Земјотресот во Јапонија, предизвикал 50-метарско поместување на океанското дно

2.12.2011. Превземено од www.natinalgeographic.com

Според најново истражување на јапонски научници, катастрофалниот земјотрес во Јапонија од 11-ти март 2011 година, предизвикал поместување на морското дно од дури 50 метри. Тоа е значително повеќе од вредностите на претходните извештаи кои укажуваа дека поместувањето изнесувало 24 метри. Вакво големо поместување всушност и го предизвика катастрофалното цунами од кое загинаа над 15.000 луѓе и кое меѓу другото, значително ги оштети нуклеарните реактори на Фукушима. За целта на студијата, Тошија Фуџивара и неговите колеги од Јапонската Агенција за поморски науки и технологии, ги споредувале картите на морското дно од 1999 и 2004 година со оние направени само неколку дена по земјотресот во март. Нивните анализи покажаа дека морското дно во овој дел не само што се поместило 50 метри, туку и се издигнало за цели 10 метри. Земјотресот се случил во зоната на субдукција или подвлекување на едната под другата тектонска плоча долж огромна раседна линија. Бидејќи ваквите земјотреси во зоните на субдукција се случуваат длабоко под океанското дно, тие се „невидливи“ од копно. Во минатото, научниците врз основа на силината на земјотресните бранови, само индиректно заклучувале за тоа колку се поместуваат океанските дна. Тоа барало многу сложено компјутерско моделирање, а резултатите биле несигурни. Меѓутоа, најновото истражување ќе значи напредок во разбирањето како субдукциските зони условуваат создавање на цунами.

Сепак, според некои истражувачи, ниту овој метод не е сосема сигурен за проценка на поместување на океанските дна. Тоа од причина што од 2004 година кога било последното картирање, до крајот на март (две недели по земјотресот), поминало доста време, па и други помали настани можеле да влијаат на поместувањето: секундарни земјотреси, мали потреси, мали поместувања и слично. Сепак, оваа истражување е многу важно, бидејќи само неколку субдукциски зони во Светот се доволно прецизно картирани за да може да послужат за вакви анализи.

Превод и подготовка: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4216 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Advertisment ad adsense adlogger