Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Викенд предлог » Викенд предлог: селото Вруток – изворот на Вардар и кралството на пастрмката

Викенд предлог: селото Вруток – изворот на Вардар и кралството на пастрмката

13.10.2016

На крајниот југозападен дел од Полошката котлина на само 7 километри од Гостивар и околу 80-тина минути возење од Скопје, во подножјето на прекрасната Шар Планина е расплослано селото Вруток, село каде чистата вода и рибата се дел од секојдневната исхрана на населението. Името на селото Вруток значи врело, извор (силен карстен извор), додека самото име потекнува од карсниот извор Вруток на најдолгата река во Република Македонија – реката Вардар. Самиот извор е еден од поголемите извори во државата со издашност од 1,5 м3 вода во секудна. Водата од изворот е толку ладна што не може долго време да се држи во рака а истата повеќенаменски се користува за водоснабдување на градот Гостивар и за наводнување на обработливото земјиште. Самото подножје на Шар Планина каде се наоѓа селото е богато со обработливо земјиште, густи листопадни шуми и високо квалитетна питка вода за пиење директно од самиот извор. Поради поволните релјефни, хидролошки и климатско-вегетациски карактеристики и добриот патен пристап, придонесува с. Вруток да биде се позначајна туристичка атракција. Самиот извор се наоѓа на 683 м.н.в. додека селото се простира и до 755 метри надморска височина.

Изворот на Вардар „Вруток“

Првите пишани докази за постоење на човекова населба во овој дел од Полошката котлина се сретнуваат од пишаните документи на српскиот крал Стефан Урош II Милутин во 1.300-та година, а потоа слични податоци се сретнуваат и во списите на Мехмет Паша во 17-от век. Денес селото Вруток претставува село од збиен тип поделено во седум маала, од кои пет маала го сочинуваат главниот дел на селото. Вруток континуирано демографски и економски се развива. Според пописот од 2002 год. во селото живеат 1.127 постојани жители, од кои 276 жители се македонци, 846 жители албанци и 5 останати жители. Денес во селото се наоѓа средновековениот манастир „Св. Мина“ која се наоѓа на почетокот на селото и селската црква „Св. Архангел Михаил“, селската џамија, Бектешиско теќе и Шелериско теќе. Од археолошките пронајдоци е откриена средновековна населба Селиште, средновековна некропола Бигор и средновековна црква и некропола Лазови.

Рибен ресторан во с.Вруток

Поволната географска положба на селото и добрата патна поврзаност со градот Гостивар и магистралниот пат М-4 (Европскиот пат Е-65) овозможува лесен пристап до селото за туристичка рекреација. Во минатото селото било познато по своите чешми од кои населението се снабдувало со чиста вода. Високо квалитетната вода која се добива директно од изворот Вруток овозможило денес во селото да има неколку рибници каде се одгледуваат познатите „Калифорниски пастрмки“ но и далеку прочуената златна пастрмка каде за првпат во светот е создадена токму во селото Вруток. Самата селска населба има огромен потенцијал за еко туризам. Рибарството е во подем иако селото не се наоѓа на морско или езерско крајбрежје. Во неколкуте рибници годишно се одгледуваат околу 100 до 200 тони риба поточно калифорниска и златна пастрмка, додека првиот рибник во селото бил изграден во 1963-та година. Самата пастрмка се приготвува на два начини и тоа: отворен начин со извадени коски и затворен начин.
Природните услови и одгледувањето на риба овозможило во Вруток да има повеќе угостителски објекти кои секоја година привлекуваат се повеќе посетители како од нашата земја така и од соседните балкански држави. На самиот влез во селото ве пречекуваат рибните ресторанти „Бигор“ и „Кај Симе“, додека во внатрешноста на живописното село се наоѓаат ресторантите „Панорама“, „Пронто“ и „Три Бурими“ каде се приготвуваат различни вкусни македонски специјалитети на традиционален начин, пита под сач, јагнешко печење, готвени домашни јадења но и свежа приготвена пастрмка. Според локалното население, секојдневната побарувачка на риба од страна на посетителите, и нејзина продажба низ околните градови, селото го надминува и најпознатото туристичко место во државата – градот Охрид.
Селото Вруток покрај живописната природа и одгледување на пастрмка, е познато и по локацијата на најголемата инсталирана по моќност хидроелектрична централа „Вруток“ со 168 МW инсталирана моќност. ХЕЦ „Вруток“ е дел од Хидроенергетскиот систем „Маврово“ со годишно производство од 430 GWh (гигават часови) електрична енергија, и претставува најсложениот и најголемиот хидроенергетски систем во македонскиот електроенергетски систем.
Вруток има големи перспективи во поглед на развој на еко туризмот со оглед на тоа што се наоѓа во подножјето на Шар Планина, на неколку километри оддалеченост од најголемиот национален парк во Република Македонија – НП „Маврово“, мавровскиот ски-центар „Заре Лазарески“ и во близина на магистралниот пат М-4 кој ги поврзува Скопје со Охрид, што претставува значаен туристички потенцијал на Полошко-мавровскиот регион. Бројните шумски и планинарски патеки низ густата дабова и букова шума овозможуваат да се стигне до Мавровското Езеро и околните планински села како и до височините на Бистра и Шар Планина. Сепак потребно е да се вложат средства со цел да се обнови и прошири локалниот патен правец кој го поврзува селото Вруток со селата Равен и Здуње и градот Гостивр како и подобро поврзување со магистралниот пат М-4, обновување на селските улици со што ќе се овозможи подобар проток на возила и посетители. Општината Гостивар сепак има преземено повеќе мерки преку разни проекти да го зголеми развојот на туризмот и да се зголеми искористеноста на туристичкиот потенцијал на Вруток. Од крајот на 2015-та год, со проект финансиран од ИПА фондовите за прекугранична vrutokсоработка на Р. Македонија со Р. Косово, е направена пешачка патека во должина од близу 10 километри долж течението на р. Вардар.
Самата патека е осветлена, со одморалишта, видиковец и информативни табли. Патеката започнува од Градскиот парк во Гостивар и им овозможува на љубителите на природата уште еден возбудлив начин со жуборот на реката и прекрасната природа да се пристигне до најпознатото село во овој дел од Гостиварскиот регион. Вруток е село каде се спојуваат минатото и традицијата, прекрасната храна и бројните специјалитети, неверојатната природа, изворот на р. Вардар и чистата вода, архитектурата, рибниците но и гостопримството на населението, спој кој привлекува се повеќе посетители да уживаат и да го истражуваат природното богатството на селото и околниот простор. Вруток претставува вистински избор за одмор и рекреација.

Kористена литература/извори:
– http://mojportal.mk/vrutok-izvorot-na-vardar
– http://www.utrinski.mk/?ItemID=F46721FC836BDE49A9FE751CD90DCB69
– http://www.utrinski.mk/?ItemID=2756A868FC8CC24F8E6DFCD691470584
– http://www.utrinski.mk/?ItemID=6584D1ECE7DF1D43A3541C5114E1A487
– https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%92%D1%80%D1%83%D1%82%D0%BE%D0%BA
– https://betty.mk/vrutok/
– http://www.makedonskibiser.com.mk/
– https://it.fievent.com/e//2791833
– Лични сознанија

Изработил: Арсе Кузманоски – ГИС

Објавено од:

Од категорија: Викенд предлог

Leave a Reply

*