Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема » ГОСПОДИ ПОМАГАЈ

ГОСПОДИ ПОМАГАЈ

28.09.2014

Многу одамна, пред децении постоеше општата размисла дека државата може да се развие исклучиво преку развој на секундарните дејности, поточно рударството, индустријата, ехергетиката и слично. Има вистина и во тоа, бидејќи висок развој и раст се постигнува со наука, иновации и технологии. Можеби не се за осудување носечките генерации од шеесеттите и седумдесеттите години (главно се мисли на политичарите и планерите) кои во желбата главниот град Скопје да се развие во голема метропола истиот го задушија со локација на нечиста индустрија од една страна и со имиграција на непродуктивно население од друга страна. Така поранешната Железара, сега Макстил (сеедно како и да се вика) и денес го има епитетот трујач на населението во Скопје. Секој ден перманентно, но особено изразено во 2-3 наврати, поточно околу 7 часот наутро и околу 21 часот навечер, а можеби и повеќепати во ноќта, испушта густ чад полн со честички и којзнае какви други состојки од технолошките процеси, така што на сметка на профитот на поединецот и би рекол ништожната заработувачка на вработените, го труе скоро милионското население во градот. Луѓе божји (нека ме извинат нерелигиозните и атеистите), морам така да речам, бидејќи во очај луѓето се повикуваат на господ. Зарем во 21-от век, со достигнатите иновации и технологии мора да се загадува во таква мера и тоа да се толерира на сметка на здравјето на граѓаните и нацијата (бидејќи веќе 1/2 од населението во Република Македонија живее во Скопје). Сите војски на светот и во сите времиња, на здравјето на луѓето посебно внимаваат, а ние покрај тоа што зборуваме за бела чума, упрно поттикнуваме црна чума. Зошто? Зарем помалку е важен народот од еден моч.. филтер! Поледајтеги сликите во прилог, снимени се во рок од 2-3 минути и видете колку брзо се шири облакот од чад, честички, киселини и којзнае што друго, како црна чума. Ако мора европската нечиста индустрија да се работи во Република Македонија, тогаш нека се вложи нешто малку од големиот профит, да личи на европските стандарди, а не како експлоатацијата во колониите низ Африка, Азија и слично според теркот на каубојскиот филм „Убиј се и врати се сам“.

Zelezara-1

Zelezara-2

Затоа уште еднаш ќе потенцирам во интерес на граѓаните и нацијата Македонска „Господи помагај“!

Професор д-р Благоја Маркоски
Природно математички факултет
Институт за географија

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*