Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » ВРЕДНОСТА НА АЛШАР

ВРЕДНОСТА НА АЛШАР

Подрачјето Алшар се наоѓа во крајниот јужен дел на Република Македонија, на околу 40 кm јужно од Кавадарци. Ги зафаќа источните падини на планината Козјак, а пак на исток просторот е ограничен со крајните западни ограноци на планината Кожуф. Средишниот дел на областа е расчленет со Мајданска Река.

Денешното име на рудникот Алшар е кратенка од првите букви на имињата на луѓето што управувале со него во првата половина на XX век, а тие се Алатини кој бил банкар и сопственик на концесијата и Шарто кој бил рударски инженер и работел во рудникот. Порано рудникот бил познат по името Мајдан кој што значи рудник на турски.

Главните одлики на вулканизмот на планината Кожуф се: продукцијата на големи количини на лава со кално-алкален карактер, голема количина на пирокластични карпи со појава на туфови, игнимбрити, агломерати и вулкански стакла, голема хидротермална фаза за која се поврзани многубројни полиметалични минерализации (Cu-Pb-Zn-Au, Tl-As-Sb-Ba) и поствулкански појави (термо-минерални води).

Како резултат на тоа во рудникот Алшар досега се регистрирани 44 минерали, од кои, 21 им припаѓаат на група сулфиди и сулфосоли, 7 се оксиди, 3 карбонати, 8 сулфати, 4 арсенати и 1 молибден. Алшар во светски рамки е особено значаен локалитет по бројноста на досега утврдени минерали на талиум.

Во 1986 година, тогашната југословенска власт го почнала проектот “Лорекс” во кои биле вклучени десетина научни институции од Словенија, Хрватска и Македонија. По распадот на СФРЈ сите активности биле прекинати. После неколку години проектот бил продолжен. Како негови наследници се Австрија, Германија и Македонија. Целта на наследниците е иста како и на основачите. Со помош на талиумовиот минерал лорандит да откријат како Сонцето ја генерира својата енергија и може ли човекот по тој пример да создаде идентичен еколошки регенерирачки извор на енергија, која ќе ги замени досегашните на кои работи човештвото. Научниците од трите земји сега го отврдуваат степенот на ерозија на земјиштето, која се одвивала во изминатите пет милиони години откако е формиран рудникот. Од влијанијата на ерозијата зависи колку лорандитот од Алшар ќе биде употреблив материјал за понатамошните истражувања. Досегашните истражувања покажаа дека рудникот Алшар располага со квалитетен материјал за анализа.

Република Македонија треба да се залага да ги врши и финансира вадењето и екстракцијата (одвојувањето) на лорандитот од јаловината. Како нејзини претставници на овој проект се: проф. д-р. Блажо Боев од Рударски факултет, проф. д-р. Трајче Стафилов од Институтот за хемија и проф. д-р. Доне Гершановски од Институтот за физика.

Во меѓународни рамки познат е по раритетното присуство на многубројни минерали, локалитет Алшар, како објект на природата е вклучен во списокот на Corine биотопи во 2000 година. Локалитетот е идентификуван како значајно растително подрачје (IPA) и е предложено негово вклучување на Емералд мрежата на подрачја од посебен интерес за зачувување.

Рудникот Алшар изминатите години е под заштита на државата и под Министерството за животна средина и просторно планирање и тоа како споменик на природата. На иницијатива на Владата, а по препорака на бројни научници од оваа сфера покренета е постапка рудникот да се репрогласи, односно да се стави во функција и со тоа да стартува експлоатацијата на металите, но не и на минералите.

Автор:  Анита Тодорова

Оваа статија е прочитана 4933 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести · Tags: , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger