Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Успешно завршена летната школа за зачувување на природата и одржливиот развој во Делчево

Успешно завршена летната школа за зачувување на природата и одржливиот развој во Делчево

14.08.2016

Програмата за зачувување на природата во Македонија е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и е наменета за поддршка на активности за зачувување на природата и локалниот развој на Брегалничкиот регион. Програмата поддржува и интервенции на национално ниво кои се очекува да имаат влијание врз зачувувањето на биодиверзитетот и природата воопшто.
За остварување на оваа цел, Програмата поддржува активности за обезбедување на стратешки и плански документи кои би помогнале во одржливото искористување на земјиштето при планирањето и управувањето со развојот на Брегалничкиот регион, развојот на одржливиот туризам во заштитени подрачја (со пониска категорија), како и поддршка на меѓугранични иницијативи кои пстојат во регионот, а се спроведуваат во насока на зачувување на природата. Спроведувањето на Програмата е започнато на 1-ви декември 2011 година и се одвива во 2 фази. Првата фаза се одвивала во првите месеци од 2012 година, а втората започнала во ноември 2012 година, а предвидено е да трае до крајот на 2016 година.
Во рамките на Програмата за зачувување на природата во Македонија, во периодот од 03-ти до 13-ти август, се одржа летна школа во Делчево која за цел имаше развивање на стратегија за развој на Пијанец. Во летната школа во Делчево учествуваа 16 студенти од Универзитот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, кои престојуваа во хотелот „Македонија“ во Делчево. Со проектот раководеа Јасминка Пашалиска Андоновска (NCP Bregalnica) и Флориан Кнаус (ETH Zurich), а нивни помошници беа д-р. Томас Хан (ETH Zurich) и Даниела Јовановска (Македонско еколошко друштво).
Летната школа се одвиваше според следната агенда:

03.08.2016 – Групата беше пречекана од страна на Градоначалникот на Делчево – Дарко Шехтански. Подоцна студентите беа запознати со предвидените активности и следеше предавање од страна на проф. Славчо Христовски од Институтот за биологија, на тема „Зачувување на биоразновидност“, а потоа и посета на локалитетот „Кукуљето“.

Кукуље

04.08.2016 – Одржани беа предавања од проф. Николчо Велковски од Шумарскиот факултет, на тема „Стопанисување со шуми во Делчево“ и Борче Бојчовски, претставник од Здружението на сопственици на приватни шуми, на тема „Стопанисување со приватни шуми, сегашност и предизвици“. Потоа следеше посета на „Македонски Шуми – Голак“ и планината Голак.

05.08.2016 – Предавање одржаа проф. Еленица Софијанова и доц. Тамара Јованов, на тема „Економски раст и развој: тековни состојби, политики и стратегии“, а потоа следеше посета на ладилникот и млекарата „Рудине“, компанија за производство на мебел „Хит дизајн“ и фабрика за текстил „Фротирка“, посета на производител на печурки, приватен производител на електрична енергија (соларни панели) и пчелар, производител на органски мед.

06.08.2016 – Предавање од страна на проф. Татјана Стојановска од Филозофски факултет, на тема „Социо – демографски специфики на Делчево“ и д-р. Ивица Милевски од Институтот за географија, на тема „Гео – вредности и туристички потенцијали во Делчево (Пијанец)“. Следеше посета на локалниот музеј, Спомен домот на Разловечкото востание и црквата „Св. Цар Констатин и царица Елена“ во с. Разловци, каде што студентите имаа можност да вкусат традиционални македонски специјалитети. Подоцна следеше посета на Спомен куќата на дедо Митко, еден од најпознатите македонски играорци, кој целиот свој живот го посветил на „Копачката“, оро кое е прогласено за Национално културно наследство и е под заштита на UNESCO. Подоцна групата го посети езерото Калиманци. Во текот на целиот ден студентите беа придружувани од фолклористот Димитар Узунски, кој што ги пренесе своите знаења за Разловечкото востание и „Копачката“.

07.08.2016 – Одржано беше предавање од проф. Кочо Порчу од Земјоделскиот факултет, на тема „Запознавање со земјоделството во регионот“. Подоцна групата посети производител на млеко и органско овошје, како и фарма со норвешки црвенокожи говеда од отворен тип, рибник и рибен ресторан во с. Ѕвегор.

08.08.2016 – Запознавање со методите кои што треба да се користат, определување на цели и подготовка на системска анализа.

09.08.2016 – Обработка на SWOT анализа и одредување на мерки.

10/11.08.2016 – Разработка на мерките добиени од SWOT анализата во детали, така што студентите беа поделени во 4 групи, при што секоја група разработуваше по една мерка и подготви извештај. Беа разработени следните мерки:

  • Развој на туризмот во Пијанец (развој на руралниот туризам и активниот планински туризам);
  • Брендирање на Пијанечките производи (производство на органски маџун и органски мед);
  • Обработка на шумски плодови (боровинки и печурки);
  • Воведување на неформално образование;

Clipboard02

12.08.2016 – Студентите ја презентираа конечната стратегија за развој на Пијанец, во просториите на општината на Делчево.

13.08.2016 – Групата одржа финален состанок каде беше направена ревизија на дотогаш сработеното.
Во текот на летната школа, при посетата на локалните компании, фарми и производители, студентите имаа можност да им постават прашања за нивниот бизнис, нивните потреби, проблеми со кои се соочуваат, кои се нивните очекувања и колкава е заинтересираноста на младото население во Делчево за нивниот тип на бизнис. Добиените одговори подоцна беа преработени така што дел од нив беа употребени во SWOT анализата.

На студентите им беа доделени потврди од страна на организаторите, за учество на „Летна школа за зачувување на природата и одржлив развој“.
Летната школа за студентите претставуваше нов предизвик. Тие имаа прилика да споделат различни мислења од подрачја како: географија, биологија, екологија, социологија, шумарство, земјоделство и економија. Оваа летна школа придонесе за саморазвивање на студентите и стекнување на пријателства помеѓу истите.

Антонио Трајков – Институт за географија, насока ГИС
Билјана Бабаноска – Институт за географија, насока ГИС

Оваа статија е прочитана 4816 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger