Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Миконос – љубов распослана долж брегот

Миконос – љубов распослана долж брегот

31.11.2015

Доколку некогаш помислите на остров кој никогаш „не спие“ верувам дека низ главата ќе ви поминат слики на прекрасни плажи, спектакуларни забави и многу непроспиени ноќи за паметење. Балканската Ибица е една од најпосакуваните дестинации за одмор на оние туристи со малку „подлабок“ џеб а се наоѓа ни помалку ни повеќе туку во центарот на Егејското море како дел од Кикладите, Грција. Гордо го носи името Миконос. Рај на земјата преку денот а „пекол“ низ ноќните часови кој ечи во ритамот на музиката.
За среќа, ова лето успеав да ја почувствувам хармонијата на „белиот“ остров и одново и одново се заљубувам во неа. Тримесечниот престој на Миконос ме научи да го сакам утрото кое се будеше зад белите куќи со сини врати и прозорци што молкум се искрадува низ лавиринтот на тесните камени улички, а полека заспива во изобилството разнобојни цвеќиња кои се шират под прозорците. Истиот тој престој ме научи да ја сакам ноќта која се одѕираше од кристално чистата, но ладна вода и полека навлегуваше во сјајните очи на неуморните туристи желни за забава. Но, не било каква, туку онаква забава каде атмосферата те возвишува до облаците, а музиката се слуша со срцето и душата. Најпознатите диџеи од разни страни на светот доаѓаа тука да ги забавуваат туристите.
Миконос е остров кој спие до попладневните часови, а дотогаш улиците земаат воздух подготвувајќи се за топлата ноќ, која надоаѓа украсена со милиони задоволни насмевки. Релативно малиот остров со површина од 105 километри квадратни е предизвик за сите неуморни трагачи по возбуда. На ова место таверните работат со посебен дух на традицијата, а морските плодови се готват по најврвните рецепти. Туристи ширум светот ги оставаат своите траги од обувките на тлото на Миконос, трагајќи во убавините кои не ги заситуваат, а од нив најбројни се Италјаните и Австралијанците. Самиот остров е мал по површина, со брановиден релјеф и најголема височина од 341 м. На него нема вистински реки или потоци, туку само повремени водотеци за време на врнежи. Преку зима, островот е речиси пуст, со едвај 10 000 жители сконцентрирани главно во најголемиот град кој го носи истото име: Миконос. Меѓутоа, преку лето, може да има и по 100 000 луѓе на островот, па станува „тесен“ за огромниот број посетители. А тоа пак е поради уникатноста на островот и контрастот на боите: бели вили и хотели, наспроти синото море. Тоа е вистинската Грција.

Доколку сакате да уживате во неописливите нијанси на бои кои се рефлектираат на пристаништето и да го јадете најубавото суши на островот, тогаш треба да заземете удобна позиција низ хотелите и апартманите на Орнос. Ако сте љубители на беспрекорен поглед кон долгометражните плажи, тогаш најубавите сместувачки капацитети се сконцентирани во Елиа и прескапиот Кало Ливади каде цената на лежалките на плажата достигнува дури до 70 евра. Автентичниот островски пејсаж го дополнуваат седумте ветерници на пристаништето а никако не смеам да ја изоставам Малата Венеција каде се крие најубавото зајдисонце.
Ах кога само ќе се сетам колку уживав пиејќи го својот коктел покрај брегот на морето со звукот на музиката која ја пишуваа брановите кои секоја вечер упорно удираа во пристаништето небаре ќе го срушат. Миконос е навистина непријател на ветерот кој секоја вечер ги креваше летните фустани на девојките и примамуваше машки погледи од страна. Остров каде цело лето ниеднаш не забележав тажно лице. Местово во кое денот и ноќта се помешани и не остава простор за здив поради тоа што има да понуди нешто ново. Тоа е делче од земјата каде месечината крие многу летни романси заборавени на песочните плажи, скриени во ноќните клубови кои работат до утринските часови и оставени на клупите од мермер офарбани во бела боја.

Clipboard00

За жал срцето на Миконос бие само од јуни до почетокот на сепметври. Жителите во октомври си ги пакуваат своите куфери до најблискиот град а воедно и главниот на Грција, Атина, се до следниот јуни. Тогаш повторно птиците почнуваат да ја пеат истат песна, а старите врати да исто чкрипат кога се отвараат.
Мене ме остана врежан длабоко во срцето како едно од најромантичните места во Грција, со најстарите цркви и најубавите легенди за боговите кои тука го наоѓале својот мир. А впрочем и самиот остров го носи името на лик од грчката митологија. Миконос не е место кое треба да се види, тоа е чувство кое треба да се почувствува длабоко внатре во нас за никогаш да не се заборави и упорно да не враќа назад низ спомените.

Автор: Марија Калчева, студент на насоката Туризам, на Институтот за географија.

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*