Наместо глобално затоплување, некои руски климатолози предвидуваат глобално заладување уште наредната година

4.03.2013

Руските научници, врз основа на одредени климатски индикатори, наместо глобално затоплување, предвидуваат глобално заладување кое ќе почне уште следната, 2014 година, а максимумот ќе го достигне неколку години подоцна. Инаку, најголем број климатолози сметаат дека глобалната клима се затоплува како резултат на антропогените влијанија и зголеменото испуштање на јаглерод диоксид и други гасови кои го предизвикуваат ефектот на „стаклена градина“. Затоплувањето на Земјата започнало во втората половина на 18 век, со почетокот на индустриската револуција. Но рускиот научник Владимир Башкин не се сложува со ова мислење. Тој тврди дека промената на климата има цикличен карактер и дека не е никако поврзана со човечкото делување. Тој со колегата Рауф Галиулин од Институтот за фундаментални проблеми во биологијата на Руската академија на науките, докажува дека денешното затоплување заминува од планетата и ни пристигнува ледено доба. Малото ледено доба настанува на период од околу 500 години, а последното било помеѓу 16-ти и 18-ти век. Уште помали периоди на заладување и затоплување имаат интервал од 30-40 години. На пример затоплување имало во 30-тите години на минатиот век, потоа заладување во средината на векот, а повторно затоплување кон крајот на минатиот и почетокот на овој век. Руските научници сметаат дека почетокот на новиот циклус на заладување е поврзан со активностите на Сонцето, кои сега го достигнуваат својот максимум, по што следи намалување на активностите во следните неколку години.
-Научните истражувања на климата во изминатите геолошки периоди ја ставаат под сомнение основаноста на барањето на протоколот од Кјото -тврди Владимир Башкин. Протоколот ја ограничува емисијата на гасови кои предизвикуваат ефект на “стаклена градина” и допушта трговија со „квотите“ на оваа емисија помеѓу државите. „Емисијата на јаглерод диоксид е нормален природен процес и не е исклучиво резултат на човечкото делување“ – вели научниот за Глас на Русија. „Океаните на Земјата содржат 60 пати повеќе јаглерод диоксид отколку воздухот. Со порастот на температурите на планетата доаѓа до негово активно издвојување. Глобалното затоплување за кое толку се зборува повеќе е маркетиншки потег отколку научен проблем. Доколку настапило загревање, тоа значи дека потребата за традиционалните видови на енергенси (јаглен, нафта и гас) се намалува, па цената на овие енергенси мора да падне. Но тоа веќе не е наука туку политика“ –тврди Башкин и додава дека не очекува глобално заладување, а не глобално затоплување.

Сепак, овие тврдења на руските научници, не се во согласност со климатските податоци кои покажуваат натамошен тренд на зголемување на глобалната температура, пореметување на распоредот, видот и режимот на врнежи во разни региони и некои екстремни метеоролошки појави несвојствени за одредени подрачја. Тоа наведува на фактот дека без оглед што природно би требало да настапи циклус на мало заладување, поради изразените антропогени ефекти ќе продолжи трендот (можеби со забавено темпо) на натамошно загревање. Овој тренд може да биде нарушен единствено со некој катаклизмичен настан како што е ерупција на супервулкан, со кој би се намалило количеството на топлина кое доаѓа до земјината површина (поради големото количество прашина во атмосферата).

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6065 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.