Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Ушуаја – папокот на светот

Ушуаја – папокот на светот

16.11.2016

Ушуаја е главен град на областа наречена Огнена земја во Аргентина. Се наоѓа на широк залив на јужниот брег на Исла Гранде. На север граничи со планинскиот венец Мартиал, а на југ со каналот наречен Бигл. Се простира на површина од 23 km кв. Ушуаја често се опишува како најјужниот град во светот. Неговото одредување како најужниот град во светот е прифатен од заедничка комисија на Аргентина, Чиле и Секретаријатот за туризам на Аргентина. Иако постојат населби појужно од Ушуаја, од кои само една населба е со поголемо значење и тоа Пуерто Вилијамс, сепак Ушуаја важи за град во кој се наоѓа крајот на светот или познат како папокот на светот.


Градот Ушуаја бил формиран од англиски мисионери, претставувал казнена колонија и поморска база за аргентинската морнарица. Поголемиот дел од раната историја на градот и неговата околина е опишана во книгата на Лукас Бриџис (Uttermost Part of the Earth, 1948). Името Ушуаја првпат се споменува во писмата и извештаите изготвени за Мисијата во Јужна Америка од страна на Англија. Британскиот мисионер В.Х. Стирлинг е првиот Европеец што престојувал со луѓето Јамана (Yámana) во Ушуаја се до средината на септември 1869-та година. Во 1870-та година британски мисионери започнале да го населуваат просторот. Во текот на 1880-тите, е воспоставена поделба во Ушуаја, а во 1885-та година градот е именуван како главен град на областа Огнена земја.


Во границите на својата област, Ушуаја е главен центар на стопанството, трговијата, културата и се смета за град со големо значење. Главните економски гранки се риболов, екстракција на природен гас и нафта, земјоделство и еко-туризам. Најголем дел од индустрискиот сектор припаѓа на енергетиката. Ушуаја, денес е главен туристички центар погоден за пешачење, зимски спортови и појдовна точка за патувања на Антарктикот.
Националниот парк Огнена Земја (Tierra del Fuego) се простира на југозападниот дел од областа Огнена Земја и се граничи со Чиле. Како национален парк бил прогласен во 1960-та година, а во 1966-та година бил проширен кон најјужниот дел на Патагонската шума, така што денес зафаќа површина од 63.000 хектари. Крајбрежните делови на националниот парк нудат можности за пешачење, искачување по карпи, риболов и кајакарење. Пејзажот на паркот се состои од големи заливи и мали плажи, обиколени од планински венеци и долини создадени од глацијална ерозија. Автентичнита флора и фауна се состои од ниска вегетација и локални птици, пингвини, фоки и орки. Во своите рамки опфаќа дел од самиот град како што се музејот на Јамана (Yámana), англиската и аргентинската колонизирана населба и познатиот затвор, денес музеј.
Каналот Бигл се протега во правец исток-запад, на должина од 240 km и ширина од 5 до 15 km. Истиот е именуван по британски бродот Бигл, со кој Чарлс Дарвин ја истражувал областа во периодот од 1833 до 1834-та година. Каналот го дели главниот остров на север од Наварино, Хосте и други помали острови на југ. Западниот крај на каналот се дели на два крака кои го заобиколуваат Исла Гордон. Источниот дел е составен дел на границата меѓу Чиле и Аргентина, додека западниот дел лежи целосно во рамките на Чиле. Трите острови во источниот крај на каналот, Пиктон, Нуева и Ленокс, биле предмет на територијален спор меѓу Чиле и Аргентина.


Инаку, во последните години, интересот за посета на Ушуаја, Огнена Земја и најблиските делови на Антарктикот, нагло се зголемува. На Балканот, па и во Македонија се појавија повеќе агенции и нивни претставништва, кои нудат 15-25 дневни аранжмани по цена од 1500 до 2500 евра по лице. Цената е висока, но и доживувањето е незаборавно и уникатно животно искуство.

Извори:
www.lonelyplanet.com/argentina/tierra-del-fuego/ushuaia
www.patagonia-argentina.com/en/ushuaia
www.nationalgeographicexpeditions.com/expeditions/buenoes-aires-bariloche-ushuaia-patagonia-tour/detail
Извор на фотографии:
sr.wikipedia.org/wiki/%D0%A3%D1%88%D1%83%D0%B0%D1%98%D0%B0
gotravelaz.com/ushuaia/
wikitravel.org/en/Tierra_del_Fuego_National_Park
www.viator.com/tours/Ushuaia/Tierra-del-Fuego-National-Park-Hike-and-Canoe-Tour/d933-5674USHTREK (15.11.2016)

Подготвила: Викторија Дамјаноска, дипломиран туризмолог
Институт за географија, Природно-математички факултет

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*