Коњска Дупка, најисточната пештера во Република Македонија

12.07.2015

Во непосредна близина на селото Град, кое е на 7 км југоисточно од градот Делчево, се наоѓа кратката пештера Коњска Дупка. Според досегашните сознанија, таа е најисточната пештера во Република Македонија. Изградена е во варовнички карпи кои се појавуваат на мала површина веднаш покрај селото Град. До пештерата се доаѓа по добар земјен пат, кој почнува од центарот на селото и води кон североисток по Градечки Дол. По само 400 м од почетокот на патот, се доаѓа до стрмните варовнички карпи, а од десната (јужна) страна се гледа бетонирана патека со скали кои се искачуваат по карпите. Оваа патека порано се користела како пристап до пештерата, меѓутоа поради неодржување, денес е доста опасна и не треба да се употребува. Како пристап до влезот на пештерата, многу посигурна е патеката која тргнува кај некогашниот каменолом, односно уште околу 100 м подалеку по патот. Патеката се искачува покрај напуштениот каменолом и преку нискостеблестата шумичка доаѓа до самиот влез во Коњска Дупка. Сепак, доаѓањето до влезот треба да биде внимателно бидејќи малку пониско има вертикален отсек висок 20 м (отсекот е од пред влезот до патот во подножјето).

Пристапни патеки до пештерата Коњска Глава
Пристапни патеки до пештерата Коњска Глава

Инаку, влезниот дел на пештерата е широк, како и внатрешноста, која претставува мала пештерска сала, долга 12 м и широка околу 3-4 м. Висината до таваницата во овој дел е околу 2-3 метри. На крајот од салата, на левата (северна) страна, речиси вертикално се искачува еден канал со должина од 8 метри. Истиот излегува на површината, поточно на едно зарамнување десетина метри над влезот во пештерата (сепак, овој канал на врвот – излезот е тесен за „провлекување“). Според извршените мерења, вкупната должина на Коњска Дупка е само 24 м. Во неа нема пештерски накит или некои особено интересни содржини, освен одредени археолошки траги. Последното е сосема разбирливо, бидејќи целиот околен простор изобилува со археолошки остатоци, а влезот во пештерата има одлична стратешка положба со тешка достапност, извишеност и извонреден поглед кон долината. Во внатрешноста на пештерата има повеќе лилјаци, а на самиот влез може да се налета на влечуги, па и на поскокот поради што е потребна внимателност.

Vnatre2
Влезниот дел на пештерата
Vnatre
Кон стрмниот страничен канал и „горниот отвор“
Nadvor
Поглед од пред влезот, над стрмниот отсек
Skica
Скица на пештерата Коњска Глава

Пештерата Коњска Дупка не е голема, ниту особено интересна од спелеолошки аспект, меѓутоа претставува куриозитет како најисточна пештера во нашата држава. Во нејзината близина има уште неколку кратки пештери и поткапини (долги до 10 м), како и еден варовнички тунел низ кој минува подземен водотек (долг 18 м). Во идниот период, Коњска Дупка можеби ќе биде многу поинтересна од археолошки аспект, со оглед на одредени трги, но и бројните легенди, преданија и кажувања на локалното население.

На крај да напоменеме дека детално истражување на Коњска Дупка беше изведено на 10.07.2015 година, а во екипата учествуваа д-р Ивица Милевски, Никифор Пандурски, како и геоморфолозите од Универзитетот во Пиза – Италија: д-р Giovanni Zanchetta, д-р Monica Bini и д-р Adriano Ribolini.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6375 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.