Кина стана економски најсилна држава во светот!

11.10.2014

Според анализите на ММФ, во почетокот на октомври Кина ги надмина САД и стана најголема економска сила во светот. Ова одамна го предвидуваа многу економисти и консултантски куќи, но никој не очекуваше дека ќе се случи толку брзо. Имено, до пред 10-тина години, прогнозите беа дека Кина ќе биде најсилна економска сила во 2025 година, а до пред некој месец се мислеше дека тоа ќе се случи во 2016-та или крајот на 2015-та година. Според експертите на ММФ, „во следните 10 години, кинеската економија ќе се пренасочи кон побрз раст на домашната потрошувачка, што ќе помогне во јакнење на нејзината структура“. Тие предвидуваат дека домашната потрошувачка во Кина во следната деценија ќе расне со годишно темпо од 7,7 отсто, со што ќе стане клучен поттикнувач на глобалната потрошувачка и на економскиот раст. До крајот на 2014 година Кина ќе сочинува 16,48 отсто од светскиот БДП, во кој е пресметан паритетот на куповната моќ (17.632 милијарди долари), додека уделот на САД ќе биде 16,28 отсто (17.416 милијарди долари). Тоа значи дека САД и Кина заедно ќе сочинуваат дури 33% или 1/3 од светската економија. Сепак, без оглед на преземањето на лидерската позиција, БДП по жител во Кина сеуште е многу понизок во споредба со САД и другите високо-развиени држави и изнесува само околу 12.000 долари во однос на 54.000 долари во САД. Меѓутоа, јасно е дека и овој јаз ќе се намалува, бидејќи кинескиот раст е околу 8% годишно, а американскиот само околу 2%. Воедно, не треба да се заборави дека не така одамна, во почетокот на 1990-тите години, Кина беше помеѓу 30-40 место во светот, послаба дури и од некои денешни средни економии. Таа покажа како може за само 3 децении, од сиромашна земја да се израсне во вистински економски џин и да се постигне извонреден раст. Како и да е, промената на светскиот врв ќе има големо економско, геополитичко и секакво друго значење, бидејќи токму Кина ќе биде меѓу неколкуте држави што ќе го имаат главниот збор.

Инаку, на најновата „рејтинг листа“ на ММФ, на трето место е Јапонија, четврта е Германија, а петта е Франција, додека Македонија е на 137 место од 200 држави.

Оваа статија е прочитана 3674 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *