Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема » Каде се наоѓал средновековниот град Славиште ?

Каде се наоѓал средновековниот град Славиште ?

3.01.2015

SlavisteВо повелбата на византискиот цар Василиј II од 1019 година, се наведува дека во тогашната позната Морозвишка епархија, која се протегала претежно во источниот дел на Република Македонија, во својата граница се наоѓале седум градови со нејзините соседни области. Тоа биле: Морозвизд, Козјак, Славиште, Злетово, Луковица, Пијанец и Малешево. Нас во оваа прилика не интересира поранешниот град Славиште. Во споменатата повелба не е точно прикажано каде се наоѓал градот. Други историски извори од средниот век не споменуваат таков град со такво име во нашава држава.

Па тогаш каде се наоѓал градот Славиште? За да се одгатне тоа, треба да се согледа географската положба на овој простор. Познатиот превој Страцин кој се наоѓа на граница помеѓу Кумановската област на запад и Кривопаланечката област на исток има особено значајна и доминантна сообраќајно-стратегиска функција. Тука е превојот на важниот попречен балкански пат со правец З – И, во сливот на Крива река, која е лева притока на Пчиња. Источно од Страцин се протега котлинската Кривопаланечка област. Населбата Славиште, која се споменува 1019 год. била тврдина со предградие во западниот дел на Кривопаланечката Slaviste2област, значи недалеку од наведениот Страцин. По својата географска положба, споменатата населба Славиште се наоѓала покрај наведената стара комуникација (пат). Е сега, тука се наидува на две различни гледишта. Едното е според Ј. Трифуновски, а второто е според археологот И.Микулчиќ. Според Трифуновски (1976), во западниот дел на Кривопаланечката област, се издигнува карпесто возвишение, гребен со купеста форма, висок 673 метри. Се вика „Градиште“ или на карта „Могила“. На врвот на гребенот се наоѓа природно плато-зарамнина. Страните на гребенот се многу стрмни, а околу него се протега рамничарскиот дел Славиште, кој се наоѓа на надморска височина од околу 560 метри. Од врвот на наведеното доминантно возвишение се протега добар панорамски видик кон целата област. Затоа на возвишението постоела тврдина. Пристапот до тврдината бил особено тежок и од неа можело полесно да се спротивстави на нападите. Ваква поволна географска положба во западниот дел на Кривопаланечката област, со плодна низина наречена Славиште, како и близината на важниот превој Страцин влијаеле тука да се развие населба-тврдина со предградие. Тое е онаа населба која се споменува во наведената повелба од 1019 година, како еден од седумте градови на Морозвидската епархија. Таа населба Славиште била многу интересна, особено во поглед на положбата каде се наоѓала. Идентичноста на наведените имиња (на населбата и соседна низина) не е случајна. Низината денес наречена Славиште, секако дека го добила името по таа населба. Оваа не е единствен случај во нашата држава каде по некоја важна населба, името го добие соседниот предел или област. На пример, котлината Полог името го добила по некогашниот исчезнат град Полог.

StracinСпоред Микулчиќ (1996), локалитетот кај што бил градот Славиште лежи 2 км северозападно од центарот на расфрленото село Опила, северно од маалата Билибајци и Бабунци, на северниот раб од долината на Крива Река. И овој локалитет се нарекува „Градиште“, но е на околу 5 км југоисточно од претходно споменатиот. Претставува 90 м висок рид чие јужно чело стрмно паѓа кон Крива Река. Трите страни му се стрмни карпи, забесто испукани. Пристапен е од север, преку мало тесно седло. Во подножјето, долж Крива водел патот Скупи — Пауталиа, средновековниот пат Скопје — Велбужд, а денес трасата на пругата Скопје — Ќустендил. Врвот на ридот и западната падина биле населени во доцноантичко време. Со камен ѕид без малтер бил опфатен овален простор, а ѕидот вртел лачно околу северниот крај, додека на другите страни се потпирал на големи карпи. Овде е пронајдено многу керамика, питоси, монети од 3. до 6. век. На крајот од антиката на највисокиот дел од ридот бил изграден кастел опфатен со ново обѕидие од камен со малтер, со големина од само 120 х 60 м (0,5 ха). По средина се протега карпест срт во кој се всечени 10-ина правоаголни простории за живеење со врати, скалила и др. Еден подземен тунел, всечен исто така во карпа, делумно е откопан на западниот раб. Од ова време потекнуваат и гробиштата во подножјето на ридот. Откопани се 60 гробови, датирани со накит и др. во 5. и 6. век. Кастелот очигледно бил добро запазен и во следните векови, кога бил повторно населен. За тоа зборуваат наодите: огнишна грнчарија, повеќе византиски монети — бакарни скифати од 12. и 13. век и еден златник (триенс) на Константин X (средина на 11. век). Неколку доцносредновековни гробови всечени во карпата ерозијата ги разголила северно од крепоста, а близу 200 гробови откопани се во југозападното подножје. Според Микулчиќ, друго место во Славиште, потврдено со средновековни остатоци со вакво значење нема.

Можен изглед на градот Славиште

Според Трифуновски, сливот на Крива Река кој се протега во денешната Кривопаланечка област, од дамнешните времиња го привлекувал населението поради поволната географска положба и природните карактеристики. Уште од праисторијата, долината на Крива Река претставувала природна сообраќајница. Поради тоа во споменатата Кривопаланечка област издолжена во правец З-И, релативно рано се развиле условите за населување и формирање населби. Во неа посебно биле важни два локалитети поврзани за историјата на таа област. Тоа било Славиште во западниот рамничарски дел на областа и Градец во нејзиниот источен повисок дел. Географската и сообраќајната положба кај локалитетот на наведената населба Славиште, биле доста погодни и привлечни уште од праисториско време, а така било и за време на Римското владеење. Овде се ископани делови од садови, керамика, тули или цигли, монети и разни железни предмети. Тие материјални културни предмети, укажуваат на развојот на животот од римското време. Словените, во сливот на Крива Река почнале да се доселуваат рано, кон крајот на 6 и почетокот на 7 век. Несигурноста од нападите условило подигање на населба – тврдина. Таа имала подградие. Од 1019 година го знаеме и името на тој град: Славиште. Тврдината не зафаќала голема површина, за да можела да се огради со ѕидови. Славиште, благодарение на поволните сообраќајни прилики, се развило во најважен центар во целиот западен дел на денешната Кривопаланечка област. Имало значајна стратегиска функција. Го заштитувало влезот на Кривопаланечката област од западната страна. Таква стратегиско-топографска позиција овозможувала во минатото добра одбрана од непријателски напади. Оваа функција како утврдена населба, Славиште ја задржува во текот на средниот век. Животот не се развивал само во тврдината, туку и во соседните пониски делови од населбата. Тука бил центарот на средновековна жупа чие име настанало по името на центарот. Средновековните историски извори не даваат сигурни податоци за проучување на таа населба. Затоа, неизбежно се наметнуваат уште прашања: Кога оваа населба била дефинитифно напуштена? Можно е повремено да била рушена, напуштана и пак обновувана. Нејзината функција е одржувана главно во текот на средниот век. По освојувањето на Турците, тврдината можеби сосема била напуштена, едноставно бидејќи го изгубила стратешкото значење поради промена на политичките прилики. Подградието се одржало како „маали“ на соседните села од разбиен тип, Вражогрнци и Отошница. Такви појави се забележани и во другите наши области.

 

Извор: Ј. Ф. Трифуноски – Где се налазио град Славиште ? (Гласник српског географског друштва) стр. 105, 1976 год.;
Микулчиќ И. 1996. Средновековни градови и тврдини во Македонија. МАНУ, Скопје.

Подготвил: Филип Ѓошевски

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*