Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Сосема неоснован е стравот за скорешен судир со опасен астероид

Сосема неоснован е стравот за скорешен судир со опасен астероид

13.9.2014

asteroidВо последно време, во медиумите често се пренесуваат информации од секакви извори за можна опасност по Земјата од удар на астероид со помали или поголеми димензии и тоа во следните неколку години и децении. Исто така, често се појавуваат „загрижувачки вести“ дека на мало растојание (обично неколку десетици или стотици илјади км) покрај Земјата поминал астероид со големина на „автомобил“, „автобус“ и слично. Се оди дури до таму што се даваат визуелни сценарија за последиците од удар на астероид на Земјата, па дури и во Македонија. Оние кои ги изнесуваат таквите непроверени информации, освен бомбастичниот наслов, обично не навлегуваат во суштината, а тоа е колкав е вистинскиот ризик од удар на некој астероид кој би бил опасен за Земјата.

Најголем број на вселенски тела кои паѓаат или со кои се „судира“ Земјата на својот пат околу Сонцето се метеори со мали димензии од неколку милиметри до неколку сантиметри. Овие мали тела, навлегувајќи во атмосферата, поради силното триење се загреваат и согоруваат во високите слоеви на атмосферата, а појавата е позната како „ѕвезда која паѓа“ или т.н. „болид“. Обично, вакви појави има стотици, па и илјадници секој ден, особено кога Земјата пресекува метеорски облак – остаток од некоја комета. Слично е со телата (метеорите) со големина од неколку десетици сантиметри, па до метар или нешто повеќе. Сепак, ваквите метеори (кои се јавуваат многу поретко) обично експлодираат во атмосферата (на височина од 40-100 км) и се распаѓаат на мали парчиња кои потоа согоруваат. Ваквата појава обично е проследена со силен звук и изразит светлосен траг на небото. Во временски растојанија од 5-20 години, Земјата се судрува со тело (метеор) големо до десетина метри, кое исто така се распаѓа во атмосферата (20-80 км), што е проследено со силна експлозија и сјајни траги. На површината на Земјата може, но и не мора (зависно од составот на метеорот) да паднат парчиња од распаднатиот метеор и да формираат мали кратери, а многу почесто паѓаат на морските површини предизвикувајќи локални бранови. Ризикот или опасноста од такви појави по човекот се занемарливи, бидејќи многу мали се шансите метеоритот да падне токму во населено место. Нешто поголема опасност е доколку метеорот или астероидот има димензии од 10-20 м, при што распаднатите парчиња може да имаат димензии до 1 м па и поголеми и да создадат кратери од десетици метри. Вакви метеорски удари на површината на Земјата се јавуваат на 50-100 години. Сепак и тие ретко се регистрираат бидејќи најголем број удари е во океаните и предизвикуваат локални цунами-бранови.

Како вистински ризични метеори односно астероиди се сметаат оние со пречник над 30 метри, а колку астероидот е поголем, толку и опасноста по Земјата, односно по живиот свет на неа се поголеми. Сепак, треба да се има во предвид дека судир со астероид со големина од 30-50 метри (се смета дека таков бил Тунгускиот астероид) се случува еднаш на околу 4000 години. Ваков астероидски удар или експлозија во атмосферата може да има катастрофални регионални последици доколку е во погусто населен простор. Судир пак со астероид со пречник од 150-300 метри се случува еднаш на 10-15 илјади години. Во случај на удар на копно, катастрофата би била од големи размери за тој дел од континентот, а последиците би се почуствувале на целата Земја. Доколку пак падне во океанска област, би се појавило огромно цунами со катастрофални ефекти во крајбрежниот појас. Уште пострашен би бил судир со астероид со пречник од 300-500 м, кој се случува еднаш на неколку стотици илјади години. Таков удар на астероид би предизвикал несогледиви последици за целото човештво, особено на континентот каде е ударот или пак на целиот крајбрежен појас ако ударот е во океан. Удар на астероид со пречник од 1-5 км се случувал просечно еднаш на неколку милиони години и би бил катастрофален за целото човештво, со мали можности за „преживување“ по ударот во сегашната фаза на развојот на технологиите (но не мора да значи и во иднина). На крај, удар на астероид или комета со пречник поголем од 5 км (како оној кој предизвикал исчезнување на диносаурусите пред 65 милиони години, со пречник од 9 км) се смета дека се случува на период од околу 100 милиони години и би бил од разорен карактер за целиот жив свет на Земјата со несогледиви последици.

НАСА, а во последно време Европската, Руската и другите вселенски агенции вршат пребарување и каталогизација на потенцијално опасни астероиди со пречник поголем од 150 м и нивниот број до сега е околу 1500. Сепак, шансите за судир со ваков астероид во следните 100 години се речиси никакви, а сосема мали за судар со астероид со големина од 20-150 м. Во идниот период, со напредокот на технологијата, опасностите од овој тип ќе бидат откривани многу пред да предизвикаат удар, а се очекува и поставување на систем за ефективна заштита. Се претпоставува дека веќе за околу 50-100 години, човештвото ќе има добро развиен систем за одбрана од потенцијално опасни астероиди. Затоа нема потреба од реакција на бомбастични наслови дека „ни се приближува огромен или катастрофален астероид“, иако од разни причини, такви наслови ќе има се повеќе.

Извори:

http://en.wikipedia.org/wiki/Potentially_hazardous_asteroid
http://www.universetoday.com/12522/when-do-asteroids-turn-dangerous/
http://www.cfa.harvard.edu/news/2010/su201026.html

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4702 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger