Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Незаборавна прошетка по прекрасната Швајцарија

Незаборавна прошетка по прекрасната Швајцарија

21.08.2016

Кога ќе се спомене зима и снег, секогаш помислуваме на прекрасна снежна патека која мами да се застане на скии и да се почувствува возбудата на скијањето и на снежната забава. Во многу европски и балкански предели, зимскиот туризам е виско развиен. Но, Швајцарија нуди навистина неисцрпен број на преубави предели со вакви зимски содржини. Дел од нив, запознав при моето патување низ оваа планинска земја.

Швајцарија се наоѓа во Централна Европа, на делот каде се протегаат најголем дел од Алпите. Часовници, чоколада, сирење и банки се првата асоцијација за оваа држава која плени со својата природна убавина и ги мами туристите да се навраќаат повторно. Швајцарија е земја на планини, езера, реки, глечери, водопади и прекрасно уредени градови и села. Во Швајцарија фигурираат различни националности и култури. Зимскиот туризам е еден од синонимите за Швајцарија. Алпите, како симбол на оваа држава се максимално искористени за секаков вид на спорт и рекреација, особено во зимскиот период. Туризмот е високо рангиран секоја година. Мојата посета на оваа земја беше пред неколку години, токму во зимскиот период. Патот до таму беше исполнет со многу очекувања, кои целосно се потврдија. За време на мојот престој, повеќе се задржав во североисточна Швајцарија, особено во местото Троген. Покрај тоа, имав можност да ги посетам и градовите Цирих, Луцерн, Сент Гален, Констанц како и водопадите на реката Рајна.
Цирих е најголемиот и еден од најзначајните градови во Швајцарија, познат по својот сјај, раскош и луксуз. Низ градот тече реката Лимат, а градот лежи на брегот на Циришкото Езеро. Во градот фигурираат разни знаменитости како што се цркви, катедрали, споменици, музеи, различни стари градби од минатите векови како и нови со модерна архитектура. Едно од најкарактеристичните места е ридот Лиденхоф кој воедно е плоштад. Оваа место овозможува прекрасна широка глетка на целиот град. Ноќниот живот е посебно истакнат. Циришката железничка станица е најголемата во Швајцарија, во која пристигнуваат близу 3000 возови дневно.

Поглед на градот Цирих и Циришкото Езеро.

 

Луцерн е град кој се наоѓа на брегот на истоименото езеро Луцерн, од кое истекува реката Ројс. На оваа река е изграден првиот дрвен мост уште во 14 век, кој е еден од најзначајните и најкарактеристичните знаменитости на градот. Во внатрешноста на мостот има разноразни слики од историјата на градот Луцерн кои датираат од 17 век. Шетањето по самиот мост претставува вистинска атракција, а воедно предизвикува да се чувствуваме како да сме во некое друго време. Покрај мостот се наоѓа кулата – Water Tower која е изградена во 13 век, исто така карактеристична за градот. Над езерото се издигаат високите врвови на планините Пилатус и Риги кои се дел од масивот на Алпите. Туризмот на овие планини е доста развиен, а разгледувањето и посетата на истите се одвива преку железнички сообраќај и тоа со архаични возови, трамваи и жичарници. Преку овие сообраќајни средства, туристите имаат можност да разгледуваат прекрасни пејзажи од различни перспективи. Уште поголема атракција претставуваат рестораните кои се наоѓаат во жичарниците, од каде туристите може да уживаат и во прекрасната швајцарска кујна, но и во убавините кои се протегаат околу нив. Овие планини имаат сместувачки капацитети и различни места за секакви активности, за секоја возраст, од велнес-спа центри, па до секакви детски игралишта. Градот Луцерн има многу други интересни знаменитости кои вредат да се видат. Такви се црквите, интересните градби од минатите векови, споменици, музеи, особено еден од најзначајните на градот, а и најпопуларниот во целата држава -Швајцарскиот музеј за транспортни возила. Исполнет со возила од секој вид и секое време, вистински раритети кои се предизвик за посета.

Градот Луцерн со стариот дрвен мост и „Водената кула“.

Водопадите на реката Рајна се меѓу најголемите во Европа, со широчина од 150 m и височина од 23 m. Овие водопади се најмногу посетени во Швајцарија, а пристапноста до нив е доста лесна. Можат да се видат на неколку начини, од високи платформи за набљудување, со помош на брод, како и од кулите што се изградени во нивна непосредна близина. Временските услови влијаат многу на тоа како ќе ги доживеете овие водопади, но како и да е, чувството е неверојатно. Особено спектакуларно е кога ќе има посилен тек на водата, тогаш може да почувствувате капки вода како паѓаат на вас дури и да сте многу оддалечени од нив.

Пред водопадите на реката Рајна.

Пред водопадите на реката Рајна.

Констанц е всушност универзитетски град кој се наоѓа во Германија, но сепак низ дел од него поминува границата на Швајцарија. Се наоѓа на брегот на едно од најголемите глацијални езера – Боденско Езеро, второ по големина по Женевското. Од Боденското Езеро (кое лежи во три држави: Германија, Швајцарија и Австрија), истекува реката Рајна и тече низ градот Констанц. Езрото претставува една од позначајните турстички атракции и секојдневно е посетено од илјадници туристи. Уште поинтересно е кога со една нога ќе застанете во една држава , а со друга во друга држава. Во исто време на исто место, но на различни територии: чувството не може да се опише и објасни, треба да се доживее.
Селата во Швајцарија се многу интересни за посетителите. Обично се наоѓаат на поголема надморска височина, на високи планински страни кои во зимскиот период се покриени во дебела снежна покривка. Сонцето е верен придружник во зимсикте денови и го има во изобилство. Постојат голем број на хотели и ресторани со традиционална храна, секаков вид на познатите швајцарски сирења и се разбира, непроценливата мирна зимска идила. Местото во кое што јас претстојував беше навистина прекрасно. Уживав во преубавите пејсажи кои беа насекаде околу нас, а воедно и во Швајцарската кујна. Самата снежна покривка и неверојатната природа, предизвикуваат душевен мир и среќа. Прошетките, истражувањата во дивата природа, зимските активности, се само некои од бројните содржини кои не треба да се пропуштат. Престојот во планинските села дава чувство на смиреност, спокој и отргнување на секојдневните хаотични мисли. Чистиот планински воздух е проткаен со студен ветер кој ќе го натера секој посетител да се врати повторно и да ужива во неописивите убавини на оваа земја.

Изработила: Тамара Тодоровска студент на насока Туризам, Институт за Географија

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*