Пештерите во околината на Делчево

8.06.2015

Село ГрадВо источниот дел на Република Македонија, карбонатните карпи се присутни на незначителна површина. Затоа нема ни некои позабележливи појави на карстен релјеф. Сепак, со подеталните истражувања во последните неколку децении се регистрирани, посетени и испитани десетина пештери. Најголем број од нив е на планината Плачковица под врвот Туртел и тоа: Глемата пештера, потоа Ќуп, Ајдучка, Туртел и Понор. Втора локалност каде има појава на подземни карстни форми е околината на Делчево. Така, кај селото Град, на 7 км југоисточно од Делчево има една мала карбонатна маса од тријаски варовници, пресечена со Градска (Градечка) Река. По страните на варовничките карпи и отсеци има отвори на повеќе спелеолошки објекти, од кои ние посетивме два. Едната пештера е на левата долинска страна и е позната под името Коњска Дупка. Влезот во пештерата се наоѓа 25 м над карпестиот отсек и до него водат две патеки. Едната патека е „уредена“, бетонирана и со скали, меѓутоа во последните години, поради натрупување на распаднат материјал и неодржување, истата е речиси неупотреблива и ризична. Втората патека кружи од страната на стариот каменолом и е подолга, меѓутоа посигурна. Просторот пред влезот во пештерата е тесен, меѓутоа од него се протега прекрасен видик кон

Патеките до Коњска Дупка
Патеките до Коњска Дупка

с. Град и кон тврдината над селото. Самата пештера Коњска Дупка е сува, едноставна и без пештерски накит. Долга е околу 30 м. Во неа има археолошки остатоци, а присутни се повеќе лилјаци. Вториот спелеолошки објект е под големиот карпест отсек на спротивната (десна) страна на реката. Месното население го нарекува „тунел“ или „изворска дупка“, бидејќи влезниот дел од објектот е проширен и модификуван од страна на човекот. Во „тунелот“ кој е со пречник од околу 1,5 до 2 м и должина од најмалку 20 м (поради немање на опрема, не е испитан до крај), има водотек кој на неколку места е заезерен и длабок до 0,5 м. Во внатрешноста на „тунелот“ има голема колонија на лилјаци и бројни инсекти. Водотекот што излегува од објектот, порано се користел како извор на квалитетна пиечка вода, а и денес делумно служи за водоснабдување. Третиот спелеолошки објект во делчевско е Киселичка Пештера кај истоименото село, на 10 км североисточно од Делчево. До пештерата која се наоѓа во подножјето на Киселички Рид, се доаѓа по асфалтен пат до старата земјоделска зграда, кај месноста Крст. Од зградата до пештерата води колски пат во должина од 500 м, а на крај е тесна патека покрај водотекот Бабин Дол (помеѓу Киселички и Пештерски Рид). Влезот во пештерата е на 780 м надморска височина и е средно пристапен, бидејќи потребно е искачување на 3-4 м висока карпеста тераса пред влезот. Во внатрешноста има еден главен канал и повеќе Киселичка Пештерастранични канали, а на крајот се јавува пропаст со длабочина од десетина метри. Должината на пештерата, според првичните теренски сознанија веројатно е над 50 м. Според локалното население, на дното од пропаста има вода или мало езеро, како и страничен канал кој излегува на површината. Сепак, останува овие кажувања да се проверат. Всушност, со сите три пештери се поврзани бројни легенди и приказни. Причина за тоа е што околу нив или во нив има археолошки траги, како што е старата тврдина (обновена пред 20-тина години) во село Град. Како и да е, овие 3 спелеолошки објекти се доста интересни за посета и натамошни истражувања, со кои можеби ќе се добијат сосема нови и уникатни сознанија.

Tunelska

Tunelska02

 

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6430 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.