Од утре до вторник фантастична глетка на небото!

8.08.2014

supermoon1Овој викенд (9-10 август), повторно ќе бидеме сведоци на оптичкиот ефект на супермесечина која визуелно ќе биде најголема за 2014 година. Причина за тоа е што полната Месечина, поради елиптичноста на нејзината патека, овој пат ќе помине покрај Земјата многу поблиску од вообичаеното, на само 356.955 км (во однос на просечните 384.400 км). Заради тоа, саботната полна Месечина ќе изгледа 14% поголема и околу 30% посветла од вообичаеното. Воедно, таквата близина ќе предизвика 42% поголема плимска сила. Големината на полната Месечина варира како последица на елиптичниот облик на нејзината орбита околу Земјата, со еден дел за околу 50.000 км поблиску до Земјата – положба наречена перигеум. Воедно, поради одредени осцилации во „елиптичноста“ на патеката, ова ќе биде и најблизок перигеум за 2014 година. Ваквото приближување, освен оптичкиот ефект, значително ќе ги зголеми и плимските привлечни сили, но реално тоа ќе значи повисока плима за само неколку сантиметри. За да биде најдобро видлива „Супермесечина“ треба да се набљудува веднаш по изгревањето над хоризонтот (околу 20 часот) или пак пред заоѓање (околу 05 часот), кога е близу до хоризонтот. Поради оптичкиот ефект на атмосферата и на хоризонтот, во таква положба ќе изгледа уште поголема отколку што е реално. Феноменот супермесечина не е многу редок. Просечно, тој се случува на секои 13 месеци и 18 денови, па не е толку невообичаено да се види. Меѓутоа, изминатата година имаше три супермесечини. Следната супермесечина ќе може да се види дури во септември 2015 година.

Освен супермесечината, викендов нè очекува и метеорски дожд, познат под името Персеиди. Станува збор за еден од најактивните и најбогатите метеорски дождови кој настанува поради пресекување на патеката на Свифт-Тател кометата околу Сонцето, од страна на Земјината орбита. Зголемен број метеори ќе се гледаат од 9-ти до 14-ти август, а максимумот ќе биде на 12-ти (вторник). Поради ротацијата на Земјата, најмногу метеори ќе се гледаат помеѓу полноќ и зазорувањето. Иако многу ретко се случува во исто време да има два вакви феномени, силната светлина од месечината ќе дозволи да се гледаат само најсјајните метеори.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6096 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.