Фотографиите на вчерашната супермесечина по порталите и медиумите најчесто се монтирани!

15.11.2016

Како што информираа речиси сите медиуми (вклучително и ИГЕО-порталот), вчера бевме сведоци на т.н. Супермесечина, односно полна Месечина на најблиското растојание (перигеум) до Земјата во последните 68 години. Заради ваквата положба, Месечината изгледаше за околу 15% поголема и околу 30% посјајна од просечната полна Месечина, а за околу 1-3% поголема и посјајна од супермесечините во последните години. Реално, тие неколку проценти големина или сјајност во однос на претходните слични појави се едвај забележливи (поточно најчесто незабележливи) за човекот. Сепак, по медиумите можат да се видат фотографии на огромна Месечина, неспоредливо поголема од нормалната појава и од објектите во околината. Најчесто станува збор за обична фотомонтажа, односно комбинација на 2 фотографии: една обична од даден простор-пејсаж и една фотографија на која Месечината е снимена со зголемување (зум) од 10, 20, 30 или повеќе пати. Едноставно, фотографијата на Месечината се нанесува на нормалната пејсажна фотографија и се добива ефект на огромна појава.

Монтирана супермесечина
Фотомонтажа на Супермесечина, јасно воочлива во однос на останатите предмети и човечки фигури.

Според големината на Месечината на вакви фотографии, би произлегло дека таа е на само 100 000-150 000 km од Земјата, наспроти реалните 356 508 km, на кое растојание беше вчера. Кога би била навистина толку блиску, Земјата би трпела страшни последици: огромни плимски бранови, зачестени земјотреси и вулкански ерупции со катастрофален карактер, огромни цунами бранови, а денот и ноќта би траеле по само околу 5-6 часа. Во такви услови, тешко дека би постоел животот онаков како што го знаеме, а за човекот воопшто да не зборуваме. Всушност, во геолошката историја, Месечината навистина била толку блиску и толку голема (кога би се гледала од Земјата), но пред повеќе од 2 милијарди години! Тоа значи дека од создавањето, патеката (положбата) на Месечината е се подалеку од Земјата, а таа и денес се оддалечува по околу 3,8 cm годишно или околу 4 метри за еден век.

Реална фотографија на Супермесечина
Реална фотографија на Супермесечина

Како и да е, вчерашната Супермесечина беше интересна и возбудлива појава, но далеку од спектакуларноста прикажана на најголем дел од монтираните фотографии.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5019 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *