Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Копаоник – најубавата планина во Србија!

Копаоник – најубавата планина во Србија!

13.11.2016

Копаоник, познат како “покривот на Србија”, се наоѓа во централниот дел на земјата со мал дел во Северно Косово. На запад, Копаоник е ограничен со реката Ибар, на југоисток со реката Лаб, на север со Јошаничка река и на исток се долините на реките Јасинце и Топлице. Копаоник се протега од северозапад кон југоисток во должина од околу 75 km и широчина околу 40 km. Највисока точка на планината е Панчиќев Врх (2017 m).

Денешните релјефни форми на оваа планина се настанати со долгогодишни процеси на набирање, раседнување и ерозија. Во поглед на климата тука има речиси 200 сончеви денови и над 2000 сончеви часови во текот на годината и затоа Копаоник го заслужува и името “Сончева планина”. Отвореноста на теренот спречува задржување на облаците над планината, а ладниот воздух паѓа во околните рамнини и затоа во зима температурите не се премногу ниски. Просечната годишна температура, од подножјето кон највисоките делови е во опсег од 8-3 степени Целзиусови. Снегот паѓа од крајот на ноември и се задржува до мај, додека вкупните средногодишни врнежи се повисоки од 1000 mm. Во пониските делови на Копаоник застапени се пасиштата, а на повисоките, шумската покривка претставена со зимзелени и иглолисни. По страните и прекрасните падини на планината има густи букови и дабови шуми. Копаоник е место каде може да се сретне и ендемска флора, како копаоничкa чуваркуќа, панчиќева поточарка и копаоничка љубичица. Од многубројните животни најкарактеристични се сивиот сокол, златниот орел, бувот, дивата мачка и срната.

Копаоник е број еден зимски туристички центар во Србија, често посетуван и во текот на летото. Во својот највисок дел, оваа планина наликува на покрив од куќа, па така тој дел од Копаоник е познат како Рамниот Копаоник. Во просторот на Рамниот Копаоник на надморска височина од околу 1780 метри се сместени повеќе популарни туристички локалитети. Најголемите објекти за сместување, вклучувајќи голем број на хотели, апартмани, вили, одморалишта, планинарски домови се наоѓаат токму во тој дел на Копаоник и се погодни како за оние со „плиток џеб“, така и за оние кои сакаат удобност со 5 ѕвезди. Исто така постојат и помошни објекти, базени, спортски сали, кино сали, продавници, бројни ресторани и клубови. Копаоник е  планина за забава на снегот, но исто така и забава за оние на кои спортот им е приоритет.


Оддалеченоста на Копаоник од поголемите градови е следнава: од Нови Пазар 53 km, од Ниш 135 km, од Белград 277 km, додека од Скопје 300 km или околу 4-5 часа возење. Населби кои се во близина на Копаоник се: Црна Глава, Бадањ, Семетеш, Лисина, Кнежево, Брзеќе и др.
На Копаоник, во зависност од сезоната, гостите имаат пристап до разни активности, како што се параглајдерство, планинарење, пешачки обиколки, а за тие со повеќе авантуристички дух се организира планински велосипедизам. Овде е можно да се посетуваат некои од многуте образовни програми и обуки, вклучувајќи ги зимските спортови, јавањето, кошарката, тенисот и други. Постојат различни програми за деца, училишта во селата, англиски јазик, програми за слабеење и многу спортски објекти кои се идеални за подготовка на спортски екипи.
Планината Копаоник е доста атрактивна поради преубавиот пејсаж од густи зимзелени шуми (смрека и ела). Во Националниот парк живеат 91 ендемични и 82 субендемични растителни видови, што покажува дека овој простор е еден од најважните центри на биолошката разновидност и ендемизам во Србија и на Балканот. Во подножјето на планината, на неколку места се појавуваат термоминерални извори со одличен квалитет и висока температура, погодна за многу видови третмани и за бањски туризам. Исто така, постојат бројни планински извори, кои во летен период одржуваат температура од само неколку степени. Највисок од нив е изворот Крчмар кој е на височина од 1950 m, веднаш под највисокиот врв на планината – Панчиќев Врв (Врх).
Копаоник е планина во Централна Србија, со разновидно природно богатство, кое нуди одмор и релаксација за секој. Прекрасна природа, богат биодиверзитет, многу сончеви денови, термоминерални извори и чист воздух е тоа што ја прави планината поинаква од другите, ја прави така посебна што секој што еднаш ќе ја посети, сака повторно да дојде. На интенрет страницата www.booking.com може да се пронајдат многу хотели, вили и апартмани за доста поволни цени, според нашите желби, потреби и можности.

Копаоник

Зимата е пред нас, па затоа треба да се искористи на најдобар можен начин, а тоа е да се посети Копаоник и да се ужива во неговата убавина!

Извори:

HOME


http://www.skijalistasrbije.rs/en/about-ski-resort-kopaonik
http://www.tckopaonik.com/  http://npkopaonik.com/priroda/prirodne-odlike/

Изработиле: Славица Тенекиџиева и Тодорче Тановски, дипломирани географи

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*