Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Бисерот на Порече: Споменик на природата „Слатински Извор“

Бисерот на Порече: Споменик на природата „Слатински Извор“

24.12.2016

Според природата што ја има, еден од најинтересните простори во Македонија е долината на Слатинска Река – левОвчарскаата притока на Треска. Се наоѓа во областа Порече и територијално припаѓа на општина Македонски Брод. До долината се стигнува на неколку начини: преку регионалниот пат Скопје – Гостивар – Кичево – Македонски Брод (во должина од 160 km); преку Велес – Прилеп – с.Слатина (во должина од 190 km) и од Скопје преку заштитеното подрачје Јасен (во должина од 84 km со дел на макадамски пат). Западната граница на Споменикот на природата „Слатински Извор“ е гребенот на планината Песјак (Јошков Камен, 1917 m), северната граница е ридот Баба, јужната граница е ридот Габер и источната е реката Треска. Во склоп на СП „Слатински Извор“ се наоѓаат населените места: село Слатина, село Горно Крушје и село Долно Крушје. СП „Слатински Извор“ припаѓа на 2 геотектонски единици: Пелагониски хорст антиклинориум и Западномакедонска зона. Првата тектонска единица се наоѓа во источниот дел од заштитеното подрачје и таа е изградена од доломитски мермери со прекамбриумска старост. Втората тектонска единица се наоѓа во западниот дел од подрајчето и е изградена од шкрилци со палеозоиска старост. Двете тектонски единици се одвоени со регионален расед, а во поширокото подрачје се евидентирани неколку покриени или „замаскирани“ раседи.

Најголемото богатство на СП „Слатински Извор“ се преубавите и големи пештери. Имено, овде се истражени 5 пештери: Горна слатинска, Слатинска 2, Пурало, Овчарска и Слатински Извор, најдолгата пештера во Македонија.

Пештерата Горна Слатинска е хоризонтална и претставува тунелска пештера, односно има влез и излез. Првиот влез е лоциран на 591 m надморска височина. Нејзината должина изнесува околу 400 m. Во оваа пештера во зимскиот период е забележана голема колонија на лилјаци.
Влезот на пештерата Слатинска 2 е на 589 m надморска висина. Пештерата Слатинска 2 е мала пештера со должина од 120 m која има само 1 пештерски канал.

pestera-slika
Влезот на Овчарска пештера е на 579 m надморска височина. Пештерските канали на Овчарска пештера се распоредени на 2 нивоа кои се поврзани со вертикала од околу 15 m. Во минатото влезниот дел на пештера служела како трло за чување на овци и поради тоа го има добиено името.
Влезот на пештерата Пурало 575 m надморска височина. Пештерата Пурало е на 2 нивоа кои се поврзани со вертикален канал во должина од 11 m, а вкупната должина на пештерата од 1,5 km. Во пониското пештерско ниво има помал речен тек.
Пештерата Слатински Извор е најдолгата пештера во Република Македонија со должина од дури 4 km. Нејзиниот влез е на 521 m надморска височина. Низ најголем дел од пештерските канали тече река, а на еден од влезовите од пештерата е формиран карстниот извор Слатински извор. На околу 1 km од влезот на пештерата има и мало пештерско езеро. Во оваа пештера, на околу 2 km од влезот на пештерата се евидентирани пештерски украси – корални сталактити кои единствено се јавуваат во оваа пештера. Врз основа на должината на пештерата, морфолошките и хидролошките карактеристики, пештерата Слатински Извор од 2004 година е на Привремената листа на УНЕСКО за светско природно наследство. Поради наведените одлики пештерата и нејзината околина се заштитени како споменик на природа наречен „Слатински Извор“.
На територијата на заштитеното подрачје покрај подземните карстни форми, интересен пејсажен амбиент претставуваат и површинските текови Слатинска Река, Крушевска и Марковска Река. На Марковска Река има и мал слап, кој е интересен за туристички посети. На територијата на СП „Слатински Извор“ се наоѓа и солен извор наречен соленица по кој и селото Слатина го има добиено своето име. Во минатото водата од изворот била користена за месење на леб па затоа изворот бил и чуван од страна на локалното население. Меловите претставуваат интересна релјефна форма која била изменета од страна на човекот, поради експлоатација на железна руда во минатото.

pestera-slika2

Управител на СП „Слатински Извор“ е Истражувачкото друштво “Урсус спелеос” – Скопје (ИДУС) кое е невладина организација формирана во 2001 година. Нејзината основна дејност е спелеологијата како интердисциплинарна наука, како и преземање на активности за грижа, унапредување и одржување на животната средина, поттикнување на иницијативи и активности кои придонесуваат за заштита, одржување и унапредување на животната средина, со посебен акцент на карстните подрачја. Во склопот на СП „Слатински Извор“ исто така функционира и Истражувачки центар кој служи како база за научни и спелеолошки истражувања на пештерите и природните убавини во регионот. Со таа цел посетите на пештерите во СП „Слатински Извор“ се со најавување поради заштита и спречување на неконтролиран влез и уништување на природното богатство.

slatina
Извори:
www.ursusspeleos.com.mk
https://www.facebook.com/pg/UrsusSpeleos/
Biljana Gichevski, Nova Gorica 2016: HYDROGEOLOGICAL AND SPELEOLOGICAL RESEARCH OF THE SPRING CAVE SLATINSKI IZVOR AND ITS RECHARGE AREA ( REPUBLIC OF MACEDONIA )
Билјана Петреска, Скопје 2007: Подземни карстни форми во поречкиот басен и нивна валоризација за потребите на просторното планирање.

Подготвил: Александар Стојаноски, насока ГИС

Оваа статија е прочитана 7921 пати!

Објавено од:

Од категорија: Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger