Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Езерото Гарда – Најголемото и најпосетено езеро во Италија

Езерото Гарда – Најголемото и најпосетено езеро во Италија

22.06.2014

Езерото Гарда се наоѓа во северниот дел на Италија, на преминот од Aлпскиот регион на Доломитите кон низината Ломбардија, помеѓу градовите Венеција и Милано. Езерото и неговата околина се поделени помеѓу провинциите Верона (југоисточно), Бреша (југозападно) и Тренто (северно). Езерото има должина од 52 км, широчина од 17 км, а должината на брегот му изнесува 160 км. Зафаќа вкупна површина од 370 км кв (малку поголемо од Охридското), со најголема длабочина од 346 м и волумен од 50,5 км кубни (исто како Охридското Езеро). Гарда се наоѓа на надморска височина од само 65 м, поради што дното му е на 280 м под морското ниво и претставува типична криптодепресија. Областа на езерото има карактеристика на „пред-алпска“ суб-медитеранска клима. Просечната зимска температура на водата варира помеѓу 12° и 18°C, а во летните месеци помеѓу 24° и 30°C. Тесниот северен дел на езерото е ограден со планини кои главно припаѓаат на групата Дел Балдо. Помеѓу блоковите карпи езерото постепено се проширува кон југ во речиси кружен слив, со богата вегетација на јужниот и западниот брег. Широкиот дел на југ е обиколен со ридови кои биле оставени по големата глечерска рецесија. Главен прилив на вода во езерото е од алпската река Сарка, што го прави и едно од најпознатите езера со чиста вода. Покрај површинските води, езерото се снабдува и со подземни извори или со директни врнежи на површината. Единствениот главен истек од езерото е реката Минцио, која е долга околу 60 км. На езерото се наоѓаат десетина острови, од кои најголеми се Исола де Гарда и Исола де Бианго. Медитеранската вегетација и алпската природа создаваат уникатен биодиверзитет на езерото и неговата околина. Самото езеро е формирано кон крајот на последното ледено доба, како резултат на топењето на глечерите од Алпите. Се претпоставува дека глечерите зафатиле претходно постоечка депресија, создадена со ерозија пред повеќе милиони години.

Севкупната околина на езерото Гарда е доста интересна и разновидна. Особено е интересен јужниот брег, каде има повеќе мали уникатни градчиња, препознатливи по начинот на живот и архитектурата. Градовите и селата околу езерото овозможуваат да се согледа некогашниот начин на живот со примеси од италијанска и австриска култура, бидејќи пред италијанското обединување во 1870 година, овој простор бил под австриска управа. Убавините на езерото Гарда овозможиле тоа да прерасне во една од најпопуларните туристички дестинации во Италија. Туристичката индустрија почнува да се развива во 1950-тите години и напредува со брзо темпо. Заштитено со планинските венци на север, јужниот брег на езерото поседува константна умерена клима која ги привлекува посетители во текот на сите четири сезони, а за секоја сезона има нешто интересно. Езерото Гарда и истоимениот национален парк се популарни дестинации за љубителите на спорт и останати рекреативни активности. Како резултат на богатата историја, оваа област поседува антички урнатини, крајбрежни шеталишта, историски куќи и средновековни замоци. Живописниот град Сирмионе се наоѓа на необично формираниот полуостров кој далбоко навлегува во самото езеро. Во него се наоѓа старата тврдина Скалигера подигната во XIII век од благородничко семејство, која денес е претворена во музеј. Старите тесни улици и новиот дел од градот се оаза од мали куќи и типични населби со комплетна содржина, сместувачки капацитети и голем број туристички места. Затоа, не случајно што годишно езерото го посетуваат близу 2 милиони туристи кои се сместуваат во околу 500 хотели и уште околу 1000 вили и апартмани, а финансискиот ефект се проценува на речиси милијарда евра. Затоа, Гарда може да ни биде пример како едно езеро слично на Охридското може да доведе до туристички и економски бум во цел регион.

Извори на податоци:

http://www.lakegardaguide.com/
http://en.wikipedia.org/wiki/Lake_Garda

Подготвила: Викторија Дамјаноска, студент на Институт за географија – насока Туризам;
Дополна и рецензија: д-р Ивица Милевски

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*