Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема » Неформални „диви“ населби и нивната генеза во пост-социјалистичките градови на југоисточна Европа

Неформални „диви“ населби и нивната генеза во пост-социјалистичките градови на југоисточна Европа

17.01.2017

Поимот неформални населби се однесува на населбите кои имаат нерегулиран правен статус, како од аспект на просторно и урбанистичко планирање, така и од аспект на имотно-правна основа, без практично постоење на формална правна рамка за нивната појава. Најчесто меѓу народот се користи терминот „диви“ населби, или „сламови“ кои претставуваат крајно лоша состојба на истите.
Неформалните „диви“ населби се констатирани како компонента на урбаниот пејзаж во речиси сите земји во развој, во периодот од изминативе 50 години. Во регионите со нерамномерен развој предизвикан најчесто од воени конфликти, но и од проблеми на општествениот и економскиот развој, неформалните населби стануваат доминантна појава до степен на преовладување над формалните. Не е ретка ситуацијата на паралелно коегзистирање на формални и неформални населби поставени непосредно едни до други.

Дива населба „Средорек“ во Куманово

Дива населба „Средорек“ во Куманово

Нема утврдена јасна дефиниција за поимот неформална населба, поради што во литературата се појавуваат различни толкувања и критериуми за оваа појава. Ситис Алајанс (Cities Alliance, 2000) ги дефинира како запуштени делови од градовите во кои условите за живеење се многу лоши. Неформалните „диви“ населби или „сламовите“ се појавуваат во различни форми, можат да варираат од состојби со голема густина, сиромашни делови на централни градски јадра во разурнати стари објекти, до спонтано создадени населби без правен статус положени на рабовите на градовите. Всушност, како „слам“ може да се дефинира било кој реон кој ги исполнува следните шест критериуми: 1. недостаток на основни услуги; 2. несоодветни градежни објекти; 3. пренаселеност; 4. нездрави и опасни услови; 5. несигурни услови за престој/незагарантиран закуп, ранливост; 6. сиромаштија и ексклузија. Во овој контекст ранливоста е засилена од ситуација на оневозможени услови за образование, за пристап до медицинска заштита и други јавни сервиси, што резултира до физичка и правна маргинализација на населбите од формалните градски структури.
Неформалните населби во пост-социјалистичките градови на југоисточна Европа претставуваат различни манифестации на процесите на трансформација на пост-социјалистичките системи, чија состојба е влошена од недостатокот на урбанистичко планирање и ефективно спроведување на урбанистичките планови. Процесите на легализација и интеграција на неформалите населби и можностите овие сегменти да се трансформираат во одржливи соседства се актуелен предизвик во просторното и урбанистичко планирање во југоисточна Европа.

Неформална „дива“ населба Баторе во Албанија

Неформална „дива“ населба Баторе во Албанија

Трансформацијата на пост-социјалистичките градови ја истражуваат и Хамилтон, Димитровска-Ендрус и Пиклер-Милановиќ. Во нивните анализи изнесуваат дека просторно-структурните и функционални карактеристики на матриците на трансформација на градовите се под влијание на „моќта на минатото“ и директно зависни од пред-социјалистичкиот индивидуален контекст, како и наследството од социјалистичкиот период. Констатираат дека постојните матрици на интеграција се одраз на најмалку три фактори на влијанија: историско наследство пред втората светска војна; наследството од социјалистичкиот период од 50-тите до крајот на 80-тите и отварањето на градовите кон европските и глобалните сили во пост-социјалистичкиот период од крајот на 80-тите па наваму.

Калуѓерица, периферијата на Белград

Калуѓерица, периферијата на Белград

Ценкова (Tsenkova, 2012) во своите истражувања на оваа тема ги потенцира искуствата на пет главни градови во регионот: Тирана, Белград, Сараево, Подгорица и Скопје, каде манифестацијата на неформалните населби е доминантна. „Дивите“ населби во овој регион рапидно се зголемуваат во 90-тите години на минатиот век, со прифаќање на илјадници економски мигранти, бегалци, внатрешно раселени лица и сл. Збирниот ефект на факторите на влијание во оваа ситуација ги разобличи пост-социјалистичките градови и го продлабочи јазот на економски, социјални и просторни разлики на засегнатиот регион и соседните Европски земји.
За да се лоцираат проблемите во неформалните населби потребно е најпрвин да се разберат движечките сили кои придонесуваат за нивниот развој, како и да се препознаат системските проблеми предизвикани од неефикасното урбанистичко планирање и управување со земјиштето (The World Bank, 2007). Главниот причинител на овој феномен е всушност збирна реакција на тројната транзиција кон демократски систем, пазарна економија и децентрализирана управа, засилена со воените конфликти во регионот. И покрај значењето и актуелноста на оваа тема, нема многу истражувања на клучните двигатели на појавата на ваквата просторна трансформација, ниту пак обиди да се компарираат можни солуции за неформалната градба и нивните ограничувања. Основната констатација на истражувањето на Ценкова е потребата од ново стратешко урбанистичко планирање, со дефиниран акциски план за ефективно управување со интеграцијата на неформалните населби во југоисточна Европа. Дилемите околу урбанистичкото планирање во пост-социјалистичките градови се генерираат од конфликтот помеѓу сеопфатното и парцијалното планирање, централното наспроти децентрализираното одлучување, пристапот од горе-кон долу наспроти од долу кон горе, како и интервентно наспроти претприемачки, пазарно ориентирано делување. Урбанистичкото планирање во контекст на транзицијата во пост-социјалистичките земји не претставува само едноставна имитација на системите од западно европските земји, туку обид за трансформација на планерските институции во новата економска поставеност (Stark and Bruszt, 1998).

Неформална „дива“ населба Злокуќани во Скопје

Неформална „дива“ населба Злокуќани во Скопје

Оваа комплексност на околностите создава уникатни предизвици во полето на просторното планирање, особено во регионите со турбулентна транзиција кон пазарна економија, демократски систем и децентрализирана управа. Споредено со останатите делови на источна Европа, во југоисточна Европа економската криза беше подлабока, со висок процент на невработеност и сиромаштија, со голема политичка нестабилност, со сериозни удари од граѓански воени конфликти, кризи со бегалци и пролонгиран институционален и правен вакуум. Во еден ваков контекст на масивни владини штедења, фискална децентрализација и недостаток на фондови во локалната самоуправа, урбанистичкото планирање е запоставено, а планерските институции се борат да ја редефинираат сопствената улога во новиот економски, политички и институционален пејзаж. Реформите во доменот на просторното и урбанистичкото планирање започнуваат една декада по падот на социјалистичките режими, под околности во кои се става акцент на приватните претприемачи на сметка на планирањето. Овој пристап неуспева да одговори на економските, социјалните и политички промени, воведени од тројната транзиција кон пазарната економија, демократски систем и децентрализирана управа и создава специфичен амбиент на слабост во пост-социјалистичките градови. Во вакви услови неформалните населби доживуваат сигнификантен развој, до степен на реобликување на урбаниот пејзаж.
Овие трендови се присутни во Албанија, земјите од поранешна Југославија, Романија, Бугарија и другите источно-европски земји, сите со свои специфичности. Неформалните населби во многу делови на регионот создаваат слика на сиромаштија, исклученост и очај, иако има и примери што отстапуваат од оваа матрица.

Извори:
Altrock U, Guntner S, Huning S, Peters D (Eds.) (2006) Spatial planning and urban development in the new EU member states: From adjustment to reinvention. Aldershot, UK: Ashgate
Cities Alliance (2000) “Making cities work for all: global action plan for city development strategies”. www.citiesalliance.org/fukuoka.nsf/Attachments/CDS_ActionPlan/$file/ActionPlandraft.June7.pdf
Gabriel B (2007) Informal settlements in SEE — a regional support approach. Paper presented at the FIG Commission 3 Workshop “Informal Settlements — Real Estate Markets Needs Related to Good Land Administration and Planning.” Athens (28-31 March)
Hamilton F, Dimitrovska-Andrews K, Pishler-Milanovich N (Eds.) (2005) Transformation of cities in Central and Eastern Europe. Tokyo: UN University Press
Hirt S, Stanilov K (2009) Twenty years of transition: The evolution of urban planning in Eastern Europe and the former Soviet Union, 1989-2009. Nairobi, Kenya: UN-HABITAT
UN-HABITAT (2003) The Challenge of Slums, Global Report on Human Settlements 2003, Earthscan, London
Tsenkova S (2008) The comeback of post-socialist cities. Urban Research and Practice 1(3):291-310
Tsenkova S (2012) Urban planning and informal cities in South East Europe. Journal of Architectural and Planning Research 29:4 (Winter 2012)
The World Bank (2007) World Bank responses to the problem of informal development: Current projectsand future action. Paper presented at the FIG Commission 3 Workshop “Informal Settlements—RealEstateMarketsNeedsRelatedtoGoodLandAdministrationandPlanning.”Athens(28-31March)

Автор: м-р Маја Лазаревска

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*