Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Вселена, Географски вести » Solar impulse – соларниот авион во борба за заштита на животната средина

Solar impulse – соларниот авион во борба за заштита на животната средина

26.06.2016

Со мисија да се добие битката против загадувањето на животната средина швајцарскиот инженер André Borschberg и астронаутот Bertrand Piccard, го креирале соларниот авион познат како Solar Impulse. Без користење на гориво, работејќи со помош на сончевата енергија, Solar Impulse цели кон зачувување на природните ресурси, заштита на животната средина, подобрување на квалитетот на живот, промовирање на користењето чиста енергија и поттикнување на свеста за многубројните позитивни придобивки од тоа, односно намалување на штетните емисии. Соларниот авион се состои од едно седиште, се напојува од фотоволтаични ќелии. Прототипот се нарекувал Solar Impulse 1 и бил дизајниран да остане во воздух околу 36 часа, а неговиот прв лет бил во 2009 година.
Вториот авион, бил завршен во 2014 година и го носи името Solar Impulse 2, а се напојува од 17000 соларни ќелии. Solar Impulse 2 ја започна турнејата „Пат околу светот“ односно да го обиколи светот, со цел да ја демонстрира важноста на користење чисти технологии (clean technologies) за витален развој, кои овозможуваат намалување на зависноста од фосилни горива, штедат енергија и ги зачувваат природните ресурси.
Авионот е направен од јаглеродни влакна, има распон на крилата од 72 метри, што е повеќе од Боинг 747, но тежи само 2,3 тони. Крилјата се покриени со 17.248 фотоволтаични ќелии. Овој авион може да се управува со брзина од 75 километри на час во воздух и 216 километри на час управуван на земја. Во текот на денот, соларните ќелии ги полнат литиумските батерии, што овозможува авионот да лета во текот на ноќта.
Турнејата на Solar Impulse започнува од:

  • Од Абу Даби до Мускат (09 Март 2015)
  • Од Мускат до Ахмадабад (10 Март 2015)
  • Од Ахмадабад до Варанаси (18 Март 2015)
  • Од Варанаси до Мандалаи (18/19 Март 2015)
  • Од Мандалаи до Чонгкуинг (29/30 Март 2015)
  • Од Чонгкуинг до Нанџинг (20/21 Април 2015)
  • Од Нанџинг до Нагоја (30 Мај/ 01 Јуни 2015)
  • Од Нагоја до Хаваи (28 Јуни 2015)
  • Од Хаваи до Сан Франциско (21 Април 2016)
  • Од Сан Франциско до Феникс (02 Мај 2016)
  • Од Феникс до Тулса (12 Мај 2016)
  • Од Тулса до Дејтон (21 Мај 2016)
  • Од Дејтон до Лихај Воли (25 Мај 2016)
  • Од Лихај Воли до Њу Јорк (11 Јуни 2016)
  • Од Њу Јорк до Севиља (20 Јуни 2016)

На 20-ти јуни 2016 година, соларниот авион полетал од Њујорк од аеродромот „Кенеди“ кон Европа, преку Атлантскиот Океан, а на 23 јуни успешно слетал во Севиља во Шпанија. Со овој лет постигнал рекорд на најдолг пат минат од летало, без капка гориво, исклучително само на соларен погон. Исто така, со овој 15-ти лет Solar Impulse го привршува својот проект „Пат околу светот“ со остварени 90% и се очекува останатите 10% од турнејата да се завршат оваа година.
Овој соларен авион овозможува заштита на природните ресурси, претставува можност за намалување на штетни емисии, подобрување на квалитетот на воздухот и ја подигнува свеста кај човекот за загадувањето и деградирањето на животната средина.
Освен тоа што Solar Impulse 2 е промотор за заштита на животната средина, претставува и можност за употреба на соларните авиони во далечинска детекција, со којашто се врши идентификување и анализа на објекти и нивните карактеристики, без директен контакт (од воздух, вселена и сл.). Авионите и сателитите се користат како платформи за разни сензори за снимање и анализи на Земјината површина, па Solar Impulse 2 е фантастична можност за примена во процесот на далечинската детекција, без употреба на фосилни горива. Со примена на соларни авиони во далечинската детекција би се намалил процентот на вложени финансиски средства и време. Претставува можност за добивање на аероснимки кои би можеле да се искористат за ГИС мониторинг на животната средина, фотограметрија, картирање на земјиштето, набљудување на многу природни процеси и појави и антропогени објекти.
Она што Solar Impulse 2 го нуди претставува импресивен развој на технологијата, а притоа зачувување на ресурсите, поттикнат од општеството во кое живееме со цел за негово подобрување.

Извори:
www.solarimpulse.com
www.blog.solarimpulse.com
www.bbc.com
www.balkans.aljazeera.net
www.politikis.si
www.wired.com

Подготви:
Билјана Бабаноска
насока ГИС

Објавено од:

Од категорија: Вселена, Географски вести

Leave a Reply

*