Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Од 12-15 септември во Охрид ќе се одржи голем меѓународен симпозиум во организација на МГД

Од 12-15 септември во Охрид ќе се одржи голем меѓународен симпозиум во организација на МГД

27.01.2013

Во организација на Македонското географско друштво, од 12 до 15 септември оваа година, во Охрид ќе се одржи меѓународен научен симпозиум на тема: „Проблеми и перспективи на ридско-планинските подрачја“. Се очекува на симпозиумот да бидат опфатени поголем број на теми поврзани со природните, социо-демографските, економските, еколошките и другите аспекти на ридско-планинските подрачја, да се нагласат изразените проблеми, но и да се предложат можни решенија за соодветен, одржлив развој и користење на овие простори. За таа цел се предвидени повеќе работни сесии и тоа:

  • Природни ресурси и користење на земјиштето во ридско-планинските подрачја
  • Демогеографски проблеми на ридско-планинските подрачја
  • Политика на економски и регионален развој на ридско-планинските подрачја
  • Картографија и ГИС во функција на развој на ридско-планинските подрачја
  • Инфраструктурни проблеми на ридско-планинските подрачја
  • Хазарди (природни и антропогени) во ридско-планинските подрачја
  • Заштита на животната средина во ридско-планинските подрачја
  • Европски регионални политики и програми за ревитализација на ридско-планинските подрачја

Според првичните најави, на симпозиумот ќе земат учество значителен број истражувачи, наставници, лица од разни државни и приватни институции и слично, кои се бават или на некој начин се поврзани со наведената проблематика. Освен од Република Македонија, се очекуваат гости од Балканот и пошироко, а во прилог на тоа е научниот одбор кој се состои од еминентни научници од 6 држави. Голем интерес за симпозиумот покажува познатата интернационална организација “Mountain Research Initiative (MRI)”, чии членови ќе учествуваат во неговата работа.
Бидејќи станува збор за многу значајна и секогаш интересна проблематика, сите заинтересирани лица се добредојдени на симпозиумот, без оглед дали ќе учествуваат со свое излагање и презентација, или пак имаат намера да ги слушнат домашните и странските експерти и нивните искуства. Актуелноста на темата е толку поголема што речиси сите држави на Балканот, во поголем дел на Европа па и Светот имаат проблеми и предизвици поврзани со одржливиот развој и користење на ридско-планинските подрачја.
Крајниот датум за поднесување на апстракти за симпозиумот е 30 април 2013 година, а останатите детали можат да се погледнат на официјалната веб страница на симпозиумот: http://ohrid2013.igeografija.mk

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3379 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger