Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Зошто термометрите во возилата или на екраните покажуваат многу повисоки температури на воздухот од реалните? Како се мери реалната температура на воздухот?

Зошто термометрите во возилата или на екраните покажуваат многу повисоки температури на воздухот од реалните? Како се мери реалната температура на воздухот?

13.08.2015

На овие летни жештини, често ќе чуеме или ќе видиме како автомобилот или екранот на некој објект покажува температура на воздухот од 50 и повеќе степени Целзиусови. Обично, веднаш погрешно ќе протолкуваме дека метеоролошката служба „не лаже“ кажувајќи дека се само 30-35 степени. Меѓутоа, треба да се знае дека за мерење на температурата на воздухот постојат строги стандарди, правила и инструменти, кои накратко ќе ги претставиме во текстот што следува.
За прецизно одредување на температурата на воздухот, се користат повеќе видови на т.н. метеорлошки термометри, кои по својата изведба се разликуваат од другите видови на термометри (за мерење на телесна температура, температура на предмети, температура на вода и др.). При конструкција, искористени се својствата на телата, со промена на температурата во помала или поголема мерка да се менуваат скоро сите нивни физички карактеристики: волуменот, електричните својства, формата и др. По промена на тие својства, може да се суди и за промена на температурата. За мерење на температурата на воздухот, водата и земјиштето, во метеоролошката практика се користат неколку типови на термометри:

  • Термометри исполнети со течност (или гас);
  • Метални (деформациски) термометри;
  • Електрични термометри (работат врз принцип на електричен отпор) и
  • Термоелектрични-сензорски термометри (врз принцип на појава на слаба струја со промена на температурата).

Во нашите метеоролошки станици, за мерење на температурата на воздухот најчесто сеуште се користат „традиционалните“ видови термометри и тоа:

  • Обичен (живин) термометар;
  • Минимален (алкохолен) термометар;
  • Максимален (живин) термометар и
  • Термограф.

 

TermometarОбичниот живин термометар, служи за мерење на моменталната состојба на температурата на воздухот. За обичниот термометар, при мерење на температурата, од голема важност е брзо и прецизно исчитување на вредноста од скалата. Максималниот термометар, служи за бележење на максималните дневни температури. По градба е сличен со обичниот, со таа разлика што делот од капиларната цевка кој се спојува со резервоарот со жива, е стеснет. Така, живиниот столб, со порастот на температурата, постепено се издига, до некоја највисока дневна температура, но при намалување на температурата, живиниот столб, поради стеснетата капиларна цевка не се намалува, (се намалува многу споро), туку ја покажува највисоката забележана температура. Тоа значи дека максималниот термометар треба секогаш да иокажува поголема или еднаква вредност со обичниот. Минималниот термометар, ги бележи најниските (минимални) дневни температури на воздухот. Се разликува од обичниот по поголемиот резервоар и капиларна цевка, а наместо жива користи чист алкохол. Во капиларата се наоѓа мало стаклено цевче кое е јасно означено. При намалување на температурата, цевчето под влијание на површината од алкохолниот столб (менискот), се повлекува кон резервоарот додека температурата не достигне минимална вредност. Со зголемување на температурата, алкохолниот столб се искачува, но цевчето останува на првобитна позиција и на тој начин тоа ја означува минималната температура. Пред наредното мерење, минималниот термометар, претходно добро се протресува. Термографот е метеоролошки инструмент кој служи за мерење и графичко забележување на дневниот циклус на температурата за период од еден или повеќе денови, за што поседува ротациски механизам. Сепак, во последно време, со развојот на технологијата, наместо обични или класични термометри, се воведуваат дигитални сензорски инструменти. Тие ја бележат и меморираат температурата на секои 5, 10 минути, половина час или во зависност од нашите подесувања. Воедно, имаат можност да ги испраќаат податоците далечински, преку интернет, wi-fi, 3G, 4G сигнал и др., директно до компјутерот.

Без оглед кој вид на термометар се користи, најважно е истиот да биде од „проверен“ изработувач на метеоролошки инструменти, прецизен и добро калибриран (проверен дека покажува прецизни вредности). Така, повеќето ефтини „аматерски“ термометри покажуваат и до неколку степени повисоки или пониски вредности од реалните, што треба да се има во предвид.
Втора, можеби уште позначајна работа е поставеноста на термометарот. Кога сакаме да ја измериме „реалната“ температура на воздухот, термометарот треба да го поставиме на 1,5 до 2 м височина над тлото, по можнст над тревна или земјена површина, но не над бетон, асфалт или друга подлога со силна „температурна рефлексија“. Заради истата причина, термометарот (или сензорот) треба да биде странично оддалечен барем 1-2 метри од објекти и површини. Термометарот не треба да биде поставен директно на сонце, туку во сенка (не во длабока шумска сенка) и на проветрен простор. Секако, поради нашата топлина, не треба да се држи со раце. Најдобро е да биде прицврстен, поставен или закачен за „природна“ површина. Според препораките на Светската метеоролошка организација, термометрите, секогаш треба да се поставуваат во метеоролошка куќичка, на височина од 1,5 до 2 м над тлото, на отворен простор, подалеку од асфалтно-бетонски објекти и конструкции. Обичниот термометар се поставува вертикално, максималниот косо, а минималниот скоро хоризонтално. Под нив, во долниот дел се наоѓа термографот. Доколку користиме дигитално-сензорски инструмент, добро е неговите вредности претходно да се споредат со подобар живин термометар.

Според тоа, сосема нерелевантни, несоодветни и најчесто неточни се вредностите за температура на воздухот кои ги исчитуваме „на своја рака“ од сензорот на возилото, потоа од разни домашни сензори и инструменти „за забава“, или пак од екраните со термометри на згради и други објекти. Така, заради поставеноста (па и квалитетот на сензорот), вредностите за температура на воздухот во автомобилите се и до 10-15 степени повисоки од официјалните. Всушност, обично станува збор за температура над асфалтот или пак „на отворено“ која секако е значително повисока од предвидените стандарди за мерење. Како официјален податок, највисока досега забележана температура на воздухот измерена во Македонија е 45,7 степени во Демир Капија, 43,4 степени во Скопје, 41,2 степени во Битола итн.

Автор: д-р Ивица Милевски

 

Оваа статија е прочитана 12155 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger