Таинствените камени „џинови“ на Урал

11.01.2015

Од наша гледна точка, голем дел од пространството на Русија е таинствено и мистично. Всушност, руската историја и географија е сеуште недоволно позната за западниот свет – или како што многумина ќе кажат, таа е држва на тајни. Не е ни чудно ако се има во предвид за колкава огромна површина станува збор: повеќе од 17 милиони квадратни километри или колку 2 Европи!

Една од природните тајни е во руската република Коми, на западната страна на планината Урал. Овде, на пространите ридови во Троицко – Печорската област се издига една од најмистериозните карпести формации во светот: Манпупунер. Тоа се импозантни карпести формации во вид на камени столбови: високи неверојатни 30-42 m и со пречник од 5-8 m во подножјето, па до 15 m во средишниот дел. Камените кукли се познати како „седумте силни мажи“.

Науката до сега сеуште не дала задоволително мислење за нивното настанување, освен дека се формирани со ерозивното дејство на ветерот и мразот. Се смета дека формите се поврзани со вулканските карпи на овој простор кои имаат различна отпорност. Со илјадници години на долготрајна ерозија, најцврстите карпи останале да штрчат над платото, додека оние помеките биле раздробени и однесени кон реките. Легендата пак вели дека камените кукли се остатоци од седумте „Самоједски“ џинови (по народот Самоједи во овој дел на Урал). Тие пешачеле со денови преку планината Урал за да дојдат и да го покорат Воголскиот народ. За да забрзаат со движењето, нивниот водач, најголем од седумте џинови, силно удрил во барабанот што го носел. Меѓутоа, од неверојатно големиот одек низ планината, џиновите се стаписале и останале скаменети со десетици илјади години (слични се легендите и за нашите камени кукли во Куклица, Кукуље и Конопиште).

Во 2008 година, оваа појава е прогласена за една од седумте руски чуда на природата. Од тогаш, бројот на посетителите почна да се зголемува, но паралелно се појави голем проблем. Имено, еден биолог забележа дека зголемениот број на посетители е одговорен за деградација на уникатната вегетација на овој простор. За да се спречи натамошното негативно влијание, во 2012 година се постави патека од дрвени греди по кои мора да се движат туристите. Инаку, според туристите, чувството кога се гледаат куклите е неверојатно. Од непосредна близина, тие се издигаат како вистински огромни џинови. До неодамна, некои авантуристи дури се обидуваа да се искачат на највисокиот „џин“, но со оглед на формата, видот на карпите и климата, тоа се чини дека е невозможно. Денес, заради заштита на феноменот, искачувањето е забрането, но и без тоа, разгледувањето и уживањето во величенственоста на џиновите сосема го одзема здивот.

 

Извори: www.kuriositas.com/2013/03/the-manpupuner-rock-formations-russias.html

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4810 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *