Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Сочи – градот помеѓу морето и планините

Сочи – градот помеѓу морето и планините

Сочи-карта

13.02.2014

Иако веќе поминаа неколку дена од Олимписките игри, за многумина од нас, градот Сочи е слабо познат. Уште од добивањето на организацијата, многумина се прашуваа како е можно во овој единствен поголем суптропски град во Русија да се одржуваат зимските олимписки игри. За тоа е заслужна географската контрастност на градот и неговата околина, каде високиот Кавказ се спушта до Црно Море, во овој дел загревано од топлите морски струи. Инаку, Сочи е најјужното место во кое до сега се одржале зимски олимписки игри, на само 43 степени и 30 минути сгш, на која се наоѓаат и Сплит, Монако или Албена. Тој е на 1600 км јужно од Москва со која е поврзан авионски, а со авион од Москва до Сочи се стигнува за околу 2 часа.

Сочи

Сочи е град во Краснодарскиот крај во Русија, сместен на брегот на Црното Море, речиси до самата граница со Грузија/Абхазија. Интересно е што овој град се протега во должина од 100 км во еден тесен појас долж брегот на Црно Море, по што се смета за најдолг град во Светот. Градот зафаќа површина од 180 км кв., а целата општина Сочи 3.526 км кв. На таа површина, според последните податоци од 2010 година, живеат околу 350.000 жители. Иако овој простор има релативно долга историја, самиот град се оформува во почетокот на минатиот век, кога Јосиф Сталин го промовира како ексклузивно одмаралиште и ја гради познатата летна вила до брегот. Така, од само 3000 жители во 1900 година, за еден век градот нараснува на преку 300.000.

Релјефно, градот лежи на бројни ридести возвишенија од крајните северозападни падини на Кавказ. Бидејќи планината Кавказ се зема за граница помеѓу континентите Европа и Азија, има недоразбирања околу тоа дали Сочи е во Европа или пак во Азија. Иако овој дел од Западен Кавказ не највисок, некои врвови на само 50 км источно од Сочи се искачуваат до 3200 м и преку цела година се покриени со снег. Врвовите пак околу Краснаја Полјана каде се скијачките терени, се на околу 30-тина км источно од Сочи и се искачуваат до 2500 м надморска височина. На северните планински страни има голем број на циркови и глацијални долини, а дел од нив и денес се заглечерени. Интересно е што Кавказ на западната страна кон Сочи е испресечен со бројни долини на планинските реки. Меѓу нив, најголеми се Мзимта, која е всушност најголема притока на Црното Море во Русија и Шахе. Други реки се Аше, Псезуапсе, Сочи, Хоста и Мацеста. Реката Псоу ја определува границата со Абхазија. Североисточниот дел на градот припаѓа на Кавказ Заповедник, што претставува светско природно наследство, покривајќи големи области во Краснодарски крај и Адигеја. Деловите од градот покрај речните долини, длабоко навлегуваат внатре кон планинските предели, давајќи му интересна и разбиена физиономија.

СочиСочи е едно од малкуте места во Русија со суптропска клима, со топли до жешки лета и свежни зими. Поради релјефната конфигурација, најнискиот, прибрежен дел од градот има влажна суптропска клима, додека повисокиот (над 2000 м) е со планинска до алпска клима. Градот има околу 2200 сончеви часови во текот на годината што и не е некоја голема вредност. Просечната средногодишна температура изнесува 14,5°C (колку во Гевгелија или Дојран), а екстремните се движат од 39,5°C до -13,5°C. Во најладните месеци, јануари и февруари, дневните температури се искачуваат до околу 10°C, а ноќните се спуштаат на 2-3°C. Во најтоплите месеци, јули и август, температурата на воздухот обично се движи од 25°C до 29°C, а просечната температура на морето од 23°C до 24°C, но во август се искачува и до 27°C. Обично, летната сезона трае шест месеци, од мај до октомври. Просечно има околу 1700 мм врнежи во текот на годината. Заради разновидната топографија и клима, градот и околината се одликуваат со многу богат растителен и животински свет кој нагло се менува од брегот до планинските делови.

Според пописот во 2010, градот Сочи има 343.334 жители, со што е најголемо руско одморалиште. Градот е познат и како мултинационален центар на Русија зашто во него живеат над 100 етнички групи. Големо мнозинство на населението на Сочи живее во тесниот појас долж брегот и е организирано во независни микроокрузи (порано населби). Најголем од овие окрузи, од северозапад на југоисток, се Лазаревскоје, Ло, Дагомис, Сочи (Централен градски округ), Хоста, Мацеста и Адлер. Стопанството на Сочи, најмногу е базирано на туризмот, а индустријата е слабо застапена. Посебно силен развој градот доживува по железничкото поврзување со Москва во 1920-тите години и со изградбата на меѓународниот аеродром. Денес, освен железничка и авионска, градот има добра патна поврзаност и големо пристаниште.

Поради прекрасната клима, местоположба (исклучителен предел во близина на Кавказ) и богатата туристичка понуда, Сочи секоја година е посетен од над 4 милиони туристи. Во текот на летото овој град е познат по фестивалите и по плажите. Од плажите се гледаат врвовите на планините постојано покриени со снег. Во 2007 година за Сочи се отвора ново поглавје во историјата, кога победува на изборот за град за Олимписките игри во 2014 година. Тогаш почнуваат и нови изградби, инвестиции, нова санитарна инфраструктура, изградба на модерни патишта, реконструкција на аеродромите, изградба на нови спортски објекти, резиденцијални згради. Во 7-годишниот период (2008-2014), овде се вложени преку 50 милијарди долари, а целиот простор е трансформиран и извонредно уреден. Се планира, по завршувањето на олимписките и параолимписките игри, градот да стане познат светски ресорт, со над 200 хотели, голем број атрактивности, долги и уредени плажи и сл., а бројот на туристите до 2020 година да се зголеми на речиси 10 милиони годишно! Извонредната положба помеѓу морето и високите планини, како и помеѓу двата континенти, заедно со огромните вложувања, сигурно ќе му го овозможи тоа.
И за крај една корисна информација. Од Македонија до Сочи најлесно може да се дојде авионски, преку аеродромот во Софија. Вкупниот пат е околу 12 часа (5 часа до Софија и уште 6 со авионот), а повратен билет изнесува околу 350 евра. Со оглед на цените на сместувањето во Сочи, за убав одмор од десетина дена во екот на летната сезона би биле потребни околу 700-800 евра по лице.

Автор: д-р Ивица Милевски

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*