Изведена теренска настава низ североисточниот дел на Република Македонија

9.11.2016

На 2.11.2016 година, со студентите од прва година наставна насока и насока ГИС на Институот за географија при ПМФ во Скопје, се изведе еднодневна теренска настава во североисточниот дел на Македонија до базалтните плочи кај с. Младо Нагоричане, потоа преку превојот Страцин до манастирот Св.Јоаким Осоговски и градот Крива Паланка. Наставата беше во рамките на предметите Општа геологија и Картографија. Организатори на теренската настава беа проф. д-р Благоја Маркоски, проф. д-р Ивица Милевски и м-р Владимир Златановски, а драгоцено беше и присуството на проф. д-р Ристо Мијалов, раководител на Институтот за географија. Првин беше посетен локалитетот Базалтни плочи, кој претставува единствна појава од таков вид на Балканскиот Полуостров. Станува збор за 8 конусовидни, на врвот зарамнети возвишенија кои се протегаат меридијански и верижно, во должина од околу 5 km. Истите се остатоци од некогаш единствената вулканска плоча, формирана со излевање на базалтна (типично вискозна) лава на овој простор пред околу 7-8 милиони години. Возвишенијата се зарамнети на врвот, сите со слична надморска височина од 480-505 m. Од нив најистакнати се „Костоперска Карпа“ и „Вујовска Карпа“, високи 80 до 100 m, непосредно покрај магистралниот пат Куманово – Кр. Паланка. Покрај масивна базалтна лава, на кај плочите се среќава и лесна сунѓереста лава настаната со излевање во водена (езерска) средина. Поради своето значење, Базалтните плочи се заштитени со закон како споменик на природата. Освен природна, плочите имаат изразита културно-археолошка вредност. При посетата на плочите, на студентите им беа презентирани практични начини на картографска ориентација и користење на картите во природа.

Базалтни плочи

По плочите, се посети превојот Страцин, на чии страни има остатоци од кисел вулканизам со андезитски лави, некови и конуси, како и моќни наслаги на туфови. Студентите имаа можност да погледнат интересни профили и едно изразито активно свлечиште, кое за време на врнежи постојано натрупува материјал на меѓународниот пат – коридор 8.

Следна дестинација беше градот Крива Паланка и манастирот Св.Јоаким Осоговски од кој се протега извонреден видик кон северните падини на Осоговските Планини и кон планината Билино. Живописна, чиста природна средина, стари, делумно распаднати шкрилести карпи (посебно на засеците), бројни планински потоци и разновидна вегетација едноставно ги будат сите сетила и тераат на уживање. Беше разгледан и центарот на градот Крива Паланка со сите свои специфичности и уникатности.

Јоаким Осоговски

Задоволни од преубавото време, новите информации што беа добиени, бројните и одлични фотографии, дружењето и вистинската теренска географска атмосфера, во доцните попладневни часови заврши оваа кратка географска авантура со заедничка желба за некоја нова и тоа што поскоро.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4870 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.