Се наближува изборот на 24 финалисти за еднонасочно патување на Марс

20.02.2015

MARS ONE е проект за колонизација на планетата Марс кој е веќе почнат и после два елиминациски круга, од 1000 кандидати е направена првата предфинална селекција од 100 кандидати-потенцијални астронаути за Марс. Основните услови за кандидатите беа да имаат 18 години, да бидат интелигентни, со добро ментално и физичко здравје и да бидат подготвени на обука во траење од осум години. Во следниот филтер ќе бидат избрани финалните 24 кандидати кои ќе отпочнат со 8 годишната обука за астронаути. Тие ќе учат за поправка на компонентите на живеалиштето на Марс, поправка на роверите (возилата-роботи кои ќе бидат со нив на планетата). Ќе имат серија на обуки за медицински процедури и ќе научат како создаваат сопствена храна во своето живеалиште. Тренингот ќе се одржува во кампови направени во најсуровите делови од нашава планета и ќе завршат во Арктичката пустина. Лансирањето на екипажот за колонизација на Марс е закажан за 2024-та година. Во меѓувреме во повеќе етапи ќе се лансира и ќе се постави потребната техничка опрема потребна за колонизацијата. Во 2018 година ќе се лансира првиот сет на опрема. Таа ќе содржи, софистицирани соларни панели за производство на енергија, технологија за производство на вода од топење на ледените наслаги во почвата на Марс, производство на кислород и телекомуникациски сателит кој треба да обезбеди постојана комуникација со Земјата. Во 2020 година ќе се лансира првиот ровер и приколка за транспорт. Интелигентниот ровер во рамките на претходно дефиниран регион ќе ја бара најдобрата локација за поставување на првата населба на Марс. Идеална локација значи доволно на север за почвата да содржи вода, екваторски доволно позиционирана за максимална соларна енергија и доволно рамна за да се олесни изградбата на самата населба. Кога локацијата ќе биде избрана, роверот ја подготвува површината за доаѓањето на следните карго мисии. Така, во 2022 година треба да се лансира карго пакетот со потребната опрема за живеалиштата. Овој пакет ќе содржи втор ровер  и шест единици за живеење, единици- системи за поддршка и создавање на услови за човечко живеење и единици за работа. Во текот на 2023 година роверите треба да ја изградат населбата пред доаѓањето на луѓето со поставување на шестте карго единици. Единицата за поддршка на системот ќе биде поврзана со единиците за престој на екипажот со помош на систем кој ќе може да транспортира вода, воздух и електрична енергија. Водата ќе се извлекува од почвата на Марс со испарување на потповршинските мразни честички и тоа првин во гасовита агрегатна состојба, а потоа истата ќе се кондензира во течна состојба и ќе се складира. Дел од водата ќе се користи за производство на кислород. Азотот и аргонот, филтрирани од атмосферата на Марс ќе ги сочинуваат останатите компоненти потребни занепречено дишење на воздухот во внатрешноста на живеалиштето. Пред првата екипа да го започне своето патување, животниот систем за поддршка треба да произведе атмосфера со 0.7 бари притисок, 3.000 литри вода и 120 килограми кислород кој ќе биде складиран во специјални контејнери. Лансирањето на вселенското летало со екипажот за Марс е предвиден за летото 2024 година. Во 2025, после 9 месечен лет, првите луѓе ќе слетаат на Марс. Се претпоставува дека ова ќе биде најсензибилната и најкритичната фаза. Астронаутите ќе бидат долго време без дејство на гравитација, гледано од физички аспект. Но не се знае како врз нив ќе влијае повеќемесечниот лет во драстично ограничен простор на вселенското летало. Тука треба да се земе во предвид и психолошкиот притисок на фактот дека никогаш повеќе нема да се вратат на Земјата. Астронаутите ќе ги приземји таканаречениот “Lander” на 10 км од населбата. Тој ќе се одвои од “Транзитниот модул“ во кој претстојувале претходните 9 месеци. Во следните 48 часа астронаутите ќе останат во лендерот за адаптирање на гравитацијата. Астронаутите по поминатата адаптација, на себе ги облекуваат скафандерите и се транспортираат со помош на роверот кој ќе дојде по нив од населбата. Во 2027 година е предвидено проширување на населбата со втор екипаж. Каргото со опрема за втората екипа ќе се лансира во рок од неколку недели по стапнувањето на првата екипа на Марс. По неговото приземјување, опремата ќе се инсталира од страна на првите членови на екипажот и на тој начин ќе се прошири населбата и ќе се создадат услови со нови живеалишта за новите доселеници. Овој процес ќе продолжи понатаму, така што дополнителни екипи ќе слетуваат на секои две години.

Гореспоменатото сценарио изгледа оптимистичко. Меѓутоа, според студијата на истражувачите од МИТ во САД, условите на Марс се такви што според технологиите што ни стојат на располагање, мисијата ќе може да издржи најмногу околу 68 дена. Според студијата, храна и вода премногу брзо ќе снема, додека нискиот воздушен притисок ќе предизвика големи тешкотии со дишењето. Голем проблем ќе биде регулацијата на кислородот, доставата на резервни делови (секоја пратка би чинела околу 5 милијарди долари), комуникацијата со Земјата (за еден краток директен разговор би биле потребни неколку часа) и бројни други проблеми. Сепак, до праќањето на првиот човечки екипаж (трошоците се проценети на 6 милијарди долари), остануваат 9 години. Во смисла на очекуван технолошки напредок, можни се сосема нови технологии и решавање на досегашните „нерешливи“ проблеми. Доволно е да се вратиме во 2006 година и да се потсетиме на кое ниво беше технологијата тогаш во однос на денешната. Во таа смисла, најголем подем може да биде зголемувањето на брзината на меѓупланетарните патувања, која денес изнесува „симболични“ 20-30 км/сек.

Едно е сигурно: првите луѓе ќе заминат на Марс во следната деценија, а голема е веројатноста до крајот на овој век веќе да се формира колонија со барем неколку стотици жители, како и да се родат првите „оригинални“ Марсовци. Планетата Земја ионака станува „претесна“ за речиси 8-те милијарди луѓе.

Извори: http://kapital.mk/poraka-od-nauchnitsite-ne-odete-na-mars-tamu-ke-umrete-za-68-dena/
http://news.yahoo.com/humans-may-only-survive-68-days-mars-220955518.html

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4698 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.