Во светски рамки, Македонија има умерени температурни екстреми

9.01.2017

жешко летоПоради положбата на Балканскиот Полуостров, во умерениот топлински појас и на растојание од околу 80-150 km од Егејско и Јадранско Море, Република Македонија се одликува со умерени температурни екстреми. Според досегашните мерења, најекстремните ниски и високи температури се во распон од -31,5°С (Берово) до 45,7°С (Демир Капија) или екстремна амплитуда од 77,2°С. Битола е температурно „најекстремен“ град во Македонија со најниска измерена температура од -31°С, а највисока од 41,2°С или разлика од 72,2°С. Најмали екстреми пак има Дојранското подрачје, каде најниската измерена температура била -13°С, а највисоката 43°С или разлика од само 56°С. Причината е отвореноста на југ кон Егејско Море и заграденоста на север од влијанијата на студени воздушни маси. Речиси сите држави на Балканот имаат слични или нешто поголеми екстремни температурни амплитуди. Исклучок се Албанија (-27°С до 43,9°С или 70,9°С) и европскиот дел на Турција (-24,2°С до 44,1°С или 68,3°С). Црна Гора има незначително помала амплитуда (-32°С до 44,8°С или 76,8°С), а хрватска незначително поголема амплитуда (од -34,6°С до 42,8°С или 77,4°С).
MaldiviВо светот има климатски неверојатно монотони места, каде разликата помеѓу најниската и највисоката измерена температура е многу мала. Во Европа таква е Малта (-1,0°С до 44,4°С или разлика од само 45,4°С). На островите Кирибати, екстремните забележани температури се во распон од само 17,3°С или помеѓу 18,3°С (најниска измерена во последните 120 години) и 35,6°С (највисока досега измерена). Речиси исто е на Малдивите, во Микронезија, Науру, Палау, Самоа и други тропски островски држави. Во текот на месеци и години, овде температурите ретко паѓаат под 20°С, а многу ретко одат и над 33°С. Во наведените држави дури и околното море е со температура од 24 и 30°С, а иста е и температурата во малите езерца, па и во низводниот дел на реките. За голем број туристи, ваквата клима со сосема мали промени во текот на денот и месеците (сезони воопшто нема или станува збор за малку посува и повлажна сезона) е многу пријатна, па често ги посетуваат како омилени дестинации.
Во светот има и места кои одат во друга крајност со многу високи екстремни амплитуди. Овде, тоа се главно пространи континентални подрачја кои studenoсилно се ладат преку зима, а се загреваат преку лето. Таква е внатрешноста на Турција, каде најниските зимски температури можат да паднат и до -45,6°С, а летните да се искачат до 48,6°С, што е разлика од 94,2°С. Слични екстреми имаат некои држави во Централна и Северна Европа (Швајцарија, Австрија, Чешка, Белорусија, Шведска и др.). Монголија има уште поголеми температурни екстреми (од -55,3°С до 44°С или 99,3°С), а максималниот екстрем во Канада достигнува 107,8°С (-62,8°С до 45°С). Уште повисок екстрем има Русија, каде најниската измерена температура е -71,2°С, највисоката 45,4°С, а разликата дури 116,6°С. Сепак, како држва, рекордот го држи САД, со најниска измерена температура од -62,2°С (Алјаска), а највисока од 56,7°С (Долина на смртта) или разлика од 118,9°С.
Значи, според температурните екстреми, Македонија е во некоја „златна средина“ помеѓу тропската монотонија и континентално-субполарните ултра-екстреми.

Листата на температурните екстреми по држави, можете да ја видите овде.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5153 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.