Успешно завршен првиот гравиметриски премер на Република Македонија

30.01.2015

Rezidualna Gravimetriska kartaРепублика Македонија меѓу првите држави од регионот која што успеа да спроведе комплетно нов гравиметриски премер на својата територија, при тоа користејќи најсовремени инструменти и методи на мерење, согласно со европските стандарди. Мерењата ги изврши конзорциум формиран од фирмите Геофото Зенит Инженеринг од Скопје и Geotech Еngineering од Софија, а во тимовите за мерење и надзор учествувале и стручни лица од Словенија и Србија. Со деталниот гравиметриски премер се опфатени вкупно 2310 гравиметриски точки кои што рамномерно ја покриваат целата државна територија, на просечно меѓусебно растојание од околу 5 км. Согласно идните потреби, оваа густина на мерења ќе се зголеми и ќе се добие уште подетална резолуција. Координатите на деталните гравиметриски точки се мерени со примена на ГПС технологија и користење на МАКПОС системот на Агенцијата за катастар на недвижности. Реализацијата на проектот отпочната е при крајот на април лани. До крајот на октомври интензивно се вршеле теренски гравиметриски мерења, по што следувала анализа и обработка на добиените податоци и изготвување на финалниот геодетски елаборат од овој проект.

Податоците од гравиметриските мерења, самите или во комбинација со други податоци, можат да се користат во повеќе сектори. Во рударството, при истражување на рудни богатства, за истражување на природен гас и нафта, во геологијата, за истражување на распоредот и густината на земјините маси, за откривање на подземни шуплини, пештери и јами. Гравиметриските податоци може да се користат и во хидрологијата, за лоцирање на подземни води, за следење на влијанието на плимските бранови на нивоата на природните езера во Република Македонија, но ќе бидат од полза и за сеизмологијата – за следење на промените на земјините маси при потреси. Тие се користат и во инженерството, при проектирање и изведба на патна и железничка инфраструктура, поголеми тунели, мостови, брани, како и во геодезијата за добивање на поточни и поквалитетни геопросторни податоци во постапките на премерување.

ИГЕО

Оваа статија е прочитана 5246 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.