 1 кг па до такви тешки речиси половина тон. Дополнително обележал уште 5 блокови, па вкупниот број изнесувал 30. Од тие 30 блокови 28 го промениле своето место, а еден поминал растојание од дури 262 м. Сето тоа се случило за период од 7 години. Интересно е што еден мал камен блок се поместил цели 200 м во еден циклус. Камењата главно се придвижувале за врема на зимски период и кога дувал силен ветер. Роберт Шарп тврдел дека камењата во прв момент се задвижувале поради силниот налет на ветер, а потоа продолжувале да се движат благодарение на тенкиот слој на вода и послабиот ветер. Навел исто така дека околните ридови го усмеруваат ветерот помеѓу бројните врвови и пукнатини така што во долината стигнува со голема брзина што овозможува камењата да го добијат потребното почетно забрзување. Сепак оваа теорија имала многу контроверзи. Така уште некогашните индијанци забележале дека камењата се движат дури и при ведро небо и за суво време. Други научници сметаат дека брзината на ветерот не може да придвижи ни еден од најмалите камења. Така две години по објавувањето на статијата на д-р Шарп една декемвриска ноќ паднал јак мраз. Месечината се наоѓала високо на небото, немало облаци ниту врнежи, а температурите биле доста ниски. Утрото е забележано дека неколку камени блокови се поместиле. Останува прашањето: Која е тајната на овие чудни камења?
Инаку, донекаде слични феномени има на високите планини, па дури и во Република Македонија. Сепак, постои разлика бидејќи овде станува збор за значително пострмен терен, а камените блокови се лизгаат поради циклично замрзнување и одмрзнување на земјиштето во текот на зимата и почетокот на пролетта. Такви појави има на Галичица, Јабланица, Шар Планина, Стогово и други, на височини обично поголеми од 1800 м.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 7233 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *