Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Наставни » Успешно реализирана теренска настава низ Демиркаписката Клисура

Успешно реализирана теренска настава низ Демиркаписката Клисура

14.11.2013

Река Вардар низ Демиркаписката КлисураНа 07.11.2013 год. беше изведена традиционалната еднодневна теренска настава низ Демиркаписката Клисура со студенти од II година на Наставната насока и студенти од I-година на насоката од Географски Информациски Системи (ГИС) на Институтот за Географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Групата од студенти и професори во 8 часот се упатија кон Демир Капија (на турски: Железна Порта) по автопатот Е-75. Попатно беше посетен кастелот на реката Пчиња каде што проф. д-р Драган Колчаковски им објаснуваше на студентите за Бадерската Клисура која е втора клисура на реката Пчиња со должина од 9.5 km. Таа има големо геоморфолошко и ботаничко значење, бидејќи претставува типичен школски пример за формирање на епигенетска клисура и претставува рефугијално подрачје со присуство на шабјаци на јорговани со кои се покриени клисурестите страни, неколку ендемични растенија (Anchusa macedonica, Hesperis macedonica и др.) и шумата од дива фоја. Потоа групата се упати кон Демиркаписката Клисура за да ја посети На тврдината во Бадарската Клисурапештерата Бела Вода. Дел од студентите влегоа во пештерата и беа воодушевени бидејќи за првпат имаа прилика да влезат во пештера. Пештерата Бела Вода се наоѓа на десната долинска страна на реката Вардар со должина од 955 м. Влезот на пештерата се наоѓа на стариот пат кон Гевгелија. Пештерата е составена од два канала, горниот канал има должина од 233 м, а долниот канал од 722 м. На крајот на пештерата има подземен природен канал исполнет со вода. Тоа е Маргаритиното Езеро со должина од 8 м и 4,5 м длабочина. Пештерата Бела Вода е сиромашна со пештерски украси бидејќи претставува млада пештера. Таа е населена од голем број видови без’рбетници, како и необични видови лилјаци.

Демиркаписката Клисура е четврта по ред клисура на реката Вардар со должина од 19.5 км и ги разделува Тиквешката Котлина со Гевгелиско-валандовската Котлина. Почетниот На вливот на Иберлиска (Челевечка) Река во реката Вардардел на Демиркаписката Клисура е всечен во јурски варовници кој го претставува најимпозантниот дел во оваа клисура, додека пак останатиот дел е изграден од магматски карпи односно дијабази. Демиркаписката Клисура претставува еден од најбогатите орнитолошки резервати во Европа според застапеноста на ретките грабливи птици. Од биогеогарфски аспект Демиркаписката Клисура е северната граница на грмушестиот даб прнар (Quercus cociifera), кој се јавува во разни деградирани стадиуми, најчесто како псевдомакија. Исто така од голема важност за студентите беше и посетата на кањонот-сатеска со должина од 750 м кој што се наоѓа во средишниот дел на варовничкиот комплекс формиран од Иберлиска (Челевечка) Река. Долж текот на Иберлиска Река има присуство на платанови шуми (Platanus orientalis L.) кои се заштитени со закон. Потоа, групата од студенти и професори се упатија кон градот Демир Капија и имаа заеднички ручек во ресторанот „Шупел“. По ручекот во попладневните часови групата се упати накај Скопје.

За успешно реализираната теренска настава освен студентите придонесе и наставниот кадар кој го сочинуваа: проф. д-р Драган Колчаковски, проф. д-р Благоја Маркоски, проф. д-р Никола Панов, проф. д-р Ристо Мијалов и стручните соработници м-р Анита Тодорова и Владимир Златаноски.

Текст: м-р Анита Тодорова
Фото: Проф. д-р Благоја Маркоски

Објавено од:

Од категорија: Наставни

Leave a Reply

*