Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Светски феномен: Розовото езеро Ретба во Сенегал

Светски феномен: Розовото езеро Ретба во Сенегал

3.11.2013

Езерото Ретба се наоѓа во африканската држава Сенегал, на околу 56 километри од главниот град Дакар и е еден од многуте невообичаени природни феномени во светот. Во зависност од времето, тоа ја менува бојата од светло виолетова до силно розова. Необичната боја на водата се должи на бактеријата „Dunaliella salina“, која вирее во средини со висока соленост. Таа ја апсорбира сончевата светлина, по што добива пигмент кој има розови нијанси. За време на сушната сезона бојата е уште поизразена и речиси црвеникава. Езерото е распространето на површина од 3 км кв., просечната длабочина му е околу 1,5 метри, а максималната длабочина изнесува 3 метри. Количеството на сол во Ретба е околу 40% (во зависност дали е сушна или влажна сезона), со што тоа е достоен ривал на Мртвото Море. Во еден литар вода има извонредни 380 грама сол, а во сушниот период од ноември до април, дури и повеќе. Заради големото количество сол, во ова езеро може да се капе без страв дека ќе се потоне, меѓутоа неопходна е соодветна заштита за кожата. Локалните жители профитираат токму од солта во Ретба. Нејзиното ископување се врши главно со дрвено кану, се оди до подлабоките делови на езерото и таму со голи раце таа се вади од дното, се собира и се носи на брегот за да се исуши. Во овој процес учествуваат сите, како мажите, така и жените и децата. Тие работат по 6-7 часа на ден, а за да ја заштитат кожата од енормните количества сол, се мачкаат со масло од шеа (Shea Butter). Тоа делува смирувачки и го штити ткивото од оштетувања. Освен споменатите бактерии, ова езеро е сиромашно со живи организми, што е и разбирливо поради големата соленост. Најмногу се користи за собирање на сол, но во последно време привлекува и голем број на туристи од разни делови на светот.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5298 пати!

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger