Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Геополитички осврт на Автономна Република Крим

Геополитички осврт на Автономна Република Крим

19.11.2013

KrimКрим е автономна република во составот на Украина. Го зафаќа истоимениот полуостров Крим во северниот брег на Црното Море. Од повеќе географски аспекти, полуостровот и републиката Крим имаат значајна геополитичка и геостратешка вредност. Низ историјата, често се менувале властите на полуостровот, како и на самиот регион воопшто. Низ XX век, заедно со Украина, претставувал дел од составот на Советскиот Сојуз, а токму во течението на тој државен и општествен режим, се случиле најважните политички процеси и дејствувања. Секако, треба да се издвои егзилот на мешовитото население од Крим, посебно Татарското население, кое било дисперзирано низ разните краишта на Советскиот Сојуз (Узбекистан, Казахстан, …) во време на строгиот режим на Јозеф Сталин. Со распадот на Советскиот Сојуз и оформување на нови 15 републики, Крим останал во составот на Украина како автономна република со свој парламент, формиран на 5 мај 1992 година. Со тоа, Крим одлучил да остане во состав на Украина, меѓутоа комунистичкото „лоби“ во автономната република имало барања со кои уште повеќе ќе се зацврсти републиката преку некои уставни промени. Тука почнале првите политички турбуленции на релации меѓу Украина и Русија, токму поради геостретешката crimeaположба на Крим и општо, превласта на Црното Море. Русите имале интерес да го задржат своето геополитичко влијание преку поморската воена база инсталирана на полуостровот, која била предмет на дискусии и политички раздор. Во 1995 година, украинскиот парламент интервенирал, со укинување на Уставот на Крим и туркањето од власт на Претседателот на Автономната република – Мешков, кој бил про-руски ориентиран. Меѓутоа, тензичноста околу интересот за Црното Море и влијанието во Крим , како и кримската политика која тежнеела да биде поблиска до Кремљ отколку до Киев, завршила после неколку години исполнети со политичка перипетија со потпишување на Договорот за Пријателство, кооперација и Партнерство, како и поделба на Црното Море (коридори) во 1997 година. Меѓутоа, политиката и интересите на и за Крим биле далеку од затворена работа. Во 2008 година, Украинскиот министер за надворешни работи, Володимир Оризко ја обвини Москва за анти украинска политика со тоа што се делат пасоши на граѓани на Крим, односно се покренува еден вид на политичка емиграција од Крим. Веднаш по таквите обвинувања за руското влијание врз миграционите процеси во Украина и полуостровот, Украинското Собрание изгласа закон со кој се предвидува драконски казни (затворски и парични) за луѓето кои ќе се здобијат со двојно државјанство. Во 2010 година, Парламентите на Украина и Русија го ратификуваа договорот за продолжување на мандатот на Црноморската флота на Крим за уште 25 години, по истекот на сегашниот договор, кој важи до 2017 година. Токму тука може да се согледа хегемонистичката политика на Русија која обезбеди геополитичко и геостретешко позиционирање на Крим во време на владеењето на про-руски ориентираниот Претседател на Украина, Виктор Јанукович. И општите природно-географски и социо-економски факти за Автономната република крим говорат за геополитичкиот пион на Русија внатре во Украина и во регионот. Автономната Република Крим зафаќа површина од 26.100 километри квадратни (нешто повеќе од нашaта Република Македонија), каде што живеат околу 1.900.000 жители. Најголем процент од населението го сочинуваат Русите (околу 58 проценти), па следуваат Украинците со 32 проценти и украинските Татати, кои по распадот на Советскиот Сојуз масовно почнале да се враќаат на полуостровот, а сега учествуваат како значајно малцинство со нешто над 12 проценти. Што се однесува на бројното движење на населението, Крим го прати Украинскиот негативен тренд на намалување на населението, односно се намалува за 0.4 проценти годишно. Од 1989 година, до 2001 година, бројот на население се намалил за 400.000 луѓе, без разлика на имигрантите Татари. Се намалува населението кое припаѓа на двете најголеми етнички заедници: руската и украинската заедница, додека бројот на украинските Tатари се зголемува за 0.6 проценти годишно (позитивен природен прираст и механички прилив на население, за разлика од емиграцијата на русите од регионот поддржано од Руската Федерација, надополнета со негативниот природен прираст). Власта во Украина на чело со Јанукович ја промени власта на Јушченко, а со тоа се сменија и погледите на Украина во политичка смисла. Јушченко беше про-западно ориентиран, за разлика од Јанукович кој е про-руски ориентиран украински лидер. Со тоа се воспоставува доминација на Русија врз Украина, како и со нивниот “братски’ Крим. Таквата поставеност на Русија која одвреме на време притиска кон властите во Киев со економски мерки (како со запирањето на гасот и енергенсите со кои падна на колена цела Европа), и ќе и обезбеди на Русија пријатна геополитичка положба на регионот, со обезбедување на сојузник во Украина и еднаква политика со властите на Крим, што практично го прави автономниот Крим еден вид на Руска, а не украинска провинција. Знаци и определби за комплетна автономија на Крим засега, скоро и да не постојат. Сето тоа е номинирано од Рускиот интерес кон регионот и Крим, што претпочита нецелосна независност на републиката, што ќе значи поголема управа на Кремљ врз Кримската Рада. Доколку стане збор за некои поинакви погледи и нови политички збиднувања на релација Русија – Крим – Украина, тоа би претпочитало поголемо вклучување на високите геополитички светски инстанци. Така, во обидите на Русите да се задржат на „топло море“, а со тоа и да ја задржат украина во свој хегемонистички систем, би се пресретнале во интересите на „западот“ во поглед на приемот на Украина во НАТО и Европската Унија. Се разбира, надворешната политика на Украна, во принцип, зависи од власта, а таквите лабилни темели на сериозна надворешна неодлучност, би претставувале сериозен поттик за нови превирања и пресврти. Затоа, не може да се исклучи ниту едно сценарио во поглед на заостреноста во неинтегрираната Источна Европа (пример – воен конфликт, или пак, референдумско прашање за независност на Крим и сл). Кога би се разгледала хипотезата на конечна Европска унитарност (сите земји на континентот Европа во иста Унија), за очекување е решавање на прашањето со Крим, и воопшто, Украинската положба и статус во блиска иднина.

Автор: м-р Горан Китевски

Литература:
Китевски, Г. (2012): Географски аспекти на геополитичките проблеми и процеси на XX и XXI век, Магистерски труд, Институт за географија, ПМФ – Скопје (ракопис)
Мијалов Р. (2002): Некои политичко-географски аспекти за проблемите на војната и мирот, Географски разгледи, бр. 37, стр 145-157, Природно-математички факултет, Скопје
Мијалов Р. (2001): Меѓунационалните односи во Европа, Географски разгледи, бр. 36, стр 131-146, Природно-математички факултет, Скопје
Панов Н., Талеска М. (2007): Географија на Европа, Селектор, Скопје
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=A298B713270B87429BC3B1D5EF7C8AFF
http://old.crimea-portal.gov.ua/index.php?v=9&tek=16&par=9&art=843&date=
Subtelny, Orest (2000). Ukraine: A History. University of Toronto Press.
Laws of Ukraine. Verkhovna Rada law No. 93/95-вр: On the termination of the Constitution and some laws of the Autonomous Republic of Crimea. Passed on 1995-03-17
http://portal.rada.gov.ua/rada/control/uk/index

Оваа статија е прочитана 5311 пати!

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger