Кометата Панстарс кон крајот на неделата ќе стане видлива од Македонија!

5.03.2013

За десетина дена, над нашето небо ќе го може да ја видиме кометата C/2011 L4 (Panstarrs), на која и биле потребни повеќе од неколку милиони години за да дојде од Ортовиот облак, на границата на Сончевиот систем, каде што се наоѓаат огромен број на ледени објекти. Името на кометата е според кодниот број (C/2011 L4) и називот на телескопот со кој е откриена (Pan-STARRS), кој се наоѓа на Хаваи. Моментално, кометата може да се види на небото на јужната хемисфера со голо око (како на сликата) и со помош на телескопи, додека жителите на северна хемисфера, најсјајно ќе може да ја видат во периодот од 8 до 24 март. Над Европа, а тоа значи и над нашата држава, според астрономите, најдобро ќе може да се види на 12 и 13 март, кога ќе прелета визуелно блиску до Месечината, што ќе ја отежне нејзината видливост. Инаку, токму денес, оваа комета поминува најблиску до Земјата на околу 155 милиони км, а покрај Сонцето најблиску ќе биде на 10 март. Оваа комета е една од неколкуте кои ќе може да ги видиме на небото, во година која е наречена „Година на кометите.“ Во споредба со другите комети, нејзиниот сјај ќе биде доста слаб и едвај забележлив со голо око (многу подобро ќе се гледа со телескоп). Тоа од причина што станува збор за мала и многу млада т.н. бебе-комета. Жителите на Земјата ќе може повторно да ја видат оваа комета за дури 110.000 години.
Речиси во истиот период, во близина на Земјата поминува кометата  C/2012 F6 Lemmon, која се гледа од јужната хемисфера. На северната хемисфера пак, ќе биде видлива во месец мај, по заобиколување околу Сонцето. Сепак, видливоста на кометата Лемон ќе е помала дури и од онаа на Панстарс, односно едвај воочлива со голо око.
Сепак, најспектакуларно во 2013-та година ќе биде поминувањето на кометата ИСОН, која кон крајот на годината ќе се гледа од северната хемисфера во сета своја убавина и сјај.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5677 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.