Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Викенд предлог, По Светот, Природник... » Од убавините на Балканот издвојуваме: Кањон Росомачки Лонци

Од убавините на Балканот издвојуваме: Кањон Росомачки Лонци

13.12.2017

Росомаче е кањон лоциран во Стара Планина. Стара Планина се наоѓа во источниот дел на Република Србија.

Стара Планина претставува вистински остров со природно богатство. Оваа планина е прогласена за Парк на природата во 1997 година.

Оваа планинска убавина е област со исклучителни вредности од аспект на разновидноста на флората и фауната и нивните заедници, како и геоморфолошки, геолошки, хидролошки и хидрогеолошки карактеристики, во кои постои традиционална форма на живот и културни добра.

Росомачки Лонци е еден од називите за кањонот Росомаче, река која се наоѓа во источниот дел на Србија, на Стара Планина, недалеку од селото Славиња, на околу 30 km од Пирот.

Она што го прави посебен овој локалитет, е неговиот необичен изглед. Се работи за слоевитите карпи од црвен камен на кањонот, во кои има проширувања, кои изгледаат како садови и лонци, од каде и потекнува самото име Росомачки Лонци.

Садовите, односно, лонците произлегуваат од карактеристичниот процес на вертикална флувијална ерозија. Тие се наоѓаат на места каде реката одеднаш паѓа од каскадата во коритото, а поради големата кинетичка енергија на водата, дел од коритото се влече веднаш зад каскадата. Ширината на овие садови може да биде со дијаметар до 4 m.

Посета на кањонот Росомаче е најдобро доколку се организира во летните месеци и раната есен. Движењето е едноставно, на терен изграден од карпеста рамнина и опфатено со вегетација (трева и грмушки). Во близина на кањонот има живописни стари риболовни села кои можат да бидат од интерес за посетителите. Најдобар поглед на кањонот Росомаче е од левиот раб, кој лесно се постигнува со качување без многу напор.

Непосредно пред влезот во кањонот има стара воденица која се прилагодува на необичниот пејзаж. Тоа е идеално место за кампување. Од ова место до кањонот има околу 50 m. За да се стигне до самиот кањон најпрепорачливо е движење по текот на реката, бидејќи тоа е најпристапниот пат.Главна атракција е самиот кањон, кој уште е познат како Славињнски лонци и Росомачко грло. Карпите се флексибилни, така што качувањето е многу едноставно и не е потребна никаква вештина ниту кондиција. Кога ќе се искачите ќе наидете на тревно плато, кое претставува ивица на кањонот. По него можете да одите се до местото каде што почнува кањонот.

Во селото Славиња интересна е и старата црква „Св. Ѓорѓија“, подигната во XVI век. Живописот е од 1844 година, но црквата е во многу лоша состојба.

Постои можност за сместување во блиското село Височка Ржана, во приватни камени куќи.

Иако овој кањон не е доволно туристички испромовиран, сепак има голем број на планинарски друштва, туристички агенции и спелеолошки друштва кои организираат тури до самиот кањон. Промовирањето на кањонот, како и веќе постоечкиот селски туризам во овој предел значително може да придонесат за развојот на туризмот.

Извори:

www.jpstaraplanina.rs
www.klubputnika.org
www.serbianoutdoor.com
www.serbia.com
www.srbijuvolimo.rs

Изработи: Виктор Блажевски

Корекција: Билјана Бабаноска

Оваа статија е прочитана 4480 пати!

Објавено од:

Од категорија: Викенд предлог, По Светот, Природник... · Tags: , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger