Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Јелоустоун – “темпираната бомба” која фасцинира

Јелоустоун – “темпираната бомба” која фасцинира

30.03.2014

Националниот парк Јелоустоун се наоѓа во САД, главно во државата Вајоминг (96% од територијата), а мал дел во државите Монтана (3%) и Ајдахо (1%). Паркот е основан во 1872 година и се зафаќа територија од 8983 км кв. Името го добил според истоимената река која пак така била наречена поради жолтите карпи на кањонот во паркот. Оригиналното име дадено од првите француски доселеници било Roche Jaune, но Американците го превеле во Yellowstone по што и денес паркот е меѓународно познат. Јелоустоун располага со исклучителна геолошка разноликост, со богата флора и фауна. Тука се среќаваат над 10.000 геотермални објекти од кои преку 500 се гејзери. Јелоустоун е дом и на најпознатиот супервулкан во светот – Јелоустоунската калдера. Во Јелоустоун се наоѓа и најпознатиот гејзер во светот – Old Faithful (Олд Фејтфул) кој на секои 63 минути се активира и исфрла силни млазеви топла вода во висина од 60 метри.
Уште една интересна појава во националниот парк Јелоустоун е скаменетата шума која по многуте силни ерупции во минатото, била натрупана со вулкански материјал. Под секој слој во Јелоустоун може да се најде остаток од некогашна шума во фосилизирана форма. Ерозијата и времето си го направиле своето па така шумата своевремено се претопила во почвата, а врз нејзе се создала нова шума која можеби во некоја подалечна иднина ќе ја снајде истата судбина. Националниот парк Јелоустоун лежи врз огромното вулканско жариште кое се наоѓа под самиот парк на длабочина од 5 – 12 километри, долго 60 км, а широко 29 км. Јелоустоунската калдера е остаток од силна ерупција на тоа место која што се случила пред околу 640 илјади години. Калдерата лежи врз вулканското жариште кое е во форма на лаколит, а пречникот се движи од 55 до 72 километри. Вулканизмот на оваа калдера се има појавено не така одамна, ако ги земеме во предвид останатите постари вулкани во светот. Калдерите биле создадени за време на силните ерупции пред 2.1 милион, 1.3 милиони и 640.000 години. Ерупциите што се случиле овде биле со многу силен интензитет поради што се класифицираат како суперерупции. Последната ерупција на ова место се случила пред околу 3500 години додека последната супер ерупција се случила пред 640 илјади години (истата онаа која го оформила денешниот изглед на Јелоустоун) каде биле ослободени 1000 км кубни камења, прашина и вулкански пепел. Овие силни ерупции неколкупати го менувале изгледот на Јелоустоун претворајќи масивни планини во рамници.

Тлото под Јелоустоуни ден денес е многу активно поради што научниците постојано вршат разни испитувања и експерименти со цел да дојдат до приближен датум кога би се случила следната ерупција на супервулканот. Јелоустоунската плоча внимателно се набљудува од страна на геолози и други научници на НАСА и е утврдено дека истата се издигнува вертикално за 1,6 cm годишно како резултат на промените во магматскиот притисок. Поголемо издигање било забележано во периодот меѓу 2004 и 2008 година по околу 6-7 cm годишно, а на некои места и за 20 cm. Кон крајот на 2009 година овие интензивни издигнувања успорија и до денес се одвиваат со послаб интензитет.
На територијата на Јелоустоун се наоѓаат многу поствулкански појави како геотермални извори со топла вода, базени со врела кал, гејзери, фумароли и травертински тераси. Интересен факт е тоа што во Јелоустоун се наоѓаат половина од сите гејзери во светот. Најтопол гејзерски базен во паркот е Норискиот гејзерски базен кој се наоѓа на тромеѓето на трите главни раседи. Други гејзерски базени во Јелоустоун се: Монјумент (Monument), Апер (Upper), Мидвеј (Midway), Лоуер (Lower), Вест (West), Беккантри (Backcountry) и Мамут (Mammoth).

Извори:

  • http://yellowstone.net/geysers/
  • http://www.nps.gov/yell/naturescience/geysers.htm
  • http://ngm.nationalgeographic.com/2009/08/yellowstone/achenbach-text/2?rptregcta=reg_free_np&rptregcampaign=20131016_rw_membership_r1p_intl_se_w#
  • http://creation.com/the-yellowstone-petrified-forests
  • http://en.wikipedia.org/wiki/Yellowstone_National_Park
  • http://en.wikipedia.org/wiki/Geothermal_areas_of_Yellowstone


Подготвил: 
Петар Трајков, студент на ИГ, насока ГИС

Оваа статија е прочитана 3567 пати!

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger