Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Земјата денес е во перихел. Што значи тоа?

Земјата денес е во перихел. Што значи тоа?

2.01.2016

Денес, 2 јануари во 23 часот и 50 минути, планетата Земја е најблиску до Сонцето за 2016 година, во положба наречена перихел. Во тој момент, нивното растојание ќе изнесува 147 милиони км. Тоа е за 2,5 милиони км помалку од просечното, односно околу 5 милиони км помалку од максималното растојание (152 милиони км) помеѓу Земјата и Сонцето, положба познато како афел (датум: 4 јули 2016 година). Поради близината до Сонцето, во месецот јануари Земјата се движи околу 1 км/сек побрзо (30,3 км/сек) по својата патека отколку во јули, што е причина и за малку пократко траење на годишните времиња (зима на северната, а лето на јужната полутопка) во овој период. Причината за перихел и афел е тоа што Земјината патека (орбита) не е сосема кружна, туку малку елиптична, со едниот крај на „елипсата“ малку поблиску до Сонцето.

Иако би требало да се очекува помалото растојание да резултира со потопли јануарско-февруарски лета на јужната полутопка, тоа не е така заради многу понерамномерниот распоред на водата и копното. Сепак, има еден друг многу значаен ефект, а тоа е што количеството на УВ и други зрачења од Сонцето во овој период е поголемо за околу 7%. Тоа зголемување е доволно да предизвика значајни ефекти врз испарувањето на водата во Светскиот океан, влијаејќи врз глобалниот и регионалниот распоред на врнежи. Поради оштетувањето на озонските слоеви, перихелната положба во последно време понеповолно се одразува врз живите организми и човекот, главно преку намалување на имунолошкиот одговор или преку оштетување на кожата и очите. Затоа, без оглед што е зима, треба да се внимава на изложеноста на директното сончево зрачење, особено на повисоките планини!

Поради перихелната положба, Сонцето овие денови одлично се гледа и фотографира со послаби оптички инструменти кои имаат заштита и филтри (може и темна, неупотребена филм-фолија или тенка алуминиумска фолија).

Инаку, уште порано беа наведени прогнозите на големите светски метеоролошки агенции дека вистинска „снежна“ зима на Балканот ќе се појави по перихелот. Таквите прогнози сеуште се неизвесни, иако има најава за посилни снежни врнежи во текот на идната недела.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 8708 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger