Одлично реализирана теренска настава низ Република Бугарија!

19.05.2016

TerenВо рамките на студиските програми ГИС (Географски информациски системи) и Наставна географија на Институтот за географија при ПМФ во Скопје, во периодот од 11 до 13 мај 2016 година, се изведе тридневна теренска настава низ Република Бугарија. При тоа беа посетени навистина интересни места, како по своите природни, така и по социо-економски и историски карактеристики. Теренската започна на 11 мај (среда) во 7.30 часот наутро со тргнување од Скопје, преку Куманово, Крива Паланка, Ќустендил, Радомир, Перник, Софија, преку голем превал низ планината Балкан до малото гратче Брестница, на северните планински падини. Овде се посети мошне интересната, туристички уредена пештера Саева Дупка, која иако е долга само околу 250 метри, претставува вистинска убавица, преполна со најразличен пештерски накит. По едночасовно разгледување на пештерата и прекрасните впечатоци од неа, групата се упати кон градот Велико Трново, старата престолнина на Бугарија. Освен што станува збор за значаен историски град („градот на царевите“) со околу 80 000 жители, тој има уникатна положба во клисурско-меандерската долина на реката Јантра. По вечерната прошетка низ градот и ноќевањето, следниот ден, повторно преку превоите и извонредните пејсажи на планината Балкан, се дојде до „Долината на розите“ кај градот Казанлак. Од овде, преку Тракиската низина и градот Стара Загора, во попладневните часови се пристигна во вториот по големина град во Бугарија, Пловдив (350 000 жители). И овој град кој лежи на големата река Марица има бурна историја, а денес е административно-индустриски и културен центар на овој средишен дел на Бугарија. По двочасовното разгледување на Пловдив, групата се упати кон Родопите, а во доцните попладневни часови се пристигна во познатиот туристички центар Пампорово. Овде, во преубавиот хотел Орфеј се одржа заедничка вечера, а потоа и предавање за она што е видено и посетено претходните денови, природните и антропогените содржини и нивното значење за географијата и географските информациски системи. Последниот, трет ден, се тргна рано наутро преку огромниот планински масив Родопи, низ фасцинантните клисури и кањонски делови, се до гратчето Гоце Делчев на запад. По негово кратко разгледување, групата, преку висок планински превој на Пирин, се спушти до Петрич, а од тука до граничниот премин Ново Село, потоа Струмица, Велес и во вечерните часови се пристигна во Скопје.

Saeva0

За трите дена од теренската, се поминаа речиси 1200 km низ разни планински, котлински и низински пејзажи, низ 15 градови и бројни помали населени места. Попатно, професорите даваа соодветни информации за просторите низ кои се поминува и нивното значење. Теренската помина во навистина пријатна атмосфера и се надеваме дека ќе остане како незаборавно доживување за сите учесници. Инаку, организатори на теренската беа проф. д-р Ивица Милевски и проф. д-р Благоја Маркоски, а проф. д-р Олгица Димитровска и асс. м-р Владимир Златановски придонесоа за уште подобра реализација на истата.

Pamporovo

Уште еднаш, голема благодарност до сите учесници, особено до студентите за прекрасните работни, но и неофицијални моменти и одличното поведение на теренската.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5067 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.