Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема, Чудесна Македонија » Реката во која има „се“ освен ЗЛАТО

Реката во која има „се“ освен ЗЛАТО

31.08.2016

Анска Река (во изворишниот дел Башибоска Река), настанува со спојување на реките Калдрма Дере и Чамдаш Дере, во близина на селото Башибос, па оттаму доаѓа и името на овој дел од реката. Името Анска Река доаѓа по тоа што во нејзиниот тек од XVIII и XIX век имало повеќе анови кои служеле за одмор на караваните кои патувале за Солун и Струмица. Бидејќи притоката Калдрма Дере има подолг водотек, се зема како изворно продолжение на Анска Река.

Изворот на Анска Река

Изворот на Анска Река

Должината на Башибоска Река е добиена со електронско мерење на исечок од топографска карта 1:100 000, лист Струмица, од истото мерење добиено е дека должината на Башибоска Река во горниот слив изнесува 9,26 km, а вкупната должина на Анска Река изнесува 24 km. Речната мрежа во горниот слив на Башибоска Река ја сочинуваат вкупно 15 постојани, периодични и повремени водотеци, кои имаат вкупна должина од 34,7 km. Површината на сливот на Анска Река изнесува 166,8 km2 . Во горниот тек оваа река е позната и по бројните водопади (Кочулски и Прстенски Водопади). Во близина на селото Чалакли, реката понира во песочниците, а потоа извира неколку километри западно од селото од типичен разбиен карстен извор составен од 21 помали изворчиња. Од овој извор реката тече по средишниот дел на Валандовската Котлина и ја дели на два дела. Просечниот протек на Анска Река изнесува 1,08 m3/s. Нејзиното корито е регулирано во 1958 година, како резултат на проблемите кои што ги создавала при поголем протек на земјоделските култури. По извршената регулација биле создадени услови за максимално искористување на нејзините води за наводнување на обработливите површини, но денеска единствено служи како колекторски систем за фекалната и атмосферската канализација од Валандово, Пирава и Јосифово. Постојат повеќе шпекулации дека во реката има злато, но сепак досега не се евидентирани научни истражувања за постоењето на злато. Инаку, Анска Река има неколку притоки и тоа: Елез Дере, Прстенска Река, Студена Река и Мичковица. Се влива во Вардар како последна лева притока во близина на селото Марвинци на 46 м.н.в.

Koculski Vodopadi

Кочулски Водопади

Rajski Vodopadi

Прстенски или Рајски Водопади

Литература:

  1. Djilvidjiev G. Stojcheski D. (2015):Natural-geographic features of the upper basin of the river Bashiboska and tourist valorization of hidromorphological structures (waterfalls) on Bashiboska River; Proceedings of V Congress of geographers of the Republic of Macedonia; Skopje
  2. Миленковски Љ. (1987): Природно-географските услови како фактор за развој на земјоделството во Гевгелиско-валандовската Котлина; Географски разгледи; стр.67-99, Скопје

 

Автор: Глигорије Џилвиџиев

Објавено од:

Од категорија: На тема, Чудесна Македонија · Tags:

Leave a Reply

*