Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Мистериозните јами во арктичката област на Русија

Мистериозните јами во арктичката област на Русија

15.08.2014

Во месец јули, во најсеверните, арктички, речиси ненаселени делови на Русија (Јамалска област), почнаа да се појавуваат и да се откриваат чудни, длабоки јами, за кои први јавија локалните одгледувачи на северни елени. Јамите обично имаат пречник 15-20 метри, длабочина до 80 метри, а на нивното дно има наслаги на снег. Во почетокот немаше логично објаснување за појавувањето на јамите. Поради тоа на социјалните мрежи се изнесуваа секакви верзии: од тестирање на непознати оружја, до подземна база на вонземјани.

Според локалните одгледувачи на северни елени, на ова подрачје во септември минатата година паднало небесно тело и се видел блесок. Затоа, стручњаците од Научниот центар за проучување на Арктикот и од Институтот на криосферата на Земјата, ја проучија првата јама, го измерија зрачењето и констатираа дека тоа е во границите на нормалата. Научниците забележаа дека во близина на кратерот на јамите и на 100-200 метри околу него се расфрлани парчиња земја, што сведочи за тоа дека земјиштето не потонало, туку дека е исфрлено надвор. Освен тоа, не се пронајдени никакви јагленосани Јамалили подгорени парчиња, така што може да се исклучи и верзијата со паѓање на метеор. Научниците претпоставуваат дека замрзната земја е исфрлена под моќен притисок одоздола и дека тој притисок најверојатно го направил метанот. Се наметна заклучокот дека главна причина за формирањето на ваквите јами е ослободувањето на гас од земјата, што пак може да биде предизвикано од глобалното затоплување. Глациолозите од Субарктичкиот научно-едукативен полигон истакнуваат дека температурата на пермафростот – вечно замрзнатата површина, постојано расте на подрачјето каде се појавуваат јамите. Пред 40 години температурата на воздухот во просек овде изнесувала околу 8 степени под нулата, а сега на определени места изнесува само 3 степени под нулата. Можеби токму поради тоа во подземните слоеви на северната тундра започнал процесот на одвојување метан од замрзнатите кристални наслаги, негово натрупување и исфрлање во вид на експлозија. Во следните месеци, научниците ќе продолат да ја следат појавата на јамите и ќе се обидат целосно да го разјаснат нивното настанување.

Извор: http://mk.rbth.com/science

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*