Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Викенд предлог, По Светот » Постојнска Јама – волшебната пештера

Постојнска Јама – волшебната пештера

5.08.2016.

Постојнска Јама или пештерата Постојна се наоѓа во југозападниот дел на Република Словенија, во самата близина на градот Постојна. Пештерата има поволна географско – сообраќајна положба, бидејќи е лоцирана во непосредна близина на железничката пруга и автопатот E 61, кој води од Љубљана кон Копер.

Пештерата Постојна претставува сложен пештерски систем формиран од четири пештери, Постојнска Јама, Пивка Јама, Црна Јама и Магдаленска Јама. Во геолошки поглед пештерата е формирана вдолж p978828582-3два раседа. Од една страна има флишни седименти, а од друга варовници. Инаку, пештерскиот систем е формиран со понирањето на реката Пивка, која над флишот има површински карактер, а додека во варовниците продолжува како подземен водотек. Пештерскиот систем Постојнска Јама има вкупна должина од 24,1 km и претставува втор пештерски систем во Словенија, веднаш зад  пештерскиот систем Миговец, кој има должина од 25 km.

Пештерата е откриена уште во 13 – тиот век, за која сведочат некои стари записи. За туристички посети  пештерата e отворена во 1818 година, а веќе следната година пештерата ја посетуваат видни Австро – унгарци. Во 1872 година во пештерата била изградена внатрешна железница, притоа најпрво вовчето го туркале самите водичи, а потоа истото е заменето со локомотива на гас. Во 1884 година во пештерата е поставено електрично осветлување. Во 1959 година локомотивата на гас е заменета со електрична локомотива. Од 1967 година во пештерата има инсталирано кружна железница во два колосека (единствена во светот). Postojnska-jamaПокрај за туристички потреби, пештерата била користена и за други цели и намени. Така во 1924 година во “Конгресната Дворана” (Конгресна Сала) е организиран бал.  Потоа за време на Првата Светска Војна истата сала била користена како затвор. Во истиот период од страна на руските заробеници е изграден мост во пештерата, кој и денес е во употреба, а по нив е наречен “Руски Мост”.  За време на Втората Светска Војна, Германците ја користеле пештерата како магацин, бункер и складиште за бензин. Во текот на војната истиот магацин е запален од Словенечките Партизани, кои во пештерата влеге од Црна Јама. Од предизвиканата експлозија избива пожар кој трае 7 дена и истиот нанесува оштетување на дел од пештерата. Во 1965 година во Конгресната Сала е одржан IV Интернационален Спелеолошки Конгрес.

Денес во пештерата за туристички посети отворени и уредени се 5250 m, од кои 3750 m се поминуваат со воз, а 1500 метри пеш. Посетата на пештерата започнува со пештерскиот воз, а по возбудливото возење, разгледувањето на пештерата продолжува пеш кон “Велика Гора” или Големата Планина, кое е највисоко ниво во пештерата. Од таму се продолжува преку “Рускиот Мост” па се до каналот на “Лепа Јама”. Низ овој канал, кој е долг околу 500 метри, турата IMGP9246
се движи кон Белата Сала, па потоа кон Црвената, Зимската и Шпагети Салата (сала со безброј мали пештерски украси во форма на цевчиња или шпагети, инаку овие цевчиња се почетна фаза на формирање на сталактити). Симбол на пештерата е сталагмитот “Брилијант” или “Дијамант”. Маркантен сталагмит кој со својата белина и сјајност доминира во просторот. Исто така, значајна одлика на пештерата се Концертната и Конгресната Сала. Концертната Сала е долга 47 метри, а широка 28 метри. Импозантно изгледа и Конгресната Сала која е долга 43 метри, широка 70 метри и висока 30 метри. Оваа сала може да прими и до 10 000 посетители. Посетата на Постојнска Јама завршува со Концертната Сала, од каде со вовечето се враќаме назад кон отворот на пештерата.

Животинскиот свет во пештерата е претставен со повеќе ендемски видови, меѓу кои најпозната и најголема е “Човечката рипка” (Proteus anguinus). Човечката рипка претставува еден вид на пештерски дождовник (саламандер), кој живее во темни средини со температура на воздухот од околу 10  ̊C. Proteus anguinus повеќе е позната под името човечка рипка, бидејќи има боја на кожа слична со кожата на човекот. Човечката рипка нема развиено вид, но затоа пак има добро развиен слух и мирис. Може да порасне во должина до 30 cm, а додека нејзиниот животниот век трае до 70 години. Човечката рипка не се забележува postojna-2-во туристичкиот дел, бидејќи истата живее во водениот дел од пештерата, но за љубопитните туристи е изложена во аквариум во една од пештерските сали. Моментално во аквариумот живеат три човечки рипки. Имено, оваа година на 26 јануари, од страна на туристичките водичи е забележано како една од женките положува јајца. Истите се префрлени во посебен сад и просторија, каде се следи нивниот развој. До сега се имаат изведено неколку единки, што претставува вистинска реткост, бидејќи тоа е прво размножување на човечката рипка во вештачки услови.

Туризмот во Постојнска Јама започнал да се развива уште пред два века, оттогаш па до денес, пештерата ја посетиле повеќе од 36 милиони туристи. Последниве години туризмот е во интезивен пораст, така што во 2014 година, низ пештерата и нејзнината околина поминале околу 900.000 туристи. Дневниот максимум е постигнат за време на христијанскиот празник – Велигден во 2014 година, кога пештерата и Предјамскиот Град ги посетиле 19.000 туристи. Истата година, во летните месеци, дневно во пештерата поминувале по 5000 гости. Покрај Постојнска Јама, која несомнено е една од најпознатите, најпосакуваните и најубавите светски туристички дестинации, доста привлечна е и нејзината околина, особено впечатливи се Предјамскиот Град (Предјамската Тврдина), Пивка Јама и Црна Јама.

02-Spoznajte-park-Postojnska-jama-3

Мотив од “Велика Планина” (Големата Планина), највисокото  ниво во пештерата

IMGP9226

“Лепа Јама ” – Убавата пештерска сала

01-Lepotica-svetovnega-slovesa

Маркатниот сталагмит – Брилијант (симболот на Постојнска Јама)

Доколку се одлучите да ја посетите пештерата, треба да знаете…

  • Една посета трае 90 минути.
  • Се посетуваат пет пештерски сали.
  • Првата посета започнува во 9 часот, а последната во 16 часот.
  • Температурата во пештерата се движи од 8 до 10 ̊C.
  • На влезот од пештерата може да изнајмите кабаница (палто) за 3,5 евра.
  • Влезот во пештерата чини 23,90 евра за возрасни, 19,10 евра за студенти, 14,30 евра за деца од 6 до 15 години и 1 евро за деца помали од 5 години.

Користена литература:

  1. Колчаковски Д. (2006) Геоморфологија, ПМФ Скопје
  2. Павловски Ѓ. (1998) Географска читанка за VI одделение, Постојнска Јама, стр. 13 – 14, Просветно Дело, Скопје
  3. Петреска Б. (2007) Подземни карстни форми во Поречекиот Басен и нивна валоризација за потребите на просторното планирање, Светски искуства за третирањето на подземните карсни форми, стр. 163 – 164, магистерски труд, ПМФ Скопје
  4. http://www.burger.si/Jame/PostojnskaJama/2005/seznam.html
  5. https://en.wikipedia.org/wiki/Postojna_Cave
  6. http://www.novosti.rs/vesti/turizam.90.html:379143-Postojna-Carobna-pecina
  7. http://www.postojnska-jama.eu/en/home/
  8. http://www.sloveniatimes.com/postojna-cave-visitor-number-highest-in-24-years
  9. http://www.slovenia.info/en/Newsletter/Postojna-Cave-hosts-its-35-millionth-visitor.htm?news_items=2782&lng=2
  10. https://www.youtube.com/watch?v=eXiz0Pa3MaU
  11. Посета на пештерата на ден 26.07.2016.

 

Подготвил:
Дарко Стојчески, дипломиран географ

Оваа статија е прочитана 10740 пати!

Објавено од:

Од категорија: Викенд предлог, По Светот · Tags: , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger