Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Најубавите национални паркови во светот

Најубавите национални паркови во светот

16.02.2015.

Национален парк е заштитен природен или полуприроден предел во сопственост на владата на една земја. Во ваквото подрачје се забранети градежни потфати, експлоатација на природните ресурси и менување на теренот, а се дозволува негово користење за рекреација и еколошки активности. Природата знае да изненади со своите невообичаени предели. Во оваа статија се претставени 12 национални паркови кои се сметаат за најубави во светот (листата е според US Travel).
Национален парк Серенгети, Танзанија. Во низата на најубави национални паркови, а најчесто и прогласуван за број 1 национален парк во светот е Националниот парк Серенгети. Се наоѓа во Африка во регионот Мара. Пред точно еден век, никој не знаеше за постоењето на оваа прекрасна идила. Националниот парк Серенгети е основан во 1951 година. Денес, над 90 илјади туристи годишно го посетуваат овој магичен предел.
Национален парк Галапагос, Еквадор. Островите Галапагос се најпосетуваното Природно богатство на УНЕСКО. Најпознатиот „жител“ е џиновската желка, и островите се именувани токму според овој член на животинската популација. Првите закони за заштита на Галапагос беа донесени во 1934 год., а изменети во 1936 год., но дури во текот на 1950-тите беа преземени мерки за контрола на она што ѝ се случуваше на домородната флора и фауна. Во 1986 год. 70.000 km2 од океанот околу островите беше прогласен за морски резерват и е втор по големина по австралискиот Голем Корален Гребен. Во 1990 год. архипелагот стана резерват за китови. Во 1978 год. островите се прогласени за светско наследство, а во 1985 год. ги прогласи за биосферен резерват. Во декември 2001 год. на ова го приклучија и морскиот резерват. Во јули 2010 год. комитетот за Светски наследства одлучи да го отстрани Галапагос од списокот на драгоцени места загрозени од природни закани или преголемо користење
Национален парк Големиот Кањон, Аризона (САД). Големиот Кањон е стрмен кањон изделкан од реката Колорадо во САД во државата Аризона. Тој е заштитен под Националниот Парк на Големиот Кањон, 15-тиот национален парк во САД. Националниот парк Голем Кањон е едно од светските водечки природни атракции, привлекувајќи околу пет милиони посетители секоја година. Големиот Кањон е долг 277 милји (446 км), до 18 милји (29 км) широк и постигнува длабочина од над еден километар.
Национален парк Мачу Пикчу, Перу. Изградена е од Инките во 15 век, но успева да опстои и покрај разорните напади на шпанските освојувачи. Повеќе од 500.000 туристи го посетуваат Мачу Пикчу годишно, што води до потенцијална криза во однос на ефектот врз локалниот див свет и околината. Фасцинантната историја и древните археолошки локации се главната атракција, како и неверојатниот пејсаж.
Национален парк Јелоустон, САД. Националниот парк Јелостоун е заштитен од Конгресот на САД на 1. март 1872 година, и е лоциран во државите Вајоминг, Монтана и Ајдахо. Паркот опфаќа површина од 8.983 км², со езера, кањони, реки и планински венци. Езерото Јелостоун е едно од најголемите планински езера во САД, и се наоѓа во кратерот на вулкан кој сѐ уште се смета за активен. Илјадници животински видови живеат овде, меѓу кои има и мечки кои често се доближуваат до автомобилите да се поздрават со туристите. Влезницата за паркот е екстремно евтина, со оглед на тоа што се’ овој парк може да понуди.
Национален парк Кругер, ЈАР. Националниот парк Кругер е најголемиот резерват на диви животни во Јужноафриканската Република, одалечен околу 330 км источно од Јоханесбург. Тој со површина од 19 485 км2 е еден од најголемите национални паркови во светот. На север и на југ е ограничен со реките Лимпопо односно Крокодилската река. Африканско сафари е едно од нештата кои се на врвот на сечија листа на желби. Лавови, тигри, слонови и жирафи чекаат да ги посетите. Секое сместување има 5 ѕвездички и е лоцирано или во самиот парк, или на 15-минутно возење.
Национален парк Фиорленд, Нов Зеланд. Националниот парк Фиорленд го зафаќа југозападниот агол на Јужниот Остров на Нов Зеланд. Ова е најголемиот од 14-те национални паркови во земјата, со површина од 12.500 км².Паркот е мошне популарна дестинација за алпинизам и особено, планинарење, а во близината се наоѓаат и познати планинарски патеки како Милфордската, Кеплеровата, Холифордската и Рутберновата патека.Фјордленд спаѓа во најтешките планинарски дестинации. Во паркот има малку патеки, и вон нив планинарите мораат да следат еленски траги.
Национален парк Канајма, Венецуела. Националниот парк Канајма се наоѓа во регионот Гран Сабана од државата Боливар, Венецуела. Тука се наоѓа и највисокиот водопад во светот Ангелскиот водопад. Ангелскиот водопад е највисокиот светски водопад со висина од 979 метри, а слободен пад на водата од 807 метри. Висината на водопадите е толку голема што водата е расеана од силните ветрови и се менува во магла пред да дојде до земјата.
Национален парк Јосемит, Калифорнија (САД). Во срцето на Калифорнија лежат 5 спектакуларни водопади кои станале врвна туристичка дестинација. Овој широк вариетет на растенија и животни живеат помеѓу долините и езерата.Паркот зафаќа површина од 761 268 хектари (3 080 74 км2 ), а се наоѓа на надморска височина од 648 до 3997м и содржи пет зони на вегетација: дабови шуми, долна планинска зона, горна планинска зона, субалпска и алпска зона. Националниот парк ги опфаќа источните делови на Телуме, Марипоса и Медера окрузи во источниот дел на централна Калифорнија.
Национален парк Торес дел Пеин, Чиле. Националниот парк е создаден во 1959 година. Се наоѓа во јужниот дел на Чиле, Патагонија. Националниот парк зафаќа површина од 2 420км2. Опфаќа планини, глечери, езера и реки. Најблиските градови се Пуерто Наталес – на 140 километри на југ и Пунта Аренас на 312 километри јужно од паркот. На север Торес Дел Пеин граничи со Аргентина, на запад – со ледниците Греј и езерото Лаго Греј, на југ – со езерото Лаго дел Торо, на исток – со езерото Сармиенто де Гамбоа.
Национален парк Сагарматха, Непал. Националниот парк Сагарматха е заштитена област (национален парк) во Хималаите во источниот дел на Непал, во којшто се наоѓа јужната половина од врвот Еверест. Паркот е објавен на 19 јули 1976 г. и станува дел од Светското природно наследство на УНЕСКО во 1979 г. На санскрит „Сагарматха“ означува „високо во небото“.Паркот опфаќа зона од 1 148 км2 во округот Солукхумбу и надморската висина варира од 2 845 м до 8 848 м на врвовите на Еверест. 69 % од паркот е гола земја со надморска висина над 5 000 м, ледниците покриваат 28 %, а останатите 3 % се гори. Поголемиот дел од паркот е стрмен, како релјефот да е расечен од реките и ледниците.
Национален парк Банф, Алберта, Канада. Националниот парк Банф се наоѓа 120-200 километри западно од Калгари, и го вклучува градот Банф, Алберта. Националниот парк Банф опфаќа површина од 6.641 km² и содржи повеќе од 1600 километри на преодни патишта. Атракции на Националниот парк се, меѓу другото, минерални топли извори, планински области, можност за кампување, планинарење, пешачење, голф, јавање, алпско и нордиско скијање и езерото Луиз.

Извор:http://travel.usnews.com/Rankings/Best_National_Parks_in_the_World/

Подготвиле: Славица Тенекиџиева и Тодорче Тановски

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*