Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Наставни » Успешно реализирано стручно предавање на Географскиот факултет во Белград!

Успешно реализирано стручно предавање на Географскиот факултет во Белград!

10.11.2016

Београд предавање Ивица МилевскиПо покана на Географскиот факултет при Универзитетот во Белград, на 7 ноември од страна на д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ во Скопје, беше изведено стручно предавање за студентите, наставниците и соработниците од овој факултет. Темата на предавањето беше „Природните непогоди во Република Македонија“, со посебен осврт на скопската поплава и земјотресот во август и септември оваа година. Во предавањето беше укажано на досегашните поголеми забележани природни непогоди и катастрофи, природните и антропогени фактори за нивно појавување, последиците и начините за справување во Република Македонија, позитивните чекори и грешките направени во тој правец. По предавањето следеа повеќе прашања од присутните. На настанот кој предизвика големо внимание, беа присутни околу 60-тина студенти, потоа повеќе наставници и соработници од Географскиот факултет и од Географскиот институт „Јован Цвијиќ“ во Белград.

Предавање Ивица Милевски

Во неофицијалниот дел, бевме примени од раководството на факултетот, а во меѓусебните контакти беше договорена натамошна соработка со можност за организирање на заеднички теренски настави, размена на студенти и истражувачи, работа на проекти и сл. За време на престојот го посетивме градот Обреновац кој беше погоден од силната поплава во 2014 година, при што беа разменети одредени сознанија околу настанот со д-р Славољуб Драгичевиќ, кој детално ја истражувал поплавата. Исто така имавме можност да дознаеме повеќе за новите трендови во работата на Географскиот факултет, истражувањата, а ја посетивме и новата зграда на факултетот во Земун. Посебна благодарност за целокупната организација на посетата и предавањето упатуваме на почитуваниот проф. д-р Предраг Манојловиќ, проф. д-р Славољуб Драгичевиќ и Деканот на факултетот, д-р Дејан Филиповиќ од кого имавме извонреден прием.

Ивица Милевски Географски факултет

Се надеваме дека ваквата практика и соработка помеѓу двете географски институции (Институот за географија во Скопје и Географскиот факултет во Белград), не само што ќе продолжи, туку во идниот период уште повеќе ќе се засили.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Објавено од:

Од категорија: Наставни

Leave a Reply

*