Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Викенд предлог » 1оо години туризам на Шар Планина!

1оо години туризам на Шар Планина!

24.12.2015

Шар Планина e една од најголемите и највисоките планински масиви во P. Македонија. Сместена е во северозападниот дел на земјата, на границата со Р. Косово и Р. Албанија. Шарпланинскиот масив се протега во правец североисток – запад – југозапад во должина од 76 км. Започнува од реката Лепенец и Качаничката Клисура на североисток, на исток границата е определена со Полошката котлина, на југозапад Штировичка Река и изворите на Радика, на југ изворот на реката Вардар – Вруток.

Развојот на современиот туризам во Шар Планина, како и во останатиот дел на Р. Макединија има релативно кратка историја. Пред првите организирани туристички движења, Шар Плланина со својата маркантност и убавина привлекла повеќе истражувачи и тоа уште во првата половина на ХIХ век. Првите истрaжувачи на Шар Планина биле француските геолози А. Bye и Vikenel кои во 1838 година се искачиле на Кобилица (2528 м ), а веќе следната година Grizebah со својата придружба се искачил на врвовите Љуботен (2499) и Кобилица ( 2528м) (Кривокапиќ, 1969). Французинот Ами Буе, кој Шар Планина посебно ја проучувал, на едно место ја споредува со Пиринеите (Стефановски, 1981). До крајот на ХIХ век на Шар Планина се имат искачено многу други научници како што се: Noemajer, Burgenschtain, Jovan Žujović, Jevrem Žujović, Jovan Cvijić, Dragutin Petrović и други. Од почетокт на ХХ век до денес, Шар Планина редовно е посетувана и проучувана од најразлични аспекти и сеуште има појави и процеси кои што барат понатамошни истражувања.

Појавата на првите туристи на Шар Планина можеме да ја поврземе со изградбата на првиот хотел во Тетово во 1908 година од страна на Томе Заковски кој како таков функционирал до 1922 година. За разлика до дотагашните анови, овој објект драстично се разликувал по изгледот и услугите.
Според Кривокапиќ (1969) првите туристи на Шар Планина се појавиле на 5-ти август 1924 година, кога двајца студенти (Жак Шалимо и Лисеј Фурол) од Франција се искачиле на Љуботен. Сепак, тоа е само прв пишан податок, бидејќи Шар Планина била веќе позната по своите убавини, а со оглед на општествено-економските прилики и постоење на хотел во Тетово, скоро извесно е дека имало туристи и пред нив. Всушност, според одредени кажувања, првите вистински туристи овде престојувале уште помеѓу 1915 и 1920 година, или пред точно 100 години. Првата поголема група од Скопје се искачува на Љуботен на 19 август 1927 година.
Во зимата 1925-1926 година започнале првите скијачки активности на Шар Планина. На почетокот биле во месностите Поток и Теќе, а подоцна се прошириле и на месностите Гарјанска Ливада и Кале. Првото искачување со скии на Шар Планина се смета дека го направиле Душан Кривокапиќ и Станислав Ферлан. Двајцата планинари-скијачи на 3.03.1926 година со скии се спуштиле од Љуботен (Савоски, 2002).
Развојот на туризмот на Шар Планина бил ограничен поради непостоење сместувачки капацитети. Едниствени места за ноќевање на почетокот на ХХ век биле бачилата. Во 1923 година се изградени две земуници на Љуботен во кои ноќевале првите планинари, на чие место во 1926 година биле изградени ѕидани објекти.
Прв планинарски дом на Шар Планина, а воедно и во Македонија е изграден на Љуботен во 1930 година. Домот бил лоциран на надморска височина до 1700 м и располагал сo 3 соби во кои имало 15 легла. Во 1949 година на падината на Мал Јелак на Попова Шапка бил изграден ски-лифт. На 10.02.1984 година била пуштена во употреба првата скокалница на Попова Шапка. Овие први чекори овозможиле скијањето да почне брзо да се развива на падините Попова Шапка. Натпревари со повисок ранг почнале да се одржуват од 1947 година, а како најзначајни се: Шарпланинскиот Куп, Балканскиот Шампионат и најголемиот дел од државните првенства. Сите тие дале свој придонес и импулс во понатамошното планирање и развој во туризмот на Шар Планина. Воопшто земено, според статистичките податоци, најголемиот број туристи и остварени ноќевања на Шар Планина е реализиран во 1980-тите години. Во овој период највисока бројка е достигната во 1985 година (37.596 туристи), односно во 1986 година (119,437 ноќевања). Тогаш, Шар Планина била меѓу најпопуларните планински туристички центри во овој дел на Балканот. Потоа, бројот на туристите опаѓа за повеќе од двојно. Причините за намалување на туристите се поради мал број сместувачки капацитети, слаба туристичка инфраструктура, политичко-безбедносните случувања и др. Освен овие причини, негативното влијание врз туризмот се должи и на преминот и транзицијата на нашата држава кон пазарно стопанство, невработеноста, животниот стандард, конкуренцијата на странскиот туристичкиот пазар, несоодветната туристичка пропаганда, понуда и многу други причини. Затоа, за да се врати некогашниот туристички сјај на Шар Планина, неопходни се поголеми вложувања, нови сместувачки објекти и содржини, промоција и сл.
Извори:

Кривокапиќ Д. (1969): Шар Планина. Туристичко географски приказ предела и народна, Београд
Савоски М. (2002): Развојот на скијањето во Вардарска Македонија од 1919 до 1975 год. Институт за национална хисторија, Скопје.
Стефановски Ж. (1981): Шар Планина, Тетово
www.pkljuboten.org.mk
wikipedia.org/wiki/Шар _Планина 02.12.2015

Автор: Рукије Ибраими, докторант на Институтот за географија при ПМФ, Скопје

Објавено од:

Од категорија: Викенд предлог

Leave a Reply

*